Меѓу дрвјата

19.12.2016 14:09
Меѓу дрвјата (1979)

 

 

КРУША

 

Гледај – презрева крушата,
види – презрева крушата,
и уште малку, таа ќе гние,
ќе гние како душата.
Прво заврзал родот,
потоа узреал плодот,
паднало кривото и црвливото.
Нешто направил дождот,
нешто сторила сушата –
и еве жолто стрниште и плодови расфрлани
и мрави во просторот на душата.

 


СТАРА ЛОЗА

 

Тоа беше претчувство на некој вкус
опор а освежителен,
како корење да си пуштил на јавор
до влагата вземи.
Тоа беше непознат вкус
а сепак зачуван в спомен,
не по јазик и непца,
повеќе в соне.
И како да те наречам јас,
лишен од тебе,
насладо за една смртна жедост,
крајна одморо!
Пак треба да се вртам во тесниот круг
на своите знаења, насетувања и преданија.
Можеби ти си вкусот
на никогаш непиеното вино
од стара лоза!

 


ГУШКАЊЕ

 

Како ми дојде тој порив
да прегрнам ластар од лоза
по градиве, по десното рамо,
со стиск на образот,
со лист на горната усна!
Исто така би можел
да прегрнам дури змија
по таа посока иста, -
ништо не би ме паркало,
при такво чувство на љубов,
од тоа гушкање!

 


ПЕСНА НА ЛОЗИТЕ ВО ЛОЗЈАТА НА ВОДНО

 

Ако молчиме немо во сончево пладне
кога е времето тихо и тревките траат,
тоа не е зашто жаламе секоја сама,
тоа е за да биде убаво.

Ако се нишаме од половина кога ветрот ќе задува,
и се наведуваме возбудени една кон друга,
тоа не е зашто ужас од корен нè полазува,
тоа е за да биде убаво.

Ако постиламе сенки на месечина
кога никого нема да нè изненади,
тоа не е за свитците посилно да светкаат,
тоа е за да биде убаво.

Ако сме покорни под рацете на лозјарите,
што ги кастрат нашите гранчиња и ги галат
ластарите,
тоа не е за да родиме грозје и вино,
тоа е за да биде убаво.

Чудни сме ние...
Кој почнал да нè разбира –
земјата му станува сè поблиска,
луѓето сè подалечни.

 

ПЕСНА ЗА МАСЛИНКИТЕ


Си тече реката –
никому не му е жал
дека општината ги исече маслинките
над вода молкум наведени.

Јас помнам зора:
беше тиок час
кога човек чудно нешто чека
- оздрави ме, зоро рујна! –
и пак
со задуман болскот секнаа ѕвездите горе,
далечно сè ми стана,
светлина, мрак.
Само маслинките тогаш
сами над смирна река
шумеа утеха мека.

 

 

ДАБ

 

Се суши веќе овој древен даб
и бршлан нему повијат му треба
та сочна убост да му даде тој
и сладок скокот по тврдата кора;
а дабот ќе му даде висок раст
и дален поглед во долината
и ќе му дари заедничка смрт.

 

 

СУВО ДРВО


Дрвото ги шири гранките
како раце
за преграб.
Но тоа е само навидум
пречекливо.
Нема веќе сок во него,
животот гасне
и сè полабава е врската
меѓу кората и стеблото.
Само зимата сè уше прикрива
дека тоа нема да пушти лист.


СУВО ДРВО


Нему само му се чини
дека и тоа шуми
меѓу сите дрвја во коријата
кога ветрот ќе задува
и тие од корен јачат.
Потребна му е голема мудрост
да сфати дека не е така
и дека само привиди го мачат.

 


СТЕБЛО

 

Паднатите лисја ги викаат
тие што уште,
уплашени од неизвесноста на падот,
трепетат на дрвото:
„Дојдете долу да си умреме,
побегнете од ветриштата
во приземна тишина.
Нека остане гол тој јагленосан скелет
да крши црни раце во просторот,
трупот нека му биде корито
за водите на дождот есенски.
А ние густо ќе го обиколиме,
да не може да го пречекори кругот
на своите жолто-златни спомени“.

 

 

СЕЌАВАЊЕ ЗА ЃОРЕТА

 

Мртов е Ѓоре.
Се исполни година.

Јаболкницата во пустиот му двор
си шепоти:
„Уште два-три дена прекусила да додржам
да не цутам
од жал за него.
После ќе ме наваса пролетта.“

 

 

МЕЃУ ДРВЈАТА

 

Си запрел како вкопан и вкочанет,
како корења да си пуштил надолу вземи
да растат
барајќи влага.

И поарно е да не се движиш веќе, -
да ти зајде слухот во шум на безбројни лисја
што прават простор и сенка за птиците
што пеат,
поарно
да се здоговараш со ветрот ти
за една раскошна симфонија, -
и најарно од сè е да не чекориш,
да не го нарушиш сојузот со дрвјата.

 

ОДМАЗДА

 

Иде време кога дрвото му се одмаздува на човека
за сите засеци, за сите убоди,
за сите навреди,
за сите кастрења,
за секој непромислен збор,
за отсуство на благодарност спрема сенката
и плодот.
Тоа не може да те начека,
тоа не може да ти се испречи на патот како
насилник, -
тоа со своите вечерни сенки само може да влезе
во твојот сон,
и така влегува во сонот – како распнат човек,
и со студенило пушта тоа корење во твоите жили,
и страшна е во сонот играта на тие сенки,
во крвта таа студ.
Тоа урочува,
тоа фрла клетва –
чувај се, насилниче, од силата на врзан човек!

 

 

ДУЊА


И оваа есен, како лани, ти си втурена од род.
Не ти наштетиле многу ненадејните ноќни студови
во марта.
Си ги зачувала крупните жолти плодови
и ги криеш сега како в пазуви
милосно,
зашто со нив си самата поубава.
Заправо, тебе ти е можеби сеедно,
ти секако би стоела вака нема и спокојна
па што да дојде.
Го велам тоа
и веднаш се прашувам:
а што разбираме ние од радоста и маката
на другите?

 


МЛАДИОТ КЕДАР

 

Младиот кедар е веќе цврст во ’рбетот,
со раст на момче
запрено на ледина, на дождот,
под зелена сакма преку рамо.
Младиот кедар е како младо ѕвере веќе
што се оптега исправено по дрво или по стена
да остри нокти
и да ја јави игривоста на своите мускули,
обѕирајќи се самоуверено,
зашто верува во животот и насладата.
На многу ветришта веќе
младиот кедар ја изложил својата снага
што никогаш не се сломила
а се издигала нагоре
како сврдел спрема високоно небо.
Младиот кедар е свесен за себеси
по сила и личотија.
Сè што можат да му сторат
се претвора во чудесна мартирија.
Дури и да го пресечат со секира,
тој ќе знае како да се наклони
величествено
спрема земјата што го хранела;
дури и да го запалат,
тој ќе знае да гори како факел
спроти небото што го поело.
Младиот кедар чувствува
дека најважното и најсудбоносното во животот
е
да никнеш.

1979.

Слики: Santiago Verdugo

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото