1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Оваа година, ќе се сетиме, љубоморен маж влезе во некое војводинско место со автоматска пушка во еден клуб и уби повеќе лица, меѓу останатите и својата поранешна сопруга. Се испостави подоцна дека злосторството можело да се спречи ако соодветните служби - од социјалните до полицијата, вклучувајќи го веројатно и обвинителството - си ја работеле својата работа како што треба, то ест онака како што е пропишано.
Никакви заколнувања на бескомпромисна пресметка со насилниците не беа потребни овде, доволно беше да се испита одговорноста на државните службеници и со тоа да се испрати јасна порака дека во иднина ќе мора да се работи според правилата.
А потоа нова трагедија - три момчиња неколку часа по полноќ убија човек кој спиел на улица. Веста вели дека момчињата имале 12 односно 13 години, а дека човекот бил бездомник и имал 64 години. Се вели и дека човекот бил пијан, поради што веројатно не се разбудил навреме, кога момчињата - зашто така им дошло, како што велат - фрлиле врз него запален весник. На крајот на првите вести, стоеше и коментар дека момчињата на таа возраст не можат да одговараат кривично, ниту против нив можат да се применат мерки на присила.
Само еден ден подоцна дознаваме дека се води истрага, дека се испитува дали соодветните служби повторно потфрлиле. Здравиот разум пак кажува - зарем е потребна истрага за да се утврди тоа, зарем работите не се очигледни?
Постои добра причина зошто децата не можат да одговараат пред суд ниту да сносат целосна одговроност за своите постапки. Тие не го можат тоа затоа што едноставно не се доволно зрели, а тоа значи дека не се во состојба во секој миг да ги земат предвид сите можни последици од своите дела. Кога момчето ќе каже - не знам зошто го направив тоа, така ми дојде, но немав намера да усмртам некого, треба да му се верува. Во тие години тоа како и неговите врсници тешко може да има полна свест за своето однесување. Но, зошто постојат установи кои треба да ги оспособат децата да ги пресметаат сите можи последици во своето однесување, да ги проценат морално и во склад со таа проценка и да постапат?
Една таква установа е училиштето. Некој сега би можел да помисли дека децата во училиштето би морале пред сè да научат дека немаат што да бараат на улица неколку часа по полноќ. Но, тоа можеби не е најважната лекција, барем не кога зборуваме за конкретниов слиучај. На децата прво треба да им се објасни зошто во нашите места постојат луѓе кои живеат на улица. Работата не е само во та што трите момчиња без јасна свест за своето однесување биле на улица по полноќ; кај нас има сè повеќе луѓе кои живеат на улица. Тоа што човек од 64 години лежел и спиел пијан на улица не значи нужно дека бил пијаница или дека не заслужил подобро. Кога сте на улица на температура под нулата, алкохолот ви помага барем малку да се згреете.
Да се обидеме да го замислиме домашниот образовен (и социјален) систем од аголот на личноста приморана да живее на улица. На кој начин системот одговара на таквата егзистенција? Што можат да научат децата во нашите училишта за тие луѓе и дали воопшто треба да учат нешто за нив? Да речеме - дека е недозволиво општеството да не се грижи за тие луѓе. И понатаму - дека е лошо општеството кое ги брка луѓето на улица. Конечно - дека животите на луѓето кои живеат на улица се подеднакво вредни како и животите на нивните сограѓани кои не се нашле на улица. Како такви, значи, како морално еднакви, тие имаат право на тоа општеството да се грижи за нив. Да имале барем една таква лекција на училиште, можеби момчињата поинаку би ја процениле ситуацијата и не би одлучиле да фрлат запален весник?
Сè се тоа шпекулации, секако. На крајот, не се случува секој ден таква несреќа. Но, слични несреќи се случуваат сè почесто. Конкретниов случај поттикнува на понатамошни шпекулации. Едно од трите момчиња, дознавме од вестите, е штитеник на Домот за деца без родителска грижа. Каква перспектива има тоа момче? Дали општеството му дава еднакви шанси како и на децата со родителска грижа (а ни тие деца немаат еднакви шанси)? Дали тој во бездомникот го видел сопствениот живот пред себе? Дали некој на тоа дете му објаснил дека неговиот живот е подеднакво вреден како и животите на неговите врсници, и затоа има право на еднакви шанси како и тие? Или бездомникот е всушност слика на иднината која е пред него?
Да го кажеме тоа и вака: каква порака им испраќаме на децата кога дозволуваме луѓе да бидат исфрлени или отфрлени да живеат на улица? Рамнодушноста кон бездомниците и фрлањето запален весник врз нив не се многу далеку. Момчињата доведоа една лоша порака до нејзиниот буквален, трагичен крај. Еден живот е изгубен, а три животи се потенцијално уништени. Да се инсистира сега на остри казни за момчињата или нивните родители, значи да се сокрие вистината за системот во кој момчињата растат. Сситемот не чини и мора да се менува. Но, од менувањето на еден лош и неодговорен систем многу е поедноставно да се згрозуваме над постапките чии последици се конечни и да се правиме дека ништо не може да се направи во врска со тоа.
Извор: Peščanik, 16.12.2016.
Постери: Abbé Pierre Foundation („Имаат минато, да им помогнеме да си ја најдат иднината“)