Жени на работ од нервен слом

26.12.2016 12:20
 Жени на работ од нервен слом

Ваква антиалбанска и антизападна хистерија што ја произведе ДПМНЕ во последниве две-три недели не е забележана ни во најгрдите денови на македонскиот ксенофобичен шовинизам во изминатите 26 години. Всушност, ОВА се најгрдите денови на таа националистичка клаустрофобија: волку омраза, закани, повици за крв, братоубивања и клања на политичките опоненти не памтам во мојата тридецениска новинарска кариера. Толку претераа, што и пословично калкулантската Европска комисија и пословично директниот Стејт департмент мораа да им врзат по една јавна заушка, за да не направат и некоја поголема практична глупост од онаа со објавените посмртници за дипломатскиот кор во Скопје. Дури и побратимската фондација „Конрад Аденауер“, која со години наназад својски се потруди од ДПМНЕ да направи милитаристичка и недемократска организација каква што е денеска, мораше јавно да ги закова за ѕид како што летва се кове на вратата на полски нужник за да се спречи неговата понатамошна употреба.

Во последните две постизборни недели, во ноќите на долгите, кратките, тапите, џебните и ’рѓосаните ножеви на ДПМНЕ, ја видовме целата галерија на ликови околу Фамилијата со изразени симптоми на тешки психолошки пореметувања. Длабокиот стрес од самата можност да ја загубат власта се претвори во физички грчеви (тоа во психијатријата се нарекува соматизација) и избивање пена на устата, проследено со типични клинички симптоми за хистерични состојби на умот: селективна амнезија, пренагласени емоции, очајна потреба за внимание и паранои од најтежок вид. Се извадија од памет, а изборите уште не се ни завршени. Мислам дека дури сега полека почнуваат да сфаќаат што им се случи: големото мнозинство од народот, просто, не ги сака. И што е одговорот на тоа? „Е, па, да пукнете, и ние ве мразиме вас и ќе ја запалиме куќата во која заедно живееме!“




ДЛАБОКИ ФРУСТРАЦИИ

Занимливо е што неколку жени – Мирка, Каракамишева, Валентина Божиновска итн. – се во центарот на оваа ерупција од страв, закани и омраза што во цунами бранови нѐ заплиснуваат од страна на ДПМНЕ. Во оваа констатација молам да ми се верува дека немам ни трага од мизогени (женомрзечки) пориви; напротив, само се обидувам одговорно да сфатам што ги тера овие жени така спектакуларно и јавно да го превалат работ од политичкиот и емоционалниот нервен слом?

Кога ја читате или ја слушате Каракамишева, на пример (препорачувам: http://kurir.mk/makedonija/vesti/upravniot-sud-donese-nezakonita-i-proti..., од минатата среда), нејзината длабока фрустрација од потиснатото антиалбанство, но и од разочараноста од глупоста на сопствениот македонски народ кој не располага со продорната проникливост на Каракамишева за да го сфати погубниот и предавнички антимакедонски заговор на опозицијата, фуриозно се пренасочува кон лидерот на опозицијата и точно гледате како, заслепена од гневот, со прсти би му го извадила гркланот на Заев и како би го изела во живо, пред камерите на ТВ Нова, Канал 5 или Сител, со целата крв која би течела низ забалото и би ги мрсела долгите заносни виткани коси на оваа истакната плавуша на режимот... И кај Божиновска е очигледна несопирливата желба да го распори лидерот на опозицијата со остриот нож на Ќосето, откако претходно, на полна месечина, облечена од глава до пети во тесен, кожен комбинезон со леопардовска шара и со стотици свеќи во некој мистичен подрум, би го бодела и бодела телото на струмичанецот како некој пореметен масовен убиец од холивудските хорор филмови... За Мирка ништо нема да кажам, оти од и за нејзината состојба на умот сум одамна преплашен. Тешко е на овие жени да им објасниш дека хистеријата не е замена ни за просечна интелигенција.




