Семе на смртта

28.12.2016 03:48
Семе на смртта

Чајџилницата на Јаздагирд се простираше среде голема убава градина, на самиот брег на Зајандеруд, околу половина час јавање од градот, а беше составена од две простории, од кои првата, поголема, беше отворена за секого бидејќи во неа се служеше храна и дозволени пијалаци, додека втората, помала просторија, што се отвораше кон големата тераса, на која повторно продолжуваше, спуштајќи се кон реката, низата помали тераси, главно беше резервирана за едно или две затворени друштва, кои сакаа да уживаат во убавиот поглед на градината и реката, но и во виното, хашишот, жените и другите работи, кои му се забранети секому кој нема доволно пари неказнето да си ги дозволи. Кога дојдоа Омар и Сали, во таа просторија, зад една голема маса во аголот, веќе ги чекаше друштво составено од тројца млади луѓе. Двајцата Омар ги познаваше од гледање, а третиот, најстариот во целото друштво, симпатичниот чудак Ебу Сеид, суфи кој бараше да го викаат принц Сејди, го познаваше мошне добро бидејќи со него многу и со задоволство разговараше за поезија. Како и останатите суфии, Ебу Сеид носеше облека од груба волна, но на себе секогаш имаше барем едно парче во златна боја, денес на пример кафтан, кој истовремено како да се подбиваше на суетната златна боја и грубата, едвај обработена волна. А по тоа наликуваше на Ебу Сеид, кој и самиот секогаш, со сето она што го зборува и прави, се подбиваше со себеси и со својот соговорник, со она што го кажува и со она што го премолчува, истовремено покажувајќи дека многу сериозно се сфаќа и себеси и тој соговорник. На пример, со задоволство ги уверуваше сите оние кои сакаа да го слушаат дека е среќен и благодарен затоа што добрите луѓе, султанот Маликшах и големиот везир Низамул-Мулк, се согласиле да се грижат за овој свет, така што тој, Ебу Сеид, т.е. принцот Сејди, целосно може да се посвети на важни работи, пред сè на грижата за оној свет и работите врзани за него. Така и на сличен начин Ебу Сеид провоцираше секогаш и секого, постојано на неодредената граница помеѓу шегата и сериозниот говор, внесувајќи подбив или пофалба во сè што кажуваше или правеше, и тоа во еднаков сооднос. Тој знаеше на човек, кому во мигот му гори куќата, воодушевено да му воскликне в лице: „Твоја е куќава? Блазе тебе, брату мој, радувај се и слави, среќнику“, а потоа надолго да му објаснува дека драгиот Алах само оние кои ги сака ги става на големи искушенија и брзо ги ослободува од целиот непотребен товар. А потоа кога нормалните луѓе сè ги наведуваше на мисли за самоубиство, тој гласно ги уверуваше сите околу себе, особено оној кој правилно размислува да се убие, дека животот е преубаво чудо и овој свет е вистинското место за помин. А сепак сè уште не се случило некој да го претепа или барем да го изнавреди, на пример, очајниот татко на семејството кое штотуку останува без покрив над главата да му каже она што морал да го помисли, или збеснатиот војник да ја испроба на него тапата страна на сабјата, напротив – беше и остана омилен во сите кругови на општеството во Исфахан.
Додека Сали и Омар се поздравуваа со затекнатите пријатели и се сместуваа на перниците распоредени околу ниската бакарна маса, убавата ќерка на Јаздигард на масата изнесе сад полн со семки од тиква и сончоглед и јатки од бадеми и лешници, а потоа праша што ќе се напијат. Ебу Сеид и Омар сакаа вода измешана со снег и доволно изладена што од неа боли устата, а останатите тројца црно вино шираз. Сали им раскажа како трговецот Рустем, кој недалеку од пазарот подига вистинска градска палата, му понудил да ги направи сите керамички работи во неговата идна куќа. Значи тој, Сали, би требало да нацрта шеми за подните мозаици и за орнаментите кои ќе ги красат ѕидовите, да ги одреди боите и да го надгледува изработувањето на плочките, а потоа на крајот да управува со поставувањето на плочките и нивното сложување во мозаици и орнаменти што ги замислил. Зборуваше дека во главата има многу јасна слика на орнаментите, ја објаснуваше разликата помеѓу внатрешните и оние кои би требало однадвор да ја украсуваат палатата, страсно докажуваше дека внатрешните и надворешните орнаменти на една зграда не смеат да бидат идентични, а често не би требало да бидат ниту слични, загрижено се распрашуваше кој од присутните какви мозаици би сакал да има во својата куќа, доколку би имал можност себеси да си дозволи куќа со мозаици. Притоа сè повеќе пиеше и постојано нарачуваше нови јадења, зборуваше сè побрзо и сè погласно, очигледно сè помалку се чувствуваше добро и на друштвото му стануваше сè понепријатен.

