Здравството во канџите на бирократијата

21.12.2016 04:12
Здравството во канџите на бирократијата

Во првите 12 часа на 4 ноември (петок), електронскиот систем на „Мој термин“ регистрираше околу 20 илјади упати за пациенти и повеќе од 60 илјади издадени рецепти. Податоците, на прегледен начин, со промени од секунда во секунда, се презентираат секојдневно на livedashboard.zdravstvo.com.mk, страница посветена на „Мој термин“, а потпишана од Министерството за здравство. Ако неколку дена ги следите податоците, ќе забележите дека постојано бројките се во десетици илјади, и тие за упати и тие за рецепти, а од дијагнозите најмногу се повторуваат неколку. Доминира дијагнозата со ознака I10 (И10) или покачен крвен притисок без утврдено потекло, потоа N40 (Н40) или хиперплазија на простата, Е10 поврзана со шеќерот и инсулинот, R10 (Р10) со болки во стомакот.

Овие онлајн-податоци можат да послужат за точно следење на здравјето на пациентите, односно за утврдување на листата со најбројни дијагнози, на таа со издадени терапии, а потоа во една поширока анализа на податоците да се дефинира Регистар на болести. Ова е само еден од начините како здравствените власти можат да почнат со создавање на тој нужен документ доколку државата навистина сака вистински да се заложи за превенција на болести, нивно дијагностицирање и лекување.

РАКОТ ЌЕ НÈ ИЗЕДЕ ДОДЕКА НАПРАВИМЕ РЕГИСТАР

Еве, да земеме само еден пример – според очекувањата на Светската здравствена организација, до 2020 година на глобално ниво, ракот ќе биде на прво место според смртноста. Македонија не е исклучок затоа што и тука, иако не постои до крај прецизна статистика, рапидно се зголемува бројот на малигно болните. Овој застрашувачки податок мора да ги принуди здравствените власти да дефинираат национална стратегија, која ќе содржи мерки за превенција, но и вистински избор на лекови. Едноставно, надлежните да научат како да се однесуваат за да се обидат да ја намалат смртноста.

За таа цел, Здружението за борба против рак „Борка“ почнува соработка и комуникација со фармаколошката индустрија за да им укаже дека мора да се намалат цените на новите, современи лекови против ракот, односно фармацијата да направи свои програми, па ако е неопходно и во форма на донации, за лековите да станат лесно достапни за пациентите. Со оглед дека „Борка“ е дел од европските асоцијации за борба против ракот, организацијата ова прашање веќе отворено и јавно го поставува низ европските престолнини на сите конференции. Очигледно ќе биде неопходна цврста координација на големите фармако-компании од Европа со македонските здравствени работници за да можат болните полесно да купат терапија. Тоа мора да го направат за да спречат ракот да стане рекордер по смртни случаи.

Но, како може здравствениот систем да стигне до националната стратегија? Да дефинира документ кој прецизно ќе направи пресек на превенцијата, болеста и смртноста за да може да дејствува? Едноставно, Македонија низ годините не направи регистар на болести, особено на малигните заболувања, за да може поедноставно да изгради стратегиски план за битка против болестите.

НАДЛЕЖНИТЕ НЕ ЗНААТ КОЈ Е НАДЛЕЖЕН

До 2010-та во Македонија, како што пренесуваат невладините организации, имало какви-такви податоци со статистика за болестите, но последните години тоа станало мистерија и активистите тешко стигнуваат до официјални податоци. „Борка“ може да иницира создавање регистар, но тоа, сепак, е надлежност на здравствените државни власти. Но тие, наместо да се координираат и да унифицираат податоци за болестите, пред сѐ, малигните, си ја префрлаат одговорноста едни на други. Пред четири месеци, од „Борка“ испратиле барање до Институтот за јавно здравје, институција која е логично да ги има сите податоци околу новозаболените и починатите, за да им се овозможи пристап до податоците за нови регистрирани случаи од рак. Но, од таму им одговориле дека таквата статистика е во надлежност на Министерството за здравство. Поучени од одговорот на Институтот, „Борка“ испратила писмо до Министерството, од каде што добиле изненадувачки одговор, дека за бројките надлежен е Институтот за јавно здравје, истата институција која претходно ги упатила кон Министерството.

Пред неколку седмици, „Борка“ ги известила двете здравствени установи, кои патем имаат обврска да располагаат со податоци за болестите, дека се збунети од одговорите и дека државните институции не се координирани во однос на податоците.

– Потоа побаравме податоци до 2010, оти до тогаш знаеме дека има некаква статистика, но и тоа не ни беше дадено. Ако имаме регистар на болести, тогаш ќе знаеме колку пациенти се на дијагностика, колку се на некаков третман, колкумина примаат терапија, а колку се на превенција. Едноставно, така многу лесно ќе знаеме каква современа терапија да набавиме и да им овозможиме на пациентите конкретно и ефикасно лекување. Понатаму, ако имаме точни бројки за конкретна болест, ќе знаеме колку пари ни требаат од државната каса за лекови за таа болест, значи ќе трошиме рационално, а ќе може да се предвиди и финансиската конструкција за превенцијата од таа болест. Значи, ние сме во ситуација кога мораме да го превртиме целиот нездрав систем и преку регистри да се обидеме да го ставиме во некаков ред. Оти сега сè е паушално и затоа имаме погрешни лекови во пракса – анализира Мирјана Бабамова од „Борка“.

