Постмодерната држава е партиска држава на приватни сопственици (2)

20.12.2016 12:12
Постмодерната држава е партиска држава на приватни сопственици (2)

По падот на историски постоечкиот комунизам, во Србија стапи на сила криминален и коруптивен политички капитализам. Најпрвин во контекст на национално затвореното пазарно стопанство на криминализираната економија на Милошевиќ, која создаде нова „лумпенбуржоазија“ (Косик) подготвена да спроведе грабеж на општествениот имот, а потоа и по 2000 година преку прифаќањето на логиката на неолибералната безалтернативност и легитимирањето и довршувањето на грабежот. На тој начин, демократската транзиција сè повеќе, и за многумина сосема неочекувано, стана обележје за периферизацијата на земјата и дополнителното рушење на стекнатите социјални достигнувања. Активно учествувавте и ја помагавте борбата на работниците од Зрењанин против самоволието на државната бирократија и нејзиниот тајкун. Исто така, концептот на партиската држава остана на сила и беше неоштетен дури и по падот на „еднопартиската диктатура“. Професорот Ѓокица Јовановиќ во книгата Прилагодување. Србија и модерната, покажува дека наместо „монопартиска состојба“ денес имаме „моноидеолошка состојба“. Ако се погледнат стенограмите од конгресот и партиските состаноци на Сојузот на комунистите на Србија од седумдесеттите, се чини дека разликите помеѓу главните фракции меѓу тогашните комунисти, суштински, биле многу позначајни од овие денешните меѓу најрелевантните партии во Србија. Исто така, социолошките истражувања покажуваат дека во реалсоцијализмот, за напредување во општествената структура попримарно било образованието од партиската книшка, додека денес партиската припадност е на прво место. Професорот Слободан Цвејиќ од Филозофскиот факултет во Белград во својата докторска дисертација покажа дека денешното општество во Србија е најзатворено, во смисла на општествената подвижност, во Европа (потсетувам дека во шеесеттите тогашното југословенско општество, покрај шведското, беше најотворено во светот според истите критериуми), а истражувањата на професорот Младен Лазиќ недвосмислено потврдуваат дека со неолибералните реформи во образованието полека се затвораат сите врати во високото образование за децата на работниците и селаните. Карел Косик непосредно пред смртта се чудеше како е можно поранешните дисиденти и критичари на „комунистичкиот“ естаблишмент одеднаш индиректно да стануваат апологети на капитализмот. Според неговото мислење, тие, заедно со обновата на демократијата го реставрираа капитализмот, а повторно, во кохабитација со современиот капитализам демократијата може да биде само половна, лимитирана и поткопувана од новиот слој: лумпенбуржоазијата. Како ги толкувате овие процеси, и дали во осумдесеттите можевте да антиципирате каде ќе води „освојувањето на слободата“ преку капитализмот, на социјален и политички план во Србија и пошироко?

