Турција испраќа бранови новинари во затвор

23.12.2016 03:42
Турција испраќа бранови новинари во затвор

новинарот Кадри Гурсел

Еден истакнат колумнист пишуваше дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган толку го мрази пушењето што им ги одзема цигарите на своите следбеници и им одржува предавања за штетноста на тутунот.

Потоа, новинарот Кадри Гурсел ги повика своите читатели да се бунтуваат против недемократското однесување на претседателот така што ќе запалат цигара и нема да ја изгаснат.

Заради тоа беше уапсен под обвинение за тероризам и во затвор чека судење заедно со уште 120 новинари уапсени за време на турската пресметка со медиумите од неуспешниот јулски пуч. Во затворот му прават друштво уште десет новинари од неговиот весник Џумхуриет, последниот голем независен турски дневен весник.

Турција ја надмина Кина како земја со најмногу уапсени новинари, според податоците на Одборот за заштита на новинари.

Апсењата се само најочигледен пример за напорот да се замолчат не само медиумите туку и слободата на говорот воопшто. Повеќе од три илјади Турци се обвинети за навреда на претседателот, меѓу нив и поранешната мис на Турција.

Владата и нејзините следбеници стојат зад бранот барања Твитер да ги отстрани навредливите постови, побројни отколку во целиот свет, покажува извештајот на Твитер за транспарентноста. (Од 20 000 налози оваа година во светот, 15 000 се турски.)

Неколку новинари, меѓу нив и Гурсел чија колумна беше објавена три дена пред обидот за преврат – ретроактивно се обвинети за „сублиминални“ пораки на поддршка на јулскиот бунт.

Сега е опасно сè што може да се сфати како поддршка за забранетата Курдска националистичка партија, ПКК.

Некои новинари се нападнати зашто членовите на партијата ги нарекуваат „милитанти“, а не „терористи“, а други се во затвор зашто се залагале за продолжување на пропаднатите мировни преговори со курдската герила – иако ретко кој се осудува да ги нарече „герила“.

Ако новинар во каков било текст за неуспешниот пуч не го спомене бројот на убиени, тоа се смета за доказ за наклонетост кон тероризмот.

Затворени се околу 50 медиуми, вели Ерол Ондероглу, претставник на Турција во Новинари без граници. Но, веројатно најштетната последица од оваа пресметка е барањето деловните луѓе лојални на власта да ги преземат многуте преостанати медиуми и да ги претворат во жестоки следбеници на Ердоган и неговите политики.

„Сè што преостана во основа се режимски гласила“, вели Гулсин Харман која ја напуштила работата во Милиет, некогаш независен весник сега во сопственост на еден другар на Ердоган.

„Нема веќе критичко новинарство. Деведесет проценти од независниот печат се уништени непосредно или посредно“, вели Ондероглу. „Истражувачкото новинарство се смета за предавство. Власта го украде новинарството.“

Еден висок владин функционер, кој бараше да остане анонимен, тврди дека новинарите се уапсени заради криминални и терористички злосторства, а не заради новинарството.

Вонредните овластувања кои ги доби Ердоган по неуспешниот воен пуч што го изведоа следбениците на прогонетиот свештеник Фетулах Гулен ја забрзаа пресметката.

„Никогаш не било мрачно како сега“, вели Ајше Јилдирим од Џумхуриет.

Најотровните напади на независните новинари ги упатуваат новинарите наклонети кон Ердоган наречени „платени убијци“.

Прво ќе го нападнат новинарот со име, а потоа лично бараат од исплашените сопственици на медиумите или од владата тој новинар да биде уапсен или отпуштен.

Најозлогласен е телевизискиот коментатор и активист на социјалните мрежи Џем Кучук, националист за кој многу новинари велат дека всушност е владин оперативец.

Кучук гласно повика да се уапсат новинарите кои ги смета за „предавници“.

„Тоа и го заслужија“, рече.

Преживеаните големи дневни весници се на раб на капитулација, мислат многумина, меѓу нив и Милиет и Хуриет.

Во еден мејл главниот уредник на Хуриет, Седат Ергин одговори: Хуриет ќе остане посветен на независното новинарство и покрај сите тешкотии што ги опфаќа тоа.“

Во меѓувреме, Кучук ужива во влијанието кое, како што најавува, му го пружа блискоста со претседателот.

„Сега во медиумите јас и неколку мои пријатели успеавме да ги победиме“, додаде.

„На пример, јас сега имам моќ да го натерам Хуриет да прави тоа што сакам. Ние сега владееме со земјата, ние владееме со народот.“

Уредникот на Хуриет, Ергин ги нарекува тврдењата на Кучук „потполна бесмислица“.

Извор: The New York Times