Од ова произлегува прашањето како функционира здравствениот систем без прецизни и конечни бројки околу болестите и како во иднина ќе може да се дефинира план или стратегија за спречување, односно вистинско лекување на пациентите. Во обид да стигнеме до некои бројки зборувавме со двете надлежни институции.

Во Министерството за здравство, неочекувано, но категорично не се согласија да зборуваат на темата. Прво испративме имејл со неколку прашања, за потоа телефонски да нѐ известат дека шефот на кабинетот на министерот не ѝ дозволува на службата за односи со јавност да испрати одговори. Во Институтот за јавно здравје зборувавме со Драган Ѓорѓев, кој го пренесе искуството дека се користат податоците кои пристигаат од регионалните центри за јавно здравје.

– Тие податоци се обработуваат на месечно и на годишно ниво и преку регионалните центри стигаат до Институтот за јавно здравје, а инаку потекнуваат од амбулантите и од болниците. На ист начин ги добиваме и податоците од интервенциите на итната помош. Детали за болестите и терапиите добиваме од базата на Фондот за здравство. Сите овие се релевантни податоци. Податоците од базата „Мој термин“ не сме ги користеле. Што се однесува до податоците за смртност и причинителите ги добиваме од Заводот за статистика, објаснува Ѓорѓев.

ПОДАТОЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ГИ НЕМА ВО ЕВРОПСКАТА СТАТИСТИКА

Ако ги прашате надлежните институции, тие секако дека ќе одговорат оти имаат бројки, но зошто нивните податоци не се релевантни и не се признати од европските статистички организации каде што Македонија е должна да ги испрати податоците за болестите? Дали тука основа на проблемот е непостоењето на јасна дефиниција за регистар? Кај нас сите податоци што се собираат, барем тие што стануваат достапни, се застарени. Во „Хелтгрупер“ постојано наидуваат на стари и некомплетни бројки за болестите.

– Знаете, надлежните секогаш ќе вртат во круг и ќе ве убедуваат дека постојат бројки, но ако е така, тогаш зошто тие бројки ги нема во статистиката на „Еуростат“ каде што Македонија има обврска да ги доставува податоците. Залудно е што кај нас ќе ти речат ги имаме податоците, кога во европските статистички центри ги нема. Странците секогаш ги дискредитирале податоците од Македонија – смета Владимир Лазаревик од „Хелтгрупер“.
И така е навистина. Ако го отворите сајтот на Светската здравствена организација data.euro.who.int во делот каде што се ажурира статистиката, односно се обработуваат бројките за болестите, па потоа преку нив се кројат планови и програми, Македонија во најголем број случаи нема податоци од 2010 наваму, а за некои болести дури од 2008. Поконкретно, за рак на дојка Македонија последен пат има доставено податоци пред седум години. 2010 е последната година кога Македонија имала релевантни бројки за смртноста кај доенчињата, која тогаш изнесувала 7,6 на 1000. Потоа, низ годините, таа бројка е зголемена, но точната ниту има кој да ја соопшти, ниту пак да ја утврди. За споредба, државите од регионот за овие две статистики имаат бројки од 2013 или 2014.

–Ниту еден истражувач не може да се потпре на овие поразителни бројки, кои практично ги нема на релевантните сајтови. Тоа се должи на фактот што не постојат синхронизирани податоци кај домашните институции. „Мој термин“ е добар пример за водење некакви точни податоци, но тие не се синхронизирани. Институтот за јавно здравје чека податоци од болниците и тоа е побавна постапка, додека податоците од „Мој термин“ се движат побргу, но не се ставени во унифицирана рамка која ќе обезбеди точни бројки. Да речеме, за една конкретна болест да имаме бројка на болни, таа бројка да биде во „Еуростат“, од неа да извлекуваме анализи и компарации за да креираме здравствена политика. Идејата да се формира регистар е токму следењето на трендот на болеста низ годините, дали се намалува, на пример, стапката на смртност или се зголемува, па оттаму да знаеш што да примениш, дали повеќе да се фокусираш на превенција или на обезбедување лекови. Целиот систем некако е поврзан, но сè започнува од вистински, точни бројки изразени преку Регистар – коментира Лазаревик.

Лицата кои го ажурираат и следат електронскиот систем на „Мој термин“ заедно со целата ИТ структура имаат многу податоци кои во моментов не се во функција, односно конфузно се обработуваат и не кореспондираат со тие на другите институции. А без точни бројки, без точни дијагнози, превенции и терапии, со еден збор, без регистар – нема здравје.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

Извор: mim.org.mk

Слики: Свирачиња