Преку акцијата „Македонија со љубов за Алепо“ се собираат средства за бегалците

23.12.2016 03:53
Преку акцијата „Македонија со љубов за Алепо“ се собираат средства за бегалците

„Легис“ започнува со нова хуманитарна акција - „Македонија со љубов за Алепо“. Целта на кампањата е преку различни активности да се анимираат граѓаните за тешката состојба на жителите на Алепо.

Како што велат од „Легис“, целта е и да се даде поддршка за евакуирање и спасување на што повеќе животи, да се соберат парични средства, а потоа со донираните средства во име на граѓаните на Република Македонија да им се помогне на бегалците во некој од камповите во кои ќе бидат згрижени.

„Ова е веќе четврта акција на Легис, која се однесува на случувањата во Сирија. Започната е најмногу поради последните во Алепо, каде што голем број бегалци беа принудени да ги напуштат своите домови и да станат внатрешно раселени лица, но сепак се бројат како бегалци. Заради тоа ја започнавме акцијата заедно со турската хуманитарна организација ИХХ“, вели за Радио МОФ Мерсиха Смаиловиќ, активистка од „Легис“.

Таа надополнува дека тим на „Легис“ ќе ги посети бегалците во камповите кај турската граница, а дополнително ќе се собираат и парични средства да им се олеснат маките. Акцијата ќе трае околу еден месец, за да може им се помогне на бегалците во зимскиот период.

„Приклучете се на оваа кампања за да им излеземе во пресрет на жителите на Алепо“, велат од „Легис“.

Заинтересираните можат да донираат на следниот ЛИНК.

Извор: Радио МОФ