По падот на квазикомунизмот во поранешна Југославија и по падот на режимот на Милошевиќ се презема паролата од „социјализам во капитализам“ без критичко преиспитување на претстојниот општествен развој и осмислување стратегии за нов поредок. Како и во другите реалсоцијалистички држави по 1989 година, слепо се следеше неолиберализмот од западното општество, кој тогаш доживуваше експанзија, наспроти последиците на кои укажуваше Џозеф Стиглиц и другите лево ориентирани интелектуалци – дека „шок терапијата“ која е применета во процесот на приватизација негативно ќе делува на економскиот развој и модернизацијата на сопственичките односи, а исто така и на демократизацијата на политичките односи. Едностраната трансформација на сопственичките односи создаде нови класи на „лумпенбуржоазијата“ и „лумпенпролетаријатот“. И беше воспоставена власт над новиот моќен приватен сопственик, кој владее неконтролирано (под етикетата деетатизација) со сите ресурси на општеството и кој ги укинува сите претходно освоени права на работничката класа, претворајќи ја во стока на пазарот на трудот, која се купува како и сите производи од нејзиниот труд. Кога новата класа се сокрива зад изразот „тајкуни“ (или криминалци), се замаглува природата на новото класно неолиберално потрошувачко општество, во кое сопствениците на големиот капитал се основните арбитри во одредувањето на структурата и политиката во општеството (да се види трилогијата на З. Бауман „Флуиден живот“, Mediteran Publishing, 2009-2010). Затоа треба да се постави прашањето дали постмодерната држава е партиска држава на приватни сопственици, зашто и во тие структури на партиите на новите сопственици владејат на сцената и тоа како фактички управувачи со судбината на општеството. А, „тајкуните“ се посредници кои купуваат партии и на тој начин (зад сцената) одлучуваат за политичките програми и за менувањето и доведувањето нови владејачки гарнитури. Затоа не може да се каже дека корупцијата е главно политичко, а не само економско средство на општествените транзиции на современото општество. А, со постоечкото објаснување на „тајкунизацијата“ се прикрива најгрубиот облик капиталистичка експлоатација, која на сопственикот на капиталот му дава легитимитет за условите за работа и животот на целата сè посиромашна популација. А, партиската припадност кон навидум различните партии игра значајна улога во политиката на денешниот „груб капитализам“ (многу поголема отколку во поранешните „комунистички“ држави). Економската моќ сега го одредува степенот на политичката моќ и ја легитимира феудализацијата на српската држава, во која партиите создаваат сопствени феуди врз кои нема влијание државната власт и кои се недопирливи. Може да се каже дека сите партии во Србија пеат во истиот хор кога ќе се дограбаат до политичката власт и ниедна не ги почитува елементарните принципи на правната држава. Дури и политиколозите тврдат дека основната цел на повеќепартискиот систем е „борбата на партиите за власт“, спротивно на демократските начела дека кога партиите ќе ја освојат власта треба да даваат што поголем придонес за подобрување на животните услови на своите граѓани. Формално се промовира „владеењето на правото“, а фактички се поттикнува новата хиерархија на приватносопственичката класа, што доведува до сè поголема социјална нееднаквост и исклучување на голем број граѓани од општеството, бидејќи со порастот на невработеноста тие не припаѓаат никаде. Се зборува за отвореноста на денешна Србија кон светот, но таа отвореност е еднострана, зашто од страна на развиените држави се прифаќаат најслабите страни во рутината на мејнстрим неолибералната идеологија. Големо е прашањето дали денешна Србија го „растури капитализмот“ и дали почна со „обнова“ на демократијата. Кога се анализира структурата на денешна Србија и функционирањето на нејзините институции, може да се зборува за „авторитарна демократија“ (како што ја опишав во една моја книга), зашто постои формална поделба на власта, која во суштина е авторитарно устроена, а загарантираните права и слободи на граѓаните со устав се кршат отворено и бескрупулозно. Затоа, не би зборувала дека во Србија постои „кохабитација на современиот капитализам со воведувањето на демократијата“, зашто тоа е само фасада зад која се крие наметнувањето на денешниот суров капитализам.

Европската Унија е втемелена како економска формација благодарение на политичкото дејствување на тогашните европски конзервативци. Дубравка Угрешиќ, и не само таа, тврди дека идеолошкиот дел од приказната е создаден за луѓето што не го разбираат економскиот проект да се мотивираат да работат во негова корист. Значи, и покрај таканареченото „les trente glorieuses“ и државата на социјалната благосостојба која беше резултат на силниот притисок организиран од работничкото движење на Западот, но и од стравот од ширење на комунистичките револуции од Истокот, со Европската заедница, а подоцна и со Европската Унија доминираат десните политики. Недостатокот на демократски капацитет на денешната Европска Унија го критикуваат дури и современите слаби и дегенерирани социјалдемократски партии. Комесарската влада во Брисел не подлежи на демократска контрола од граѓаните и граѓанките на националните држави членки, одлуките се донесуваат врз основа на повеќе или помалку тајни дискусии, законите кои сосема отворено се нарекуваат директиви одат во правец на наметнување на приватизацијата во сите општествени сфери и укинување на постигнувањата на работничкото движење, а во последно време сите клучни одлуки ги донесува Германија. Веќе споменатиот словенечки професор Растко Мочник дури тврди дека авторитаризмот во поранешна Југославија, во смисла на донесувањето одлуки во федерацијата, беше фолклор во однос на ова што го имаме денес а ниво на Европската Унија. Да не ги споменуваме антиимигрантските и расистичките испади на бројни европски влади и мејнстрим политичари во последно време, кои лицемерно бараат слобода на движење на капиталот, но на сите начини ја ограничуваат слободата на движењето на луѓето. Од друга страна, во овие наши постсоцијалистички држави најголем дел од политичките елити, како резултат на понижувачкиот однос спрема идејата за демократијата и способноста на граѓаните рационално да размислуваат и да донесуваат одлуки, Европската Унија се претставува како некаква апстрактна цел по себе, а не како потенцијално средство за можен општ општествен и економски развој. Имајќи предвид дека вие се залагате за придружување на Србија кон Европската Унија, ме интересира какви се вашите аргументи за таквата позиција, имајќи ги предвид позитивните и негативните страни на ваквата интеграција? Дали исто така е важно да го поставуваме прашањето „Да, но каква ЕУ“? Исто така, дали верувате, како и Бурдие, во можноста за изградба на „Тврдината Европа“, како остров на социјалната држава?

