Кој во Сирија е добар, кој е лош, а кој е зол?

15.12.2016 03:31
Кој во Сирија е добар, кој е лош, а кој е зол?

ОН известуваат дека про-владините сили влегуваат во домовите на цивилите во источниот дел од Алепо и веднаш ги убиваат, вклучувајќи жени и деца.

Нивниот гласноговорник изјави дека изгледа дошло до целосен распад на човечноста во Алепо.

На социјалните мрежи се шири коментарот на Шојаб Монина, кој се осврна на состојбата во градот, а кој во продолжение го пренесуваме во целост.

„Во случај да не знаете што се случува на Блискиот исток...

Претседателот Асад (лошиот) е гаден тип кој стана толку гаден што неговите луѓе се бунтуваа, а бунтовниците (добрите) почнаа да победуваат (Ура!).

Но, тогаш некои од бунтовниците станаа гадни и сега се нарекуваат Исламска држава (тие дефинитивно се лошите!), а некои продолжија да ја поддржуваат демократијата (тие сè уште се добри).

Американците (за кои е дискутабилно дали се добри) почнаа да ја бомбардираат Исламската држава (лошата) и да ги вооружуваат сириските бунтовници (добрите) за да можат да се борат против Асад (кој сè уште е лош), што беше добро“.

Одметнатата држава на Курдите на северот

„Патем, на северот е одменатата држава што ја водат Курдите кои сакаат да се борат против ИД (што е добро), но турските власти мислат дека тие се лоши, така што мора да кажеме дека се лоши додека во себе мислиме дека се добри и им даваме оружје за борба против ИД (што е добро), но тоа е сосема друга приказна.

Назад кон Сирија.

Претседателот Путин (кој е лош зашто изврши инвазија на Крим и Украина и уби многу луѓе, вклучувајќи го и оној драг Русин во Лондон со суши затруени со полониум) одлучи да го поддржи Асад (кој сè уште е лошиот) така што ја нападна ИД (кои исто така се лоши), а тоа донекаде е добро?

Но, Путин (сè уште е лош) мисли дека и сириските бунтовници (добрите) се лоши и ги бомбардира и нив, а тоа им пречи на Американците (добрите) кои ги вооружуваат и поддржуваат бунтовниците (кои исто така се добри).

Иран (кој претходно беше лош, но бидејќи се согласија да не произведуваат нуклеарни оружја и да не го бомбардираат Израел, сега се добри) со копнена војска ќе го поддржат Асад (сè уште лошиот), исто како и Русите (лошите) кои сега во Сирија имаат авиони и копнена војска.

Коалицијата која се состои од Асад (сè уште е лош), Путин (екстра лош) и Иранците (добри, но на лош начин) ќе ја нападнат ИД (лошата) што е добро, но и сириските бунтовници (добрите) што е лошо.

Сега, Британците (очигледно добри, освен оној господин Корбин во сако од сомот; тој веројатно е лош) и Американците (исто така добри) не можат да го нападнат Асад (сè уште е лош) заради страв да не ги вознемират Путин (лошиот) и Иран (добар/лош) и сега мораат да прифатат дека Асад можеби и не е толку лош во споредба со ИД (која е супер лоша)“.

Асад (лошиот) сега веројатно е добар, зашто е подобар од ИД (но, да бидеме реални, пиењето на сопствената урина е подобро од ИД, така што тоа баш и не е некаков избор) и зашто Путин и Иран се борат против ИД, тоа сега би можело да ги направи добри. На Америка (сè уште е добра) ќе ѝ биде тешко да ги вооружува бунтовниците што ги напаѓаат Русите од страв да не го вознемират господинот Путин (сега е добар) и оној пристојно луд Ајатолах во Иран (исто така добар) да може да каже дека бунтовниците сега се лоши или барем да ги остави на судбината. Тоа ќе ги натера повеќето од нив да побегнат во Турција и понатаму во Европа или да ѝ се придружат на ИД (и понатаму константно лоша).

За Сунитите, нападот на шиитите (Асад и Иран) кои ги поддржуваат Русите ќе биде сфатено како еден вид света војна, па ИД на сунитите ќе им изгледаат како единствени џихадисти кои се борат во светата војна и голем број муслимани сега на ИД ќе гледаат како добри (се разбира).

Недостатокот на поддршка за своите бунтовнички браќа од страна на Американците и Британија, Сунитите ќе го гледаат како еден вид предавство (можеби се во право) и нас ќе нè гледаат како лоши.

Сега ја имаме Америка (сега е лоша) и Британија (исто така лоша) која донекаде ги поддржува сунитските бунтовници (лошите), од кои многумина бараат поддршка од ИД (лошите) против Асад (сега е добар) кој заедно со Иран (исто така добар) и Путин (исто така, неверојатно, добар) се обидуваат да ја заземат земјата која ја водеше Асад пред да започне сето ова?

Еве, сега кога разбирате сè, добивте одговор на сите прашања“.

Извор: http://www.6yka.com