Веројатно Јаздагирд забележа дека Сали некоја своја мака, или барем непријатност, настојува да ја прикрие со неумерениот говор и нарачки, па реши да помогне барем кај второво, нудејќи постојано нови работи за нарачување. Во некоја доба тој пријде на нивната маса и на Сали тивко, како во доверба да му открива важна тајна, му предложи, како врв на преубавата гозба, за нив да приготви јагнешки јазици печени на сало од потполошка, колнејќи се дека ниту едно од јагнињата не било постаро од пет месеци. Сали веднаш се согласи и побара Јаздагирд да ги приготви тие јазици за сите петмина, но Ебу Сеид се вмеша и го исклучи секој разговор за нови јадења, напоменувајќи дека луѓето се честат со разговор и друштво, додека храната и пијалаците се само повод за разговор и присутност на луѓето со кои разговараме. Сали инсистираше на јазиците и на уште малку вино, објаснуваше дека тој ќе плати сè бидејќи добил голема аконтација за голема работа, уверуваше дека за него е радост и чест што може да го почести ова друштво, настојувајќи да ја дофати раката на Ебу Сеид.
Со движење на раката што Сали не успеа да ја дофати, Ебу Сеид го отпушти Јаздагирд, а потоа се сврте кон Сали и му одржа говор каков што никој од него не би очекувал. Долго ја фалеше дарежливоста како една од најубавите доблести, докажуваше дека човек без дарежливост нема ниту отменост ниту радост, бидејќи другите луѓе со право го избегнуваат, а без некој друг нема радост – ниту најголемиот будала, ниту најлошиот скржавец, не може да се радува самиот на себеси, потсети на хадисите кои ја фалат дарежливоста и на големите луѓе кои ја фалеле дарежливоста независно од хадисите. Потоа напомена дека секоја доблест станува одвратна кога на некој човек ќе му стане средство да се покаже себеси или да добие пофалба, награда, углед или нешто слично. Се заколнуваше дека е полош човекот кој дарува за да покаже колку има, отколку оној кој загрижено седи на својот малечок имот, како што е полош љубезниот човек кој на сите им ласка за да го фалат од оној што остро ќе одговори за да го има својот мир. Денес Сали ја покажа својата дарежливост и мудро се обиде својата радост да ја подели со пријателите. Тоа е умно бидејќи радоста во самотија се поднесува потешко отколку тагата, но би било штета доколку сега неговата дарежливост се преобрази во простачко расфрлање со пари или во настојување од нив, своите гости и пријатели, да изнуди пофалби, благодарност или, не дај Боже, восхит.
Дури пред крајот на долгиот говор на Ебу Сеид се врати неговиот карактеристичен начин на зборување, сè дотогаш зборуваше тврдо и отсечно, сериозно и самоуверено, како навистина и со сигурност да знае што зборува и што е вистина. Тогаш, кога во говорот се врати неговиот начин, со неочекувани промени на интонацијата и паузи, сè изговорено со тон кој на слушателот не му дозволува да одгатне дали Ебу Сеид зборува сериозно или се подбива, бидејќи ни тој самиот, Ебу Сеид, очигледно не знае со сигурност дали мисли сериозно и дали е вистина тоа што го изговара, тогаш веќе зборуваше за работи што немаа директна врска со вечерата и со однесувањето на Сали. Зборуваше дека човек мора нешто да направи од својот живот, не може да биде дека Создателот нè поставил во Својот свет за да го украсиме, бидејќи има, рака на срце, и поубави работи и појави од човекот. Јасно е дека Тој нè повикал со некоја задача, поради некоја цел што мора да ја исполниме, и тоа секој од нас поединечно. Затоа прашај се за што си ти и која би можела да биде твојата цел. Блазе тебе ако на светов можеш да престојуваш како веќе да си умрел, мирен и прибран, целиот посветен на важното и неминливото. Но малкумина се такви, дури и на нив не им оди баш секогаш од рака да го свртат погледот од појавите на овој свет кон она неминливото. Ако не можеш како нив, а не можеш бидејќи ти не си принц Сејди, посвети се на луѓето со кои треба да живееш и заработувај себапи на нив, шири љубов по светот, преправај се дека му служиш на ближниот свој. Ако не го можеш ниту тоа, а не можеш, бидејќи не си доволно умен за да сфатиш дека себеси си служиш што и да правиш, тогаш ти препушти се на сиротинските радости, па собирај и штеди пари.