Кога се создаваше ЕУ беше тешко да се процени кои сили доминираат во нејзината структура и во формулирањето на нејзините цели. На една конференција во Париз на самиот почеток го анализирав договорот од Мастрихт и ги доведов во прашање неговите демократски цели. Конзервативната струја иницираше создавање на ЕУ како пандан на американската супремација во Европа, не за да ги спречи војните, туку ширењето на социјалната држава со воспоставување цврста контрола над државите од Европа, за полесно да ги рутинизира барањата на неолибералната економија. Многумина познати научници во светот мошне остро ја критикуваат бриселската бирократија (Волерстајн, Стиглиц и др.) која безрезервно ги промовира своите интереси и им ги наметнува на членките на Унијата, спречувајќи ги дури и нивните минимални потенцијали за демократски развој. Секако не сум за таква Европска Унија, зашто критички укажувам на нејзиниот авторитарен карактер и предлагам неопходни промени во правец на создавање на една конструктивна заедница на слободни европски народи. Дека постоечката ЕУ е проамериканска фиданка со цел воспоставување доминантна моќ над државите од Европа, го потврдува нејзиниот став на неотповиклив наредбодавач, без оглед на социјалните и културните разлики меѓу европските заедници, како и комплетното отуство на размена на мислења за таа комуникација, со прифаќањето на слоганот „нема алтернатива“ предложен во Унијата. Затоа е нужно на референдумот да се праша: „За каква европска заедница сте и што му недостасува на постоечкиот модел на ЕУ?“

Во последните 30 години левицата сосема се повлекува во Европа. Делумно заради „црните муцки“ (Сартр) од минатото, а најмногу зашто е неспособна да понуди конкретни и практично делотворни програми кои би имале мобилизациски потенцијал и, истовремено, би ја направиле поуверлива нејзината „утопија“. Дали, според вашето мислење, демократската левица денес може да понуди реален алтернативен начин за организација на општествениот живот, или нејзината корисност во современиот свет се сведува исклучиво на критика, односно коректив на неолибералната фаза на капиталистичката општествено-економска формација? Исто така, дали сегашната социјалдемократија (каде левицата е ограничена на културните и социјалните прашања, додека во стопанството апсолутно триумфира пазарниот фундаментализам) е единствената левица која може објективно да учествува во обликувањето на 21 век во Европа?

Пред сè, ќе кажам дека старата левица се вклопи во новата владејачка идеологија, а новата левица сè уште не е конституирана како кохерентна група, но постојат значајни претставници кои го промовираат новото значење на левицата, кои имаат препознатливо влијание на Западот, но кај нас не успеаја да се промовираат (со исклучок на одредени списанија, на пример во Република). Но, современата светска криза во извесна мера го поттикна будењето на левата ориентација и отвори фронт против „грубиот капитализам“, кога повторно стануваат актуелни анализите на Маркс за првобитната акумулација на капиталот. Тоа особено е видливо во Латинска Америка, а делумно и во африканските земји, каде се зголеми интересот за анархистичките идеи и марксизмот како социјална програма, поттикнато од неспособноста на конзервативните струи да понудат програма за решавање на глобалната криза во 21 век. Експанзијата на потрошувачкото општество веќе толку продре во сржта на целокупниот современ начин на живот – од економијата до социјалните организации и културата – што сите прогресивни проекти се одбиваат како „утопија“ која не може да се оствари. Проблемот е во тоа што левицата се изедначува со социјалдемократијата, која денес е речиси поблиска до десницата и сè пооддалечена од оригиналните корени, кога беше на чело на работничкото движење и синдикатите и успеваше да изведе одредени значајни промени (да го земеме како пример периодот на управата на Беван во Англија, за разлика од владеењето на Блер или „третиот пат“ на Гиденс). Критичкиот потенцијал на денешната социјалдемократија спрема неолибералната идеологија е мошне слаб, иако се појавуваат и други струи на социјалдемократијата (на пример, Наоми Клајн и сл.), кои остро ѝ се спротивставуваат на современата владејачка идеологија, разоткривајќи го нејзиното погубно дејство во многу земји. Можеби од тие поттици ќе се роди „новата левица“. Во секој случај, таквите анализи и списи можат да овозможат критички да се преиспитува дејствувањето на социјалдемократијата во 21 век. Но, не мислам дека само левицата може да доведе до остварување на новите програми за промени. Ќе биде неопходно новите струи на социјалдемократијата и независните синдикати да најдат заеднички јазик и да формулираат нова парадигма која ќе ги отвори патиштата за нова социјална клима и култура.

