Над 1.000 граѓани годишно умираат од аерозагадување!

23.12.2016 03:31
Над 1.000 граѓани годишно умираат од аерозагадување!

Додека еколошки здруженија и екоексперти вчера во Скопје ја одржуваа првата научна конференција посветена на аерозагадувањето, во Скопје беше регистрирано многу високо ниво на загаденост. Како што пишува Грин ЦИВИЛ, податоците од Министерството за животна средина, кои се однесуваат на квалитетот на воздухот, покажувале многу високо ниво на ПМ 10 честички во Лисиче, Гази Баба, Центар и кај Ректоратот на УКИМ. Освен во главниот град, енормно загадување на воздухот е регистрирано и во повеќе градови во државата.

Висока контаминација на воздухот покажуваат и мерните станици во Битола, Кичево и Тетово. Иако во Прилеп нема мерна станица, и таму аерозагадувањето е големо.

Аерозагадувањето во Македонија е на алармантно ниво. Суспендираните ПМ 10 честички достигнуваат и до 1.000 микрогранули на м3, наспроти дозволените 50 микрогранули.

Медицинските стручњаци секојдневно апелираат граѓаните, особено хроничните болни, да не излегуваат од домовите без потреба. А на сите граѓани им се препорачува ограничен престој надвор, зашто последиците по здравјето се огромни и стануваат видливи за многу краток период.

И покрај апелите, ниту локалните власти ниту централната власт не преземаат конкретни мерки за да се санира оваа состојба, со далекусежни последици. Државата нема механизми, кои ќе придонесат за нормализирање на состојбите. Употребата на разни огревни материјали (што ослободуваат разни токсини во воздухот), од илјадници семејства кои се наоѓаат на работ на егзистенцијата, непримената на законската регултива од фирмите, кои мора да имаат екодозволи, но и нерешените проблеми со дивите депонии низ целата држава, придонесуваат Македонија во 21 век да ги труе своите сограѓани.

Еколошки здруженија и екоексперти вчера во Скопје ја одржаа првата научна конференција посветена на аерозагадувањето.

„Аерозагадувањето учествува со 20 до 25 отсто во редицата фактори што предизвикуваат срцеви инфаркти, и инсулти кои се најчести заболувања. Годишно, како последица на аерозагадувањето, умираат од 1.000 до 1.200 граѓани“, изјави професорот д-р Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

„Согорувањата на фосилните горива се најголеми извори на загадување. Било да се тие контролирани или неконтролирани. Неконтролираните се пред сѐ во домаќинствата, но и на депониите имаме неконтролирани согорувања. Таквите извори се најголеми, но и најопасни“, вели Срѓан Ѓорчев од Институтот за јавно здравје.

На европската скала за стапката на смртност од ПМ10 канцерогените честички, Македонија се наоѓа на високо петто место.

Извор: civil.org.mk
Слика: Били Даркарт

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото