Душевадниците од нашето маало!

26.12.2016 02:54
Душевадниците од нашето маало!

Отсекогаш ме интригирале мразителите без причина, и сум се прашувал каде се корените на лудилото кое луѓето ги турка во омраза кон некого кого и не го познаваат, кон поинаквиот – според нација, вера, идеологија, сексуална определба, светоглед воопшто, или според тимот за кој навива, хобито кое го избрал, типот на пијачка што го преферира….

Сум пишувал, низ годините, разочаран до згаденост, за накотените „Хитлерчиња од нашите валкани, балкански џадиња“, всушност, кукавици кои мразат „за секој случај“ и кои му посакуваат зло некому по наредба, оти мислат дека така ќе го задоволат лидерот, Партијата, шефот на работа, роднината, сватот… зашто, безначајни какви што се, во нивните испразни животи, мислат дека барем на тој начин ќе пораснат во нечии очи.

И, сум ги жалел, сум сочувствувал со таквите, кутри суштества, и особено со нивните деца, кои живеат и созреваат во такво опкружение. Сум се обидувал да најдам некаков противотров за нивната затруеност, за гнилежот во душите, пишувајќи и за нив и за „инаквите“, за да им се подотворат очите, со некои од нив и разговарајќи, лично споделувајќи ги и бранејќи ги сопствените вредности, стандарди и норми, карајќи се и создавајќи си нови непријатели…

Се надевав, низ годините, дека колку-толку имам успех, иако сум потполно свесен дека недовербата, предрасудите, погрешното воспитување, стравот од различноста имаат длабоки, вековни корени во Македонија и на Балканот, и дека со променилив успех биле прикривани и маскирани со гостопримливоста, јужњачката топлина и ширум отворените порти и срца, за секој добронамерник, дури и за туѓинец, кои, исто така, со векови, виреат на овие простори…

По минатонеделната колумна, која на порталов и особено преку социјалните мрежи, допре до десетици илјади луѓе (и искрено се надевам дека барем дел од нив и ја прочитале), забележав едно чудо коментари од кои бликаше жолч, гнев, неверојатна омраза… Кога сè уште се пишуваа реакции и деманти, пред режимот да ја забрани полемиката и дебатата, во редакциите во кои работев, како човек со „нерви како кабли“, најчесто јас разговарав со незадоволниците кои реагираа за некој текст, ги објаснував своите или аргументите на колегите, им посочував на читателите како да демантираат, се извинував за евентуалните грешки (луѓе сме, нели, и ние новинарите), и ја прифаќав одговорноста, некогаш – пцуејќи за брзината и невнимателноста, некогаш – срамејќи се, среќен што соговорниците не можат да ми ги видат вцрвенетите образи…

Откако дел од новинарството во Македонија стана ептен интерактивно (кај новите медиуми, од кои дел дозволуваат коментари на читателите/гледачите) видовме и прочитавме сè и сешто, во типично нашата верзија на деформирана демократија, каде на оној кој мисли поинаку, веднаш му се упатуваат највулгарни навреди. Иако никогаш не ме засегале Интернет „јунаците“, кои ги излеваат фрустрациите од топлите им засолништа (за оние апаратчици кои за ситни пари ги креираат лажните профили, за да шират неказнето говор на омраза, поадекватен збор би било – дувла), овој пат го замолив систем-инженерот на ЦИВИЛ да ми направи принт-скринови (за СЈО, или за некое посреќно време кога ќе се нормализира ситуацијата во Македонија) и да ме поднаучи како да им ги разгледам профилите на Фејсбук, на сограѓаните ми, ем сонародници, кои ми (ни) посакаа толку грди и лоши работи, оти не се согласуваат со моите ставови во колумната?!

