Луксузна јахта сега спасува бегалци

28.12.2016 11:54
Луксузна јахта сега спасува бегалци

