1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Нов американски амбасадор во Израел ќе биде религиозниот њујоршки Евреин кој смета дека израелските населби на Западниот брег се совршено легнални, дека палестинската држава не треба да постои и дека амбасадата на САД треба да се пресели од Тел Авив во Ерусалим.
За свој прв дипломат во блискоисточната држава Доналд Трамп го избра Дејвид Фридман, адвокатот што ги застапуваше банкротираните коцкарници на империјата Трамп во Атлантик Сити и за кого велат дека, кога станува збор за Израел, е поголем десничар од Бенјамин Нетанјаху.
Ако политиката се познава по амбасадорот, не само што Америка и натаму безрезервно ќе го поддржува Израел туку ќе престане да му приговара за единственото нешто за кое досега му приговараше, а тоа е постојаното ширење на еврејските населби на територијата на која треба да се создаде палестинската држава. Речиси целиот свет, дури и САД, смета дека овие населби се нелегални и дека еврејската држава мора, повеќе или помалку, да се повлече на границите од 1967 година за да постигне мир со Палестинците и да овозможи создавање арапска држава на територијата на Газа и Западниот брег која е под израелска окупација. Иако, Израел го прогласи цел Ерусалим, вклучувајќи го источниот дел за кој Палестинците тврдат дека имаат право како на главен град на својата идна држава, за своја неделиве престолнина, најголемиот број земји, па и САД, имаат амбасади во Тел Авив. Новиот американски емисар во Израел најавува промени.
„Ќе ги зајакнеме нераскинливите врски помеѓу нашите две земји и се радувам дека на тоа ќе работам од амбасадата на САД во вечната престолнина на Израел, Ерусалим“, ги пренесе неговите зборови информативниот сајт „Хил“, специјализиран за политиката на Вашингтон.
Во кампањата, Трамп им го призна правото на Израелците на целиот Ерусалим, но Фридман, кој течно зборува хебрејски и се противи на создавањето палестинска држава, во интервју за израелски „Харец“ отиде и чекор понатаму забележувајќи дека Трамп ќе ја поддржи израелската анексија на одредени делови од Западниот брег. Истовремено, за Евреите кои заговараат создавање палестинска држава рече дека се полоши од Евреите кои спроведувале ред во нацистичките логори. Тој, исто како и зетот на Трамп, Џерад Кушнер, финансиски ги поддржуваше израелските населби на Западниот Брег. Левичарските израелски медиуми пишуваат дека Фридман, кога станува збор за еврејско-палестинскиот конфликт, е поголем десничар и од десничарскиот премиер Нетанјаху. Иако, претседателот на владата официјално не ја отфрли идејата за создавање арапска држава, за време на неговото влдаеење населбите на Западниот брег постојано се ширеа. Ширењето на на еврејските населби на палестинска земја го отежнува постигнувањето договор со Палестинците и ја намалува територијата над која тие би имале суверенитет. Израелската десница ја славеше победата на Трамп верувајќи дека новоизбраниот шеф на Белата куќа ќе стави точка на палестинските соништа за држава. Тоа би значело разидување со досегашната американска политика која, барем и со зборови, го поддржуваше создавањето палестинска држава.
Арије Дери, министер за внатрешни работи, ја спореди победата на Трамп со библиско чудо: „Мора да живееме во месијански времиња кога сè се одвива толку добро за народот на Израел.“
„Ерата на палестинската држава е готова“, рече Нафтали Бенет, израелскиот министер за образование кој се залага 60 проценти од Западниот брег да се спои со Израел.
Тоа секако би значело и крај на приказната за престолнината Палестина во источен Ерусалим кој е спорна тема во меѓународната заедница. ОН сметаат дека источен Ерусалим ќе биде главен град на идната палестинска држава и тврдат дека Израел го прекршил меѓународното право кога 1967 година анектирал цел град, прогласувајќи го „целиот и обединет Ерусалим за престолнина на Израел“.
И некои претходни претседатели на САД, како што потсетува „Политико“, најавуваа преместување на амбасадата од Тел Авив, но се откажуваа кога сфаќаа дека тоа ќе ги налути нивните арапски партнери, особено Египет, Јордан и Саудиска Арабија, и ќе го зајакне исламскиот џихадизам. Кругови блиски до Нетанјаху се надеваат дека Трамп ќе им даде одврзани раце за градењето домови за Евреите на окупираната арапска земја како и дека ќе ги поддржи границите кои многу повеќе му одговараат на Израел од оние што ги прифаќа меѓународната заедница и кои Америка, барем и начелно, досега ги прифаќаше.
Извор: Политика