БОЛЕН РЕЖИМ

Читам дека до Фројд, хистеријата се сметала и се третирала како ексклузивно женски медицински синдром. Повеќе од две ипол илјади години наназад, сѐ некаде околу почетокот на 20 век, таа состојба се лекувала главно на два начина: со некаков научен пристап (толку колку што дозволувала науката секој век наназад, а што поназад, толку помалку) или магично-демонолошки, со толкување дека „нешто е влезено во жената“ што мора да се истера. По таквата дијагноза, главно се преминувало на правење чаеви и облоги од тревки, но и со препораки за засилен секс или со упатства за комплетна сексуална апстиненција, во зависност од пристапот и склоностите на надлежниот селски шаман. Впрочем, уште Платон и Аристотел, а и самиот Хипократ кој прв го употребил терминот хистерија, биле на мислење дека причината за „женското лудило“ лежи во тоа што, како да кажам, женскиот утерус не ја доживува машкоста доволно често, па овие брилијантни умови на западната цивилизација со своите релативно примитивни научни пристапи заклучиле дека хистеријата е особено изразена состојба кај некои распуштеници, вдовици, невини или немажени жени, генерално со недоволно активен сексуален живот.

Дури од Фројд наваму, на хистеријата, исправно, се гледа како на заболување на двата пола (што, сега веќе, ни олеснува да ги сфатиме Миленко, Латас или Филип Петровски, на пример), како психолошко пореметување предизвикано од серија стресови или од одредени негативни, психопатолошки засилени влијанија од опкружувањето на хистеричната личност. Што би рекол нашиот психијатар Мице Дудучки во интервју за „Фокус“, „наместените гестикулации на Груевски даваат јасна слика за лошата психичка состојба не само на ‘вождот‘, туку и на останатата дворска ‘булумента’, кои несвесно го поддржуваат во неговата психопатолошка манифестација... Ваквата манифестна слика на помешано чувство на страв и несигурност и внатрешна борба со самиот себе, која не може да ја скрие, е израз на истрошеност на и онака скромните ментални капацитети, па ваквите манифестации беа само врв на ледениот брег, односно експлицитна форма на психопатологија на режимот“.

Што ти е наука. Сите одговори можете да ги најдете таму, дури и за состојбата на политичката мисла на Каракамишева.



ЗАТУЦАНИ ЕВАНГЕЛИСТИ

Привршува уште една епизода од жалната историска лекција за Македонија во која, повторно, емпириски се докажа дека ВМРО нема внатрешен капацитет, а ни желба, да ја модернизира македонската држава. Ова стогодишно здружение на идеолошки шизматични струи и ликови, со вековна традиција на пљачкосување и малтретирање на локалното, македонско население, денеска ја доживува современата варијанта на морален и политички распад, повторно повикувајќи на крв, братоубиства, долги и кратки ножеви, величејќи пробисвети и криминалци од маштапот на некаков Ќосе!

Прочитав некни некаде пренесен фејсбук-статус на извесна Руже Слезенковска, горда членка на ВМРО-ДПМНЕ, која за својата партија вели: „Не е само штаб – дом ни е; не е само организација – фамилија сме“. Тоа е тоа: тие и по дома живеат во штапска атмосфера, тие се фамилијарно на партиска задача, тие се мобилизирани 24 часа во организација која им е сѐ во животот и без која би биле никој и ништо. Тие се како некоја затуцана евангелистичка секта која ќе го спасува светот од неизбежната апокалипса со проповедање на „оригиналната Библија“, со доктрината за спас на македонската нација низ омраза кон сите и со војна со сите, но најпрво (и никогаш повеќе од тоа) со расчистување со „предавниците“ во сопствената нација.

Секогаш, упорно, на погрешната страна на историјата. Чекаат да дојде Трамп и да ги спаси од самите себе. Пацери.


Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат