1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Пред повеќе од 18 години, Џорџ Мајкл беше јавно аутиран заради „непристоен чин“ во јавен тоалет во Беверли Хилс – и веднаш се најде понижен од институционалните хомофобични весници. Некој друг веројатно би бил обземен од срам и би коленичел пред таблоидите, кои тогаш го зазедоа ставот на лицемерни морализатори, улога што во минатото ѝ припаѓаше на средновековната црква. Напротив, Мајкл го состави најголемото „ебете се“ во музичката историја. „Outside“ е песната во која тој без никакво извинување парадираше со својот човечки сексуален апетит и му објави војна на лицемерието на другите. Сексот е природен, одеше песната; таков беше ставот: „Ова е само месо и коски“.
Не беше прочистен, односно избришан вистинскиот Мајкл. Тој беше геј, геј икона и да се биде геј беше неделиво од неговиот идентитет и музика. Како и повеќето геј мажи, соочувањето со сопствената сексуалност претставуваше стресен процес: беше уверен дека ги сака жените и прифати дека е геј дури во средината на дваесеттите години, многу пред да се соочи со родителите. Некои велат: зошто чекал да наполни 35 години за да признае дека е геј, и тоа под присила?
Излегувањето од плакарот драстично се разликува за секого: тоа искуство е наметнато врз геј мажите – и сите ЛГБТ луѓе – од страна на општество кое сѐ уште не ги прифаќа целосно. А во 1990-тите години, за една суперѕвезда беше значително потешко јавно да ја признае хомосексуалноста отколку што е денес. Според Британската анкета за социјално однесување, во годината кога Мајкл ја призна својата хомосексуалност, половина од Британците изјавиле дека се секогаш или делумно против истополовите односи (скоро 4 од 10 изјавиле „секогаш“), додека само 23% изјавиле „немам ништо против“. Од амандманот поглавје 28 (изгласан пред една декада), до различна возраст за согласност за стапување во сексуален чин, анти-геј законите сѐ уште беа под сила.
Излегувањето од плакарот не треба да биде обврска за јавните личности: се работи за лично искуство, а животот сепак е комплициран. Но, несомнено, излегувањето на Мајкл претставуваше спас за многу ЛГБТ луѓе – не само геј мажи – кои се борат со општество што ги осудува и ги принудува да го интернализираат срамот. Не може да се опише со зборови колку човек се чувствува осамен во ова искуство. Но се појави познато име: име кои девојките во училиштата – и нивните мајки – го обожуваа.
Да, точно, начинот на кој беше аутиран се претвори во стандардна хомофобична тропа, средство со кое фанатиците полесно ќе ја изразат одбивноста кон моралната корумпираност и гнасотија на геј мажите. Ама, како што велат, „хејтерите хејтаат“ – и хомофобите ќе се фатат за сѐ што оди во прилог на нивниот нетрпелив наратив. За ЛГБТ луѓето, од друга страна, преплашени од сознанието за себеси, да се види човекот кој ја пееше „Last Christmas“ како им порачува на неговите мачители да му се фатат беше ослободувачки.
Во 1980-тите и поголемиот дел од 1990-тите години, илјадници геј мажи умираа од ХИВ/СИДА. Додека тие исчезнуваа, поголемиот дел од општеството варираше со чувствата меѓу сожалување, гнасење и мислењето „самите си се виновни“. Мајкл исто така беше покрај својот љубовник, Анселмо Фелепа, измачен и убиен од болеста. Во хитот број еден од 1996 година, „Jesus to a Child“, пееше за тешката загуба, истакнувајќи дека неговата сексуалност и музиката не можат и не смеат да бидат разделени.
Да се биде јавно геј е една работа, но често тоа е под услови диктирани од општеството кое осудува. Сè дури си прочистен, и по можност бесполов во појавата, ќе бидеш прифатен – барем така вели тајната спогодба. Додека во минатото фанатиците ги прогонуваа геј луѓето, како што забележа Метју Парис, во денешно време „тие шират омраза, а новиот воен повик е следниот: „Престанете веќе еднаш со тоа! Кој ве праша со кого се будите? Вашиот приватен живот е ваша работа, и престанете да ми го пикате пред нос [потсмев, потсмев] …“
GEORGE MICHAEL - Shoot the Dog from MUSIC BOX CHANNEL on Vimeo.
Мајкл ја отфрли тајната спогодба. Беше во отворена врска. Сакаше анонимен секс. „Вклучете го телевизорот и ќе забележете дека британското општество го тешат геј мажи, за кои нема никаква заблуда дека се геј, но кои не претставуваат никаква сексуална закана“, изјави тој за весникот Гардијан во 2005 година. „Геј луѓето присутни во медиумите постапуваат за да им угодат на стрејт луѓето, а мојот автоматски одговор на ова е да им порачам дека сум непристоен дркаџија и ако не ви годи, тогаш не ви годи“. Со други зборови, како што напиша на Твитер: „Никогаш не сум се извинил, ниту пак ќе се извинам за мојот сексуален живот! Геј сексот е природен, геј сексот е добар! Не го имаат сите, ама ете… ха, ха!“
Џорџ Мајкл беше човек кој гордо се застапуваше за ЛГБТ правата, ја поддржуваше добротворната организација „Теренс Хигинс Траст“. Беше политички ангажиран и на други начини, на пример, ги подржуваше лабористите кога Маргарет Тачер беше премиер, како и штрајкот на рударите во Британија. Приреди бесплатен концерт за медицинските сестри на Националниот здравствен сервис за да им се заблагодари за грижата за неговата мајка. Во 2003 година, ја преработи песната „Faith“ заедно со Мис Дајнамајт против војната во Ирак, па дури и издаде сингл – „Shoot the Dog“ – против Тони Блер заради неговото сојузништво со Џорџ Буш и неоконзервативците.
Веќе си ги замислувам обвинувањата против текстов: „Престани да го политизираш!“ Викотници на луѓе кои претпочитаат да ги избришат личните аспекти од човекот кој го обожуваат затоа што тоа им противречи на нивниот поглед на светот. Но кога луѓето умираат, имаме одговорност да се присетиме на вистинскиот лик, а не на прочистена и погрешна верзија прифатлива за сите.
Живееме во време кога фанатиците одново се окуражија. Нивното однесување кон поддржувачите на анти-расизмот, феминизмот и ЛГБТ правата е следното: „Си го добивте своето, готово е, крај, сега нам ни е редот“. Примамлива е поканата да го свртиш грбот и да се повлечеш. Но, како тинејџер кој ја криеше сопствената хомосексуалност во 1998 година, не можам да не се присетам на храброста и отпорот на Џорџ Мајкл. Талентиран и обожуван музичар, точно е. Но исто така геј маж и геј икона, која барем малку им го олесни животот на ЛГБТ луѓето.
Извор: coalition.org.mk