Како да се архивира културата за граѓански промени?

27.12.2016 03:55
Како да се архивира културата за граѓански промени?

Архивирање – проблемите со континуитетот на колективната меморија во секторот на независната култура и граѓанските изблици на отпор

 

Истражувачите, антрополозите, историчарите на уметност, кураторите во Националните музеи и галерии, како и граѓанските активисти, истакнуваат дека на архивирањето на податоците за општествените случувања и уметноста во Македонија не му се обрнува потребното внимание. Националните музеи и галерии немаат ниту функционална и поврзана дигитална база на податоци каде што би можеле да се пребаруваат архивите на овие институции. Сите обиди да се мрдне од мртва точка на тоа поле завршувале неславно, првенствено поради немање волја идејата да се истурка до крај. Ова се дел од дискусиите кои се развија на регионалнаta конференција „Како да се архивира културата за граѓански промени“ во организација на ФРУ, која се одржа во ГЕМ клубот во Скопје пред неколку дена. На конференцијата присуствуваа и претставници од Хрватска и Словенија, кои ги изложија своите искуства при архивирањето на различни аспекти од незавсната културна сцена и граѓанството.


Модераторот Славчо Димитров го отвори подиумот давајќи вовед во темата околу тоа кои се критериумите за еден материјал да биде архивиран и кој е оној кој треба да архивира. Димитров исто така го постави и прашањето околу иницијалните жаришта на граѓанскиот отпор во последните неколку години во Македонија и тоа кој, како и од која позиција дефинира што е легитимен отпор, а што останува избришано преку таквото врамување.

-Земајќи го предвид разбирањето на културата низ широка и интердисциплинарна перспектива, со оваа дискусија сакаме да ги проблематизираме и разбереме и апаратите преку кои се конструира историјата на уметноста, развојот на културата, културата на отпорот, кричката култура, и на современата култура и уметност – рече Димитров.

Ивана Васева, кураторка и програмска директорка на организацијата „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ истакна дека при реализацијата на проектот „Култура за граѓански промени“, таа и нејзините соработници сметале дека во контекст на независната културна сцена е значајно да го таргетираат проблемот со архивирањето, па токму затоа ја организирале оваа конференција.

Анита Ивковиќ, историчарка на уметноста и претседателка на организацијата „Центар за современа уметност“ од Скопје, се наврати на идејата за креирање на дигитална база која би ги инкорпорирала архивските податоци од неколку национални музеи и галерии во Македонија, идеја која што за жал пропаднала поради недостаток од интерес за соработка од страна на институциите.

-Центарот за современа уметност е формиран во 1994 година и во тој период започнавме со изработка на визуелна документација за современите ликовни уметници во Македонија. Потоа во 1998 година произлезе идејата да се направи една дигитална датабаза на севкупните архиви на неколку институции: Музејот на современата уметност, Музејот на град Скопје, Националната галерија и Уметничката галерија од Битола. Сето тоа за жал не успеа. Ние ја направивме базата, се одржаа обуките и потоа се случи отпор од вработените во институциите кои што немаа желба понатаму да се вклучат во проектот – рече Ивковиќ.
Зоран Петровски, историчар на уметноста и кустос во НУ Музеј на современа уметност, истакна дека со распадот на Југославија започнало и внатрешното разјадување на институциите, па така, ако порано имало функционален аналоген систем на архивирање кој подразбирал и размена на каталози со другите институции од регионот, сега постои само интерна дата база на музејските колекции, а архивирањето се сведува на следење на неколку печатени медиуми што е неприфатливо за денешно време.

-Идејата да се направи независен центар за документација на современената уметност во Македонија, никогаш не се реализира, поради фактори како немање на доволно финансии, а и недостиг на упорност тоа да се истурка до крај – вели Петровски.

Тој исто така ја презентираше и онлајн платформата – продукт од проектот на асоцијацијата на ликовни критичари и куратори на Македонија (AICA), што тековно се полни со податоци.

Илина Јакимовска, авторка и професорка на Институтот за етнологија и антропологија на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, преку практични примери од праксата ги посочи проблемите со кои се соочуваат истражувачите и антрополозите во Македонија.

-Темите поврзани со формите на отпор се доста привлечни за истражувачите, но истражувањето на крај може да се претвори во разузнавачки извештај за центрите на моќ, бидејќи содржи детални описи за изворите, односно информерите – вели Јакимовска, додавајќи дека ова неретко води до етичка недоумица за почитување на приватноста на изворите кои говорат за сензитивни теми од една страна и почитување на ригидниот систем на архивирање кој бара детални податоци од друга страна.

Претставници од Словенија на дискусијата беа Рок Вевар, независен драматург и архивар на современиот танц и Јасмина Заложник, теоретичарка на независната сцена и кураторка.