Меѓу педесетината, чии коментари ги издвоив поради навредите, заканите, пцостите, клетвите… упатени кон мене лично, и кон сите нас, „соросоидите“ и „сороспиите“, „предавниците“ и „гнидите“, „наркоманите“ и „шарените хомосексуалчиња“, „продадените души“ и „ИСИЛ-овците“ од ЦИВИЛ, најбројни беа граѓани, госпоѓи и господа, или браќа и сестри, народски луѓе, од Охрид, Тетово, Кичево, Скопје, од дијаспората и од Струмица… Освен оние профили на кои нема фотографии и пријатели, а од кои се пишува полуписмено, со големи букви и со многу извичници (демек, се вреска), за кои лесно може да се претпостави дека се лажни и од кој центар за штанцаат и лиферуваат, без зборови ме оставија профилите на граѓан(к)и кои (без оглед што сè може да се фалсификува) изгледа, се постоечки нормални, луѓе. И според фотографиите (на некои главната фотографија им се децата и внуците?!), според пријателите, објавените постови, на прв поглед, се, значи, нечии родители и дедовци и баби, вработени, комшии, еснафлии…

И сите мразат! И пцујат и колнат! И порачуваат дека ќе сме ја „виделе демократијата на старомакедонски начин!“ И сè најлошо на инаквите им посакуваат. И се закануваат. Со смрт! Похрабрите со „два-три атентати, некоја заушка, ќотекот е од рајот…“, демек, лично ќе ми (ни) пресуделе, а оние коркачите, со Ќосета-асасинот и неговите посети во ноќта („кај тебе прво Ќосе ќе тропне“), оти „духот на Ќосета“ и „делото на Ќосета“, живееле во сите нив… Не сфатив, само, оти толку нè раскараа и изделија, според нив, во кои – сите? Во „библиските“ ли, во „античките“ ли, во „не-Словените“ ли, во „барокните“ ли…? Или, само, во коркачите?

Мој фаворит меѓу мразителите и заканувачите, сепак, е една госпоѓа која на профилот објавила само фотографии на мачиња и колачи, а нè обвинува дека ние во ЦИВИЛ сме „внуци на Сатанистот“, демек Сорос. Еваааааааа….

Некои од пцујачите и мразителите се партиски заслепени и нè караат оти така ја сфаќаат лојалноста кон Партијата, некои се очајно неинформирани, индоктринирани до срцевината со спиновите и голите лаги лансирани од презерватив-медиумите, некои сметаат дека се патриоти кои ја бранат „душата на Македонија“ и се плашат од исчезнувањето на Татковината од мапата, а некои веруваат дека се „верници“ и убедени се дека православното христијанство во „библиска Македонија“ им дозволува и колнење и желби од типот „Господ да ми (ни) суди“ и „Господ да ме (нè) казни“, т.е. „Господ да ме (нè) земе/сотре/убие…“

Некои од мразителите чии постови вријат од вулгарности, навреди, шовинизам, длабоко се заразени со ксенофобија (од помеката варијанта на пребројување на крвни зрнца – „сите да се вратат од каде што дошле“ и „имаш генетски страв од ВМРО“, до изблици на фашизам – „треба да се изораат сите тревки со туѓо ѓубре загадени“), со посебен акцент на албанофобијата. А некои, кои се претставуваат како фанови на Ердоган, однапред се ситат поради блиската иднина кога, според нив, ќе бидат „исчистени ’соросоидите’, ’наркоманите’ и ’предавниците’“…

Налудничавата леснотија со која се колне и се заканува, се посакува смрт и „чистење“ на стотици, илјадници луѓе, само затоа, што сакаат промени, е застрашувачка.

И е најгрозоморната илустрација за тоа каде оди Македонија! И колкава е одговорноста на оние кои потпалуваа(т) и разгоруваа(т) омраза и зло. Оние кои и од маалските луѓе, со сите нивни доблести и мани, во длабоко антагонизираната Македонија, направија мразители-душевадници… (За кои, сè уште сакам да верувам дека нема да преминат од зборови на дела). Инцијаторите, поттикнувачите на омразата, едноставно мора да се сопрат! Ако надвладее лудилото, ќе биде неважно пребројувањето: колку изманипулирани, неинформирани, заблудени, од една, или свесни, човекољупци, идеалисти, од друга страна, има меѓу жртвите…

Извор: civil.org.mk
Слики: Странски служби