Прогласот на Грујо како магионичарската претстава на Мујо

27.12.2016 11:48
Прогласот на Грујо како магионичарската претстава на Мујо

Кога Груевски го прочита историскиот Проглас на ВМРО, точно се сеќавам - беше тоа на 17-ти црн декември, не можев да се оттргнам од чувството на шизофрена поделеност на реалностите што овој знаменит настан ги предизвикуваше во свеста на гледачот. Од една страна, траорната милитаристичка содржина на Прогласот претставуваше вистинско објавување војна на целиот надворешен свет, затворање на земјата за какви и да е меѓународни влијанија, непризнавање на никаква одлука што се коси со фашистичката волја на ВМРО, ликвидација на граѓанскиот сектор во земјата и, се разбира, одбивање да се напушти власта под какви и да е околности. Од друга страна, пак, оваа ужасна содржина на Прогласот беше исчитана од страна на Груевски со глас од кој како да беше исцедена душата, од засипнат, умрен глас што тивко се ронеше ко тресетна земја од неговата уста. И, иако станува збор за досега најзастрашувачкиот Проглас на ВМРО-Фашистичка од кога оваа историска несреќа ја навјаса македонската питомина, тој не уплаши буквално никого. Всушност, веројатно токму поради заразното чувство на поразеност на говорникот, што одзрачи многу посилно отколку малоумната содржина на Прогласот, и уште повеќе, поради контрастот помеѓу неговиот шуплив и веќе препознатливо селско-нарикачки изговор и ѓоа херојската реторика на имбецилното четиво, ова јавно читание се престори во вистинска надреалистичка самопародија. Безбели овој нереален контраст помеѓу македонската постизборна реалност и психопатската заблуда што во своите редови – како внатрешно партиска стварност – ја одгледува ВМРО, ме потсети на неверојатниот виц за Мујо магионичарот, што неодамна на Дежуловиќ средноќ му го прераскажал неговиот пријател Кожо.

Елем, се сретнале Мујо и Хасо по долго време, се прегрнале и изљубиле, и кога Хасо го прашал пајташот што го снемало толку, овој му одговорил дека никако немал време за дружење поради честите настапи. Какви настапи, прашува Хасо, а Мујо му одговара: „Е, јас сеа ти настапувам како магионичар“. „Не зафркавај“, се смее во неверба Хасо, а Мујо упорен: „Ма, стварно, жими мајка“, запнал да го уверува, „сакаш ли да ти го покажам главниот трик?“. Вади Мујо од магионичарската торба голем чекан и му го дава на Хасо. „Шо ќе ми е чеканов?“, прашува во чудење Хасо. „Удри ме со него по глава, па ќе видиш“. „Ма, нормален ли си, баш по глава?“ А, Мујо се мести, се концентрира и наредува: „По глава, и тоа со цела сила“. Што да прави, го зел Хасо чеканот и го рокнал Мујо со цела сила по главата, а овој, јасно, ко од гром погоден, се ничкосал ко мртов на земја. Главата разнесена, липта крв, се кренала општа паника, и Мујо во несвест – ко леш, со амбулантно возило го однеле во болница. Таму го оперирале од повеќеструка фрактура на черепот и тешки повреди на мозокот, па лежел шест месеци во длабока кома, на апарати за одржување живот, а другар му Хасо секој ден му седел над постела, бдеел, го гледал, му зборувал на уво и му читал весници. Така, еден ден, додека Хасо читал на глас, изненадно – ко по чудо, се буди Мујо од кома. Рипнал Хасо од среќа, занемел, се расплакал, па заблеал распаметен: „Жив ли си, брате мили?“, а Мујо го здогледал, малку се подисправил, во ѓоа магионичарска поза ги раширил рацете, се поклонил и гракнал: „Та-дааааа!“

Нели ви наликува, почитувани читатели, нашиот Грујо на легендарниот магионичар Мујо, кога по имбецилната претстава на уништувањето на македонската демократија, газењето на сите уставни и морални вредности, и потполната криминализација на судството, легислативата, и на правото воопшто; по кретенизацијата на образованието и на генерации златни млади Македончиња и крадењето на пола дузина милијарди народни евра и илјадници хектари народна земја и имоти; по сиот ужас во кој - како во надреалистички виц со кршење глави со чекани – Груевски и ВМРО ја фрлија во кома Македонија, овие криминални билмези излегуваат пред градот и светот и ни го читаат нивниот малоумен Проглас, како ништо да не се случило, како сите да сме се разбудиле од кома, за да го чуеме нивното: Та-даааа?!? Тука, меѓутоа, завршуваат сличностите помеѓу бесмртниот Мујо и нашиот Грујо: додека првиот се буди без последици од сите негови коми, докажувајќи му ја на светот неуништливоста на динарскиот хумор, вториот е веќе во длабока политичка кома од која никогаш нема да се разбуди, а неговото прогласно „та-дааа“ е само доказ дека ниту тој, ниту неговата камарила, за тоа уште не се свесни. Но, сите нормални Македонци се сосем свесни дека без оглед на резултатите од прегласувањето во Теарце и без оглед на сите одвратни уцени со коишто ВМРО ќе се обидува да ја држи Македонија во заложништво, времето на нивните криминални „магионичарски“ трикови заврши. Засекогаш.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев