Денот на ДИК и ноќта на ножеви и погреби

16.12.2016 16:43
Денот на ДИК и ноќта на ножеви и погреби

Вчера ДИК одби седум приговори на БЕСА и три на СДСМ. За последниот на БЕСА се чекаат резултати од графолошко вештачење, а ДИК ќе продолжи да расправа по останатите приговори на СДСМ. Седницата вчера ја обележаа повеќе апсурдности.

Прво, секое барање за јавен увид во избирачкиот материјал наидуваше на жесток отпор од страна на претставниците на ДПМНЕ, Бонева и Срцев, како и „независниот експерт“ по предлог на ДПМНЕ, Урумов. Нервозата и отпорот кулминираа кога ДИК одобри графолошко вештачење на потписот на една жена на која наводно ѝ било повредено правото на глас (тврди дека некој гласал во нејзино име пред неа). Второ, на социјалните мрежи се појавија фотографии од две лица за кои се тврди дека се адвокати на ДПМНЕ и фамилијата и дека цело време им давале инструкции на членовите на ДИК како да постапуваат. Ова во корен ја поткопува и онака слабата професионалност и независност на ДИК како институција (со исклучок на солиден дел од останатите членови), а треба да се размисли и за одговорност кај инволвираните лица. И трето, претставниците на ДПМНЕ ја користеа секоја прилика да добијат време и да го развлечат процесот. Започнувајќи од бескрајното читање членови и „искуствата од обуките“ на Срцев, завршувајќи со караниците кои ги започнуваше Бонева секогаш кога ќе ѝ затребаше пауза.

Но, уште позагрижувачки е тоа што се случуваше надвор, пред канцелариите на ДИК. Од вчера „спонтаните протести во одбрана на демократијата“ официјално се партиски. Партијата вчера донесе околу илјада лица да протестираат додека ДИК постапува по приговорите. На протестот говореа Антонио Милошоски, Илија Димовски, Влатко Ѓорчев, Амди Бајрам, Валентина Божиновска и многу други функционери на ДПМНЕ и на неговите коалициски партнери. Накратко, ноќта беше исполнета со повици на одбрана од нешто недефинирано, ама многу опасно – и се разбира, олицетворено во Заев, опозицијата, странците, соросоидите, ДИК, службите, Албанците, муслиманите – сите кои не се тие.

Ѓорчев прашуваше како е можно ДИК да се осмели да побара вештачење, Филип Петровски го „поздрави“ Бејли, а Божиновска на присутните им кажа дека ова е ноќ на ножевите. Инаку, божиновска е Директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Сите говорници порачуваа дека трпението на македонскиот народ е при крај. На социјалните мрежи имаше јавни повици за линч со објавување на адресите на живеење на таргетираните лица. Но сепак, главната награда повторно ја освои Амди Бајрам, кој од протестот му порача на Заев дека погребот му е блиску.

Ова се последните карти во раката на Груевски. Кога си велевме дека ќе стори сè за да остане на власт, мислевме токму на ова. Да се разбереме, не велам дека Груевски ќе направи посериозен конфликт. Велам дека постојано ќе ја одржува тензијата на граница од конфликт. Бидејќи тоа му е единствен начин да остане на власт.

Груевски знае дека без оглед на приговорите пред ДИК, тој нема да формира влада. ДУИ нема да коалицира со него, тоа би било политичко самоубиство. Веќе неколку членови јавно изјавија дека ќе преминат во некоја од другите партии доколку се случи тоа. Сега Груевски намерно ја крева тензијата за да бара да биде дел од новата власт, бидејќи „гневот кај народот е голем“. Затоа вчера цела партија сееше омраза пред ДИК, а тој денес се појави на Суд како чесен граѓанин (се разбира, прв пат се појави на Суд во првата прилика ПО изборите). За да остане што е можно почист после целиов хаос и да се прави спасител на луѓето кои тој ги раскрви.

За крај, сакам уште еднаш да ги замолам СИТЕ да се воздржат од какво било насилство. Наводно, завчера бил претепан 68-годишен човек поради тоа што велел дека опозицијата е виновна за ситуацијата. Доколку ова е вистина, тоа е подеднакво одвратно како и бројните нивни напади врз активисти, новинари, членови на опозицијата, маргинализирани групи итн.

Нашата најголема сила е што никогаш не станавме како нив, што никогаш не влеговме во нивниот ментален склоп каде проблемите се решаваат со крв. Ние не повикуваме на убивање и чистење на непријателите. Ние не повикуваме на финална пресметка со наши сограѓани и на фрлање бетонски плочи врз нив.

Не. Ние повикуваме на правда и правна држава. На еднаквост. На слобода.

И ќе продолжиме да се однесуваме така.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар Дојранлиев