Самракот на бегалците

19.12.2016 01:35
Самракот на бегалците

ФУДБАЛ

Голема река е политиката.
Нашите села од неа раздвоени.
О, војници!
Спуштете го оружјето,
оставете ги радио-станиците...
Не ви требаат лисиците, врескањето, ниту заседите,
Ние немаме ништо со вас.
Топката ни падна отаде,
би сакале по неа преку реката,
Жалосна река е политиката.

 

САМРАКОТ НА БЕГАЛЦИТЕ

Сонцето сигурно
штотуку потонало зад брдото.
Облаците
сигурно
сè уште се облаци.
Ветерот е сè уште ветер.
Семејствата сè уште се семејства.
Звуците од веселбата,
танцот, песната и стаклото од скршените чаши.
Секој миг нова експлозија од смеа.
Тоа се луѓето.
Тоа е радоста.

Јас, со срце големо,
во потпалубјето,
или под церадата на камионот,
ја преминувам границата.
Стигнувам во земјата Англија.

СУДБИНА

Јас сум дожд во незгоден час.
Ни улиците не ме разбираат.
Јас сум одамна завршено време.
Духовите на непознатите патници и познатите морнари
во моето тело се погребани.

Јас сум заборавен збор
од кој бегаат децата.
Збор сум кој поетите го отфрлиле.

Имам лице на Буда од Бамијан.
Од брод на брод,
од раце во раце,
ме украдоа од мојата татковина.

Отфрлен труп сум
на лондонските улици.
Не се грижат за мене општинарите.

 

ПИСМО ДО ДОЖДОТ

Драг дожду,
зимата помина,
а и пролетта е при ркај.
На сите во нашата градина многу им недостасуваш.
Кога мислиш да навратиш кај нас?

Здраво, дожду!
Ох, дожду, дожду, дожду.
Дожду благороден, дожду неверен.
На нашата мила градина ништо освен прашина не ѝ носат.
Од планината, од пустината, дури и од шумата, ветерот само неа ја носи.
По нашата градина паѓа само песок и прашина.

Дожду... Дожду благ...
Попладне од нашата градина ќе одлета и последната птица.
Певицата на пролетта ќе отиде по својот пат, горе, некаде под облаците.

Ова писмо ти го пишувам на крилата на таа певица.
Не знам дали ќе стигне.
Далијата за тебе, ете, цел ден го исплака.
Па сега зедов, за нејзин атер, ова писмо да ти го пишувам.

Дожду... Дожду... Дожду наш...
Кога ќе го добиеш ова писмо,
што поскоро дојди кај нас!

 

ИРОНИЈА

Го ставаш пластичното цвеќе во вазна од лажно сребро
под прозорецот нацртан на ѕидот.
Под вештачка светлина твојата извештачена насмевка
изгледа уште погорчлива.
Со шминка разубавеното лице
го спушташ на моите гради.
На вистинско срце кое те сака.

Превод: Иван Шопов
Слики: Ендрју Хем

Реза Мохамади (Кандахар, 1979) спаѓа меѓу водечките авганистански поети од помладата генерација. По завршувањето на студиите по исламска јуристика, а потоа и филозофија во Иран, постдипломските студии (на тема феноменологија на глобализацијата) ги продолжил на Универзитетот Метрополитен во Лондон. Објавил четири збирки поезија, колумнист е и коментатор во неколку ирански и авганистански магазини, а неколку негови текстови објави и британски Гардијан.

ОкоБоли главаВицФото