1007 hPa
35 %
19 °C
Скопје - Саб, 20.04.2024 13:59
Штом муграта источи модра свила
за нас почнуе горкион живот,
за нас се реди работа немила
и црна, катадневна мака, пот.
По монополи - сиви јами, ладни
си гниеме и чмаеме в печал.
за слâнце и за пресен воздух страдни
пожâтнати - с отровна в гради кал.
Ги редиме тутуните горчливи
ги редиме наведнати, без глас,
ги редиме - а отрови правливи
нè трујат, носат офтика во нас.
И балите со тутун - отров злато
ги влечеме на рамења цел ден,
ги влечеме а в градите згâснато
нè души бреме - живот прокуден.
И така секој ден ни сиво мине
и тежи над нас како студен жал,
и гради млади подло само кине
и вее в срце болка и печал.
За друг се мугри, меки модри свили!
За друг е овој сладок, сончен ден!
За нас по јами, в печал тешка гнили
нè дави ропски синџирот студен.
Извор: Кочо Рацин, Поетски творби, Македонска книга, Скопје, 1991.
На фотографијата: Кочо Рацин на работа како каменорезец во Скопје