Заработувај и собирај го богатството на овој свет, брату мој Сали, собирај богатства и троши ги на добро, и тоа е некоја цел. А ако не го можеш ниту тоа, ти само заработувај и собирај, ќе се најде веќе некој тоа да го потроши за добро или зло; собирај, трупај и штеди: колку и да е сиротинска, и тоа е некоја радост и цел, па затоа посвети се на тоа да ја оствариш. Направи нешто од својот живот, посвети се на тоа, но навистина посвети се.
– Бла-бла-бла – одмавна Сали. Животот е, принцу мој драг, воздух, не може од тоа нешто да се направи. Не знаеш дали е во тебе или околу тебе, си го вдишал или издишал, не го слушаш и не го гледаш, а тој по сопствен ќеф е еднаш тука и другпат таму... Чист воздух.
Еден од младичите кои Сали и Омар ги затекнаа со Ебу Сеид замавна со раката да го сврти вниманието на себе, а потоа со палецот ѝ даде знак на ќерката на Јаздагирд да му го наполни бокалот со вино. Не симнувајќи го погледот од девојката, зборуваше дека е најдобро да му се наздравува на животот и да се пие за неговата смисла. „Налеј ја ти неа добро, па ќе видиш колку брзо расте“, заклучи, посегнувајќи по раката на девојката што таа вешто ја измолкна.
– Мислиш на смислата? Зарем и тебе ти расте? – го праша вториот младич, следејќи го прашањето со двосмислено движење и покажувајќи со погледот на девојката.
– Зошто не би растела?! Крушката расте кога е добро налеана, и ждребето, зошто не би растела смислата и такви работи? – со смеење се согласи првиот, гледајќи ја убавата ќерка на Јаздагирд како заминува.
– Крв – му излета на Омар, Господ знае зошто и како.
– Каде? Каква крв? – праша Сали, откако тројцата ги спуштија чашите.
– Крвта е живот, мислам основа, таа го носи, го разнесува по телото – објасни Омар, чудејќи се самиот на себеси. Тој не сакаше да се меша во разговорот, кој му беше непријатен и не го интересираше, не сакаше да се прави важен и да го покажува своето знаење, не сакаше дури ниту да го изрази своето мислење, а сепак дозволи да му излета глупава забелешка за крвта и еве, сè подлабоко се вплеткува во разговорот кој не е за него и по ништо не е негов.
– Добро ти е ова, хакиме. Да, да, крв, двете течат, каде има подобра основа на животот – се смееше Сали. Но во неговото смеење, а особено на лицето, имаше многу повеќе грч отколку веселост.
– Сериозно мислев – потврди Омар. – Каде што нема крв која тече, нема ниту живот.
– Тоа можеше да го видиш и кај праската – му се обрати Ебу Сеид на Сали. – Додека е на стеблото, таа се црвенее бидејќи е полна со крв што тече низ неа, а кога ќе ја набереш, некако е бледа бидејќи останува без живот, кутрата.
Низ смеата што ја предизвика забелешката на Ебу Сеид, едвај се провлече гласот на Омар.
– Тешко на оној кој сериозно ќе те сфати, драги принцу Сејди – му одговори Омар – бидејќи ти сè, ама баш сè што не си го изговорил самиот, мораш да го претвориш во подбивање. Сега да кажам дека е вторник, 14 шабан, ти и тоа ќе го одречеш и ќе направиш некаква досетка на моја сметка.
– Нема, ти се колнам, хакиме – возврати Ебу Сеид, преправајќи се дека зборува сериозно. – Еве, кажи дека денес е вторник, а јас, доколку ти е тоа важно, молчешкум ќе ти издадам писмена потврда дека е така.
– Двете течат, тоа е единственото заедничко на крвта и животот – тивко, како во доверба повтори Сали, како да му е животно важно да го убеди Омар во таа важна вистина.
Тогаш на Омар му се случи она што во слична ситуација ѝ се случува на секоја млада будала убедена во својата исклучителна памет: почувствува потреба да докаже или барем да ги увери соговорниците во тоа што го тврдеше. Заборави дека несреќното тврдење за крвта и животот му излета случајно, заборави дека ни тој самиот не го мисли тоа сосема сериозно, или барем не е уверен дека тоа тврдење е вистинито, не се сети дека во разговори од ваков тип добрата досетка се цени повеќе од светата вистина, бидејќи досетката, за разлика од вистината, го поправа расположението и предизвикува смеење, а ваквите разговори служат токму за тоа луѓето да се расположат и да се насмеат. Го заборави и најважното што досега го беше научил за ваквите разговори, имено, дека тој се вклопува во нив само кога постојано молчи. Беше заборавил сè и почна да го докажува тврдењето кое случајно му се измолкна, како да станува збор за причината за неговиот живот.

Извор: Џевад Карахасан, Семе на смртта, Темплум, Скопје, 2016.

Превод од босански: Никола Гелевски

Слики: Edmund Dulac

Џевад Карахасан (1953), босански писател, драматург и есеист роден во Дувно (денес Томиславград). Автор е на дваесетина книги драми, есеи, раскази и романи. Неговите драми се изведувани ширум Европа и светот, но највреднувани се неговите романи и есеистичката мемоаристика. Карахасан е добитник на значајни награди во Југославија, БиХ и неколку европски земји, меѓу кои спаѓаат и Медалот Гете и Почесната награда Хајнрих Хајне. Романот Семе на смртта е прва негова книга објавена на македонски јазик.

ОкоБоли главаВицФото