Рок Вевар, кој го направил првиот привремен словенечки архив на танцот, вели дека недостигот на архивирани материјали, оди во прилог на тоа да се шират анегдоти, фикција и митови околу областите кои не се архивираат. Кога почнал да ги собира материјалите за да ги архивира, на моменти се соочувал со отпор, бидејќи на тој начин се нарушувал голем дел од мистиката која гравитирала околу тие области, заборавени од државните институции.

-Тој архив сега служи како јавен сервис, кој претежно го користат луѓето од НВО секторот, како и некои академици кои не можат да ги најдат потребните материјали во државните архиви.

Јасмина Заложник, пак, говореше за својата специјалност – супкултурата во Љубљана, која од една страна е дел од пошироката култура, а од друга страна пак, не е доволно нормирана за да се вклопи сосема во тој поширок термин.
Гордан Босанац, програмски координатор во организацијата „Центар за мировни студии“ во Загреб, ја изложи накратко реализацијата на идејата да се архивира една своевидна повест за хомосексуалноста во Хрватска.

-Дојдовме на идеја да направиме историја за хомосексуалноста во Хрватска, односно книга која ќе говори пред сè за човековите емоции. Ние не сме професионални архивари, па се консултиравме со професионалци околу методологијата на истражувањето. Книгата која всушност е една серија на сведоштва, во моментов е единствена историја од тој тип во Хрватска, која што ја разработува тематиката на хомосексуалноста – истакна Гордан Босаснац.

Бојан Иванов, историчар на уметноста, кој учествуваше во неодамнешното издавање на книгата на Џон Блеквуд „Критичка уметност во современа Македонија“, ги проблематизираше и самите обиди тековно да се категоризираат и етикетираат околностите како критички, активистички и така натаму.

-Книгата „Критичка уметност во современа Македонија“ е дело на авторот, а јас сум само издавач. Таа книга е исто така попатен резултат, како што се попатни сите обиди за архивирање што ги спомнавте овде – никогаш довршени, никогаш до крај заокружени. Цело време зборуваме за „работни обиди“, „работни верзии“ и „недовршени ситуации“. Мислам дека има огромно лицемерие во самиот обид да се архивира нешто и тековно да се одредуваат тие граници на тоа што е критичко, што е ангажирано, што е активизам и така натаму. Во моментов главните работи се одвиваат на улица, а не овде на маса – рече Иванов.

Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста и претседателка на организацијата „Кoнтрапункт“од Скопје, се осврна и на двата поима во фокусот на конференцијата: архивирањето и отпорот.

-Иако немам архива ниту на сопствените текстови, свесна сум за исклучителната важност на архивирањето, на улогата на сведокот. Сакам само да ги поставам прашањата кој е оној што треба да биде сведок и да го негува сеќавањето и како нашите перформативи да ги претвориме во артикулирана критичка пракса, доколку во еден миг го актуелизираме критичкото, а не херојското сведочење. Што се однесува пак до отпорот, во 90-тите години, ние всушност и не зборувавме за отпор. Она што го правевме го нарекувавме алтернатива и создавање на современа култура која што ќе произведува нова вредност. Ние сега западнавме во замката на актуелниот политички момент и не говориме за производство на нови вредности. Постојано сме во таа дефанзивна напрегнатост и отпорот го артикулираме преку одбрана – вели Гешоска.

Ивана Драгшиќ, социолог и член на „Плоштад Слобода“, говореше за проблемот со новите технологии кои неретко се користат како своевидна алатка за архивирање, а притоа се поставува дилемата колку всушност се работи за илузија дека нешто е архивирано, кога не е ставено во сериозен контекст и не е од трајна природа. Таа архивирањето го гледа како механизам за борба против некаква хегемонија, патријархални дискурси и митови.

-Меѓутоа, архивата од една страна е механизам против тие митологизации, но истовремено и алатка за креирање на истите. Токму тоа се случува и кога говориме за граѓанскиот отпор во Македонија, некои работи се забораваат. Главниот извор на отпорот кој сметам дека треба да биде архивиран е проектот Скопје 2014, а денешната перспектива е „Сè почна од студентите“. Значи ние, или нашиот заеднички отпор против Скопје 2014 е нерелевантен и не постои – истакна Драгшиќ.

Во изминативе неколку дена, се одржаа повеќе настани кои го таргетираа проблемот со архивирањето. Регионалната конференција „Како да се архивира културата за граѓански промени?“, работилницата „Архивирање на прекаријатната работа“ и прикажувањето на претставата „Битката на Неретва“ од Борис Бакал, се одржаа на 21 и 22 декември во Скопје, во склоп на проектот „Култура за граѓански промени“ како продолжение на активностите на Фестивалот за современи уметности ПОП АП АКТО, организиран од ФРУ (Факултет за работи што не се учат).

ОкоБоли главаВицФото