Во статијата за Зборник, „Предизвиците и перспективите на современата левица во Србија“ пледирате, ако разбрав добро, за некаков облик на „демократско-либерална“ социјалистичка алтернатива. Претпоставувам дека го сметате за пожелен подоследниот развој на „поголема синтеза“ помеѓу левицата и класичниот либерализам, поодлучна еманципаторска социјална и економска политика, итн. Не е ли факт тоа што десницата од транзицискиот хаос (во кој играше толку нагласена улога) излезе толку силна и со толкава поддршка, а тоа во голем дел е и рефлексија на пропустот на левицата доволно силно да ги постави интересите на работата, работничката и граѓанската партиципација на дневен ред.

Не сум сигурна дека треба да се појде од дефинирањето на називот (поимот) на идното општество, зашто поимите можат да бидат со повеќе значења, како што се изразува во практиката на современото општество, како во поимот на социјализмот и капитализмот, така и во социјалдемократското општество. Затоа, кога размислувам за можностите за конституирање нови општествени системи, повеќе сум склона да се занимавам со прашањето кои нови содржини се важни, кои не се однесуваат само на структурата и институциите на општеството, туку на конституирањето на демократските институции евалуирани според нивното дејство за похумани услови за живот, како личен така и колективен. А, со тоа мислам на таква конструкција на општеството, чиј темел ќе биде социјално хумано, креативно и праведно демократско општество. Секако дека таквата дефиниција мора да се темели на синтеза на идејата за демократскиот развој во историјата и социо-културното наследство на човештвото, кои водат кон демократска целокупност на дејствувањето. А тоа значи дека се темели на изучувањето на историскиот развој на филозофската мисла и социо-културниот развој на човештвото. Мал е бројот на современи мислители кои посистематски се занимаваат со тоа, затоа движењето на современото општество и натаму се обидува главно да се објасни во дводимензионална перспектива – со спротивставување на капитализмот и социјализмот и обратно. Матрицата на новата парадигма би требало да биде мерка за хуманоста на новото општество, односно укинување на сите облици на отуѓеност (да го употребам поимот на Маркс, кој во последно време сè повеќе се враќа во употреба). Само неговото укинување создава услови за еманципација на личноста, општествените колективи, граѓанството и, се разбира, заборавениот принцип на работничката и граѓанската партиципација, праведна распределба на богатството и јавното добро. Мислам дека основниот недостаток на новата левица е што главно и понатаму останува во рамки на чисто политичката сфера или е еднострано економска и што не се соочува со комплексните проблеми на постмодерното општество, а особено што ја занемарува девастацијата на културата која стана „безгранична забава“, без вистински културни содржини и целосно потиснување на основните човечки (морални) вредности. „Кој те прашува за културата“, беше еден од честите одговори во рамки на истражувањето на квалитативната анализа од 2001 до 2010 година во градовите во Србија.

Најпосле, да се вратиме на вашата, пред сè, вокација на социјален антрополог. Имено, неодамна починатиот истакнат социолог и антрополог Елис Булдинг во своите дела, како што е книгата Cultures of Peace: The Hidden Side of History, темелно ја поби тезата за човечката инхерентно насилничка природа, и за неизбежноста од војна и милитаризам во човечкото општество. Без оглед на тоа, да се послужам со речникот на Ерих Фром, силите на некрофилијата сè уште неуморно водат војна против биофилната, хумана, социјална концепција на меѓучовечките односи, и во оваа епоха победуваат мошне темелно. Се чини дека ова навикнување на перманентни војни ги брутализира не само најдиректно погодените општества (како Блискиот исток и Африка), туку и остатокот од нашиот вид. Каков е вашиот став за идејата дека е потребен одлучен пресврт кон мировната, антимилитаристичка светска политика? Дали се сложувате со антимилитаристичката мисла на Хана Арент дека „насилството, како и секоја активност, го менува светот, но најверојатната промена што ја донесува е создавањето уште понасилен свет“?

Тезата за насилничката природа на човекот е многу обработувана и коментирана во антропологијата. Да се потсетиме на книгата на Ерих Фром „Анатомија на човечката деструктивност“, во која темелно се расправа за природните причини за човечката деструктивност, и врз основа на тоа не може да се даде едноставен одговор дали агресивноста на човекот е вродена или се стекнува во одредени услови. Бидејќи човекот не е сосема различен од другите живи битија (животинските видови), модерните анализи на однесувањето на колективните животински видови покажуваат дека кај нив се јавува деструктивноста кога се загрозени од другите видови, или кога во рамки на својот вид се изложени на конкуренција во борбата за обезбедување храна, или кога се осуетени во поглед на просторот итн. И човекот не е ослободен од сите инстинкти, особено заради чувството на страв, заради одредена несигурност и одредени нарушувања во колективниот живот. Заради таквите фрустрации луѓето стануваат агресивни и со насилство се бранат од другите, за кои мислат дека се виновни за нивните неповолни услови за живот. Тоа особено се покажува денес, под ударите на големата глобална криза во светот, што се манифестира во бројните војни и во зголеменото насилство во семејството и општеството. Тоа насилство се создава и намерно во светот под влијание на конкуренцијата на моќта помеѓу државите, но и во модерното потрошувачко општество, во кое се девастирани сите морални вредности со цел натрупување капитал и зголемена потрошувачка на сè што станува стока – вклучувајќи ги и општествените ресурси и индивидуите кои преживуваат со продажба на својата работна сила, со посредство и меѓусебни натпревари и сè подеструктивно однесување. И, како што забележавте, тоа одамна го откри Хана Арент, дека зголеменото насилство доведува до свет кој станува сè понасилен.

Во 2007 година Службениот весник издаде ваши собрани дела во дури 4 томови. Дали барем малку ви е жал што досега не добивте ниедна државна награда, ниту бевте примени во Српската академија на науките и уметностите, без оглед на грандиозните достигнувања во својата струка? Претпоставувам дека не ви е сеедно што земјата во која сте родени, и социјално и научно ангажирани целиот живот, не ви дава никакво официјално признание за досегашното импозантно научно творештво? До душа, кога ќе погледнеме кои се арбитрите, сигурен сум дека поважна ви е благодарноста што можете да ја почувствувате на лицата, на пример, на работниците во Зрењанин, кои со години активно ги поддржувавте во нивната борба против тајкуните и државните функционери, или студентите, кога минатата лани во својата 82 година, во студената зима и белградскиот мраз, дојдовте да ја потпишете петицијата за бесплатно образование пред вашиот Филозофски факултет. Исто така, во јавните настапи неколкупати повторивте дека споменатата студија Моите хоризонти... воедно е и вашата последна книга. Оние што ја знаат вашата енергија, но и животното кредо кое најдобро е изразено преку поднасловот на таа книга „Мислам дејствувам, постојам“, вклучувајќи ме и мене, најискрено не ви веруваме. Со што се занимавате во моментов?

Затоа што сè што правев во текот на животот не го правев заради некакви награди и „државно признание“, туку од личната потреба со стекнатото знаење да придонесам да живееме похуман живот, фактот што наградите ме заобиколуваа нималку не ме потресе или поколеба во својот ангажман, зашто мојата смисла на животот е содржана во она што стои во поднасловот на мојата последна книга, односно, оправданоста на своето постоење го гледав во тоа да размислувам за она што ни се случува во животот и во склад со тоа да направам онолку колку што можам за да ги исправам неправдите и да го направам животот поубав и попосакуван. Како најубава награда го доживувам она кога непознати луѓе ќе ме запрат на улица и ќе ми се заблагодарат за тоа што го правам и пишувам, или кога и денес моите студенти се сеќаваат на мене уште од првите денови од мојата професорска работа (педесеттите и шеесеттите години), или кога сакаат да слушнат што мислам за некој проблем што ги измачува. Зашто, тоа потврдува дека она што го пишувам и кажувам не е залудно, односно дека има одек токму кај граѓаните, за кои се наменети моите мисли и дела. И тоа ми дава сила и во поодминати години да ја наоѓам смислата на својот живот.

А, кога станува збор за мојата понатамошна работа, сметам дека напишав доволно и дека нема потреба да напишам уште некоја нова книга – не затоа што веќе немам што да кажам, туку затоа што и во пократките текстови кои можеби и повеќе допираат до читателот можам да кажам важни нешта. Мојата последна книга „Моите хоризонти“ може да послужи и како резиме за мојот „поглед на светот“ и како порака до читателите и самите да го преиспитуваат својот пат и избраниот начин на живот.

(крај)

Кон првиот дел

Извор: www.noviplamen.org