Силно светнал ден!

16.12.2016 02:58
Силно светнал ден!

За малку ќе имавме чиста победа! За многу, многу малку! И еднаш засекогаш овие наши криминалци од власта ќе ги испратевме во историјата (односно да чекаат ред за судска разрешница во правец кон Идризово). А вака, уште (некое време) ќе треба да ги гледаме тие нивни фаци. Сите сме веќе алергични на тие нивни фаци! Дали со приговорите поднесени од СДСМ и Коалицијата за живот и Беса до ДИК ќе се направи корекција во конечниот исход на овие избори?

Како и да е, на 11 декември се случи ГОЛЕМА ПОБЕДА во Македонија! Победа над режимот!

Таа победа се случи, пред сè, благодарение на тоа што СДСМ и Коалицијата за живот се отворија за прогресивните сили во Македонија. На пример, ги отворија вратите за експертите од невладините организации кои со своите експертизи имаат многу што да понудат за да се започне со вистински реформи во општеството. Треба да се продолжи да се следи тој позитивен курс на отворање кон сета интелегенција која на некој начин сака да придонесе со својата стручност и знаење. Таа коалициска платформа го одразува новиот дух кој се ослободи со овие историски избори. Уште повеќе, нивните штабови треба да се претворат во места во кои ќе се вкрстуваат нови идеи, места за вистинска дебата, каде што отворено ќе се разговара за сите проблеми и со цел да се дојде до ефикасни решенија.

Големото прекршување се случи, и сега веќе се одвива она што аналитичарите го нарекоа „дисконтинуитет“. Нов почеток, но, секако, само втемелен на паметот кој ни доаѓа од грешките што ги направивме во изминатите 25 години, за никогаш повеќе да не ги повториме. Сега целото раководство на Коалицијата за живот може потполно да се посветi на прогресивните струи, а тоа нема да им претставува потешкотија бидејќи со оваа победа се издигнаа на едно повисоко рамниште.

Но, од друга страна, или на другиот крај на нашата стварност, е проблемот како да се надмине големата поделеност во општеството која е евидентна. Бидејќи и покрај обвиненијата за тешки кривични дела кои СЈО ги покрена против врхушката на ВМРО-ДПМНЕ, тие не ја изгубија поддршката од 450 илјади гласачи. И да не бидеме наивни: ова нивно „верно до смрт“ гласачко тело не го сочинува само најсиромашниот слој кутри луѓе кои се борат за својата каква-таква егзистенција или само пензионери, туку и голем процент на образовани луѓе кои не сакаат да ги изгубат фотелјите по македонските амбасади, работните места во државната администрација или кои уживаат други привилегии од оваа власт. Сепак, тоа е профил на луѓе со силен култ кон „крвта и почвата“ (С. Слапшак), но , само и единствено во комбинација со култот кон клиентелизмот и конформизмот! Бидејќи национализмот не мора да биде само негативен: многу луѓе вистински ја сакаат својата земја и својата нација и се позитивни националисти, оти, за разлика од оние другите, тие се вложуваат себеси за општото добро, имаат развиено чувство за заедништво, за емпатија и љубов кон другиот и така се посветени за напредокот на заедницата. Не се посветени на себични и користољубиви цели. Не ја цицаат државата, земјата и својата нација, така мотивирани само од личен профит. Не знам колкав е бројот на луѓето за кои општото добро е побитно од личното добро. Според проф. Малески многу бил мал бројот на таквите луѓе. Но, отсега натаму можеби нивниот број ќе расте, оти тоа ќе биде последица на напредокот, односно прогресот ќе биде резултат на зголемениот број такви широки и благородни личности. Клучната негативна особина или компонента која ја прави разлика меѓу лошиот национализам и добриот е алчноста, но и незнаењето, примитивноста, предрасудите и глупоста.

Сепак, силно светна ден денес во Македонија!

Треба да сме радосни, не тажни по 11 декември и да продолжиме со позитивната енергија, со љубовта кон земјата и нацијата. Мислам дека сега се раѓа вистинско чувство за нација кај луѓето, граѓаните на Македонија кои без разлика на каква било припадност, ја сакаат оваа земја и ја чувствуваат како своја.

Љубовта кон земјата треба да се негува, да се развива, за да се привлечат и нашите сонародници, луѓето од дијаспората, да се вратат и повторно да се чувствуваат тука како дома, а бидејќи САКААТ ДОМА ДА ЖИВЕАТ, тука да го дадат најдоброто од себе. Но, за да инвестираат во оваа земја, дали со финансиски или умствен капитал, потребно е да се создадат поволни услови, значи стабилни институции, мир, амбиент кој ќе поттикнува креативност. Така секој од нас градејќи ја Визијата за нашата Земја најдобро што може и на свој сопствен начин да го вложи својот труд, својата РАБОТА, за оваа земја да ја преобразиме во убаво место за живеење, место со автентичен дух и душа. Тоа ќе биде Земја која еден ден и други луѓе ќе сакаат да ја посетат за да уживаат во нејзините специфични убавини.

Во убавините и на природата и на духот подеднакво.

Слика: Татјана Миљовска