Внатрешни планини

26.12.2016 01:39
Внатрешни планини

ТИВКА ВЕЧЕРА

 

По пет децении пет поети од пет
соседни земји бучно се сеќаваат
на младешките дружби:

– Порасна ли конечно оној што
рецитираше по гаќи? – Да, ама
почина лани! – А како е онаа што

ја ќари кога ѝ пофали песна?
– Лесна ѝ земја! – А што прави лауреатот
што ги собра сите награди?

– Си ги понесе во рајот... На крајот од
вечерата секна и музиката. Сѐ се стопира.
Освен некој штурец кој продолжи да солира.

 

 

ГРОБОТ НА ДАНТЕ

 

Кога Фирентинците го отвориле
гробот на Данте во Равена,
наишле на празна дупка.

– Не барајте ги тука коските
на поетот што го прогонивте,
им рекол некој монах

во тесниот сокак. – А каде
да ги бараме, побратиме?
Сакаме дома да ги вратиме.

На водичот калуѓерот му рекол:
–Џабе ќе ги бараш, чиче,
одамна се кај Беатриче.


МУЗЕЈ НА БИБЕРОТ

 

Во музејот на биберот
место влезница треба
да кивнеш ептен гласно.

Во него се слики на сите што
си успеал да ги разлутиш страсно,
или барем да им го забибериш денот.

Затоа музејот може да биде
ситен, едвај видлив, ама може
да биде и поголем од Лувр.

Најубаво е кога воопшто не те
пуштаат внатре, оти никој не ти
е лут. Тогаш попусто киваш.


ПЕСНА ОД ТОЧАК

 

Возејќи цел ден нов точак
налетав на куќа со недоѕидан
оџак, на пијан изневерен ортак,

на облак растегнат врз бескраен
сокак, на ропак што си ги тепа
децата со токмак, на маратонец

кој се откажал на полпат, на толпа
што чека ред пред пошта, на плоштад
на кој се продава недозреан бостан.

Возејќи цел ден точак налетав
не сѐ што се врти, вози и скока,
освен на стариот украден точак.


НОВА РЕЛИГИЈА

 

Во пагодата лифт брзо те издигнува
до небото. Од минарето пее глас
снимен во врвно музичко студио.

Во готичката катедрала светци светат
со ореоли од неонско светло. Се нудат
пакети за проштавање тешки гревови.

На плоштадите се продаваат телефони
со готови СМС молитви. Од билбордите
спасители нудат инстант просветлувања.

Но улиците се празни ко вазни среде зима.
Сите се пред своите куќни олтари
и гледаат вести со костимирани голтари.


ШУМСКИ БЛУЗ

 

Кај што беа тополите сега
копаат јаглен. Нема ни 
трага од нашиот багрем.

Ридот со брези станал
каменолом. Дабовите со камион
ги преселиле во нечиј дом.

Кај што видовме срни
сега вијат ко волци моторни
пили, гладни, стрвни.

Кај што насон буки шумат
сега стои знак со натпис
„Тука имаше шума“.


ПИВСКА ПЕСНА

 

Поминавме девет километри
во пивската подземна визба.
Ми се видоа како да се сто и девет

поради подуеното пивско меше. Како
вчера да беше, кога шишето што го
делевме го викавме „општинско“.

А сега можеме да си дозволиме
и по цело буре пиво без пена.
Работевме напорно за да можеме

да ја платиме секоја цена. Ама, брат,
пивото што го делевме беше повкусно!
Повеќе режеше. И побргу нѐ фаќаше.

 

Извор: Владимир Мартиновски, Внатрешни планини, Кликер книги, Скопје, 2016.

Слики: Алесандро Готардо

ОкоБоли главаВицФото