Кој е боем?

24.12.2016 16:40
дечки, јебала вас Боемска улица!

Интересни дефиниции се изначитав денес за тоа кој бил боем. Чудно ми е што повеќето од нив боемството го изедначуваат со некоја позната фаца, пијанството, некоја напишана книга, песничка и сл.

Нема везе.

Не мора да биде познат, не мора да биде учен и со факултетска диплома (некаде како пример го наведов Панче молерот).

Боем е и оној кој пие само кафе со кисела вода и сода бикарбона во неа (Бардакот од Пелистер).

Боем е оној кој може да испие 4-5 бокали црно после кои е свесен дека е човек, а не говедо (чичко Тошо).

Боем е човек со кого би седел со денови, за кое време ниту еден момент нема да ти биде досаден и неинтересен (Злате).

Боем е оној кој влегуе у кафана со Политика, Борба и Нова Македонија у задњи џеб, нарачуе чорба со лепче и пиво (секој ден исто) и не ја напушта кафаната сè додека не ја прочита и последната страна од весниците. Во меѓувреме не комуницира со никого, иако сите ги познава, освен она протоколарното: Здрао! Добар? (Крле).

Боем е и оној кој влегуе у кафана со панталони од пред 20 години, кошула стара 15 години, печатирани кондури од пред 12 години. Но, испрани, испеглани и изгланцани, а дотичниот тазе обријан и намачкан со Питралон. Нема редовни приходи освен инвалидска пензија за изгубено око како војник во служба на ЈНА.

Никогаш не почастил никого, ракија добивал од секого ради тоа што не беше досаден, а беше интересен (Љупа, бог да го прости).

Боем е и оној кој може да ја заведе секоја девојка, но и да го поебе пола живот заради некоја невозвратена љубов (Грофот).

Затоа, дечки, јебала вас Боемска улица!

Хроничните алкохоличари најдоа повод да си ја оправдаат својата зависност во зборот БОЕМ.

Поврзана статија: Петре М. Андреевски, Скопска боемија

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Granger

ОкоБоли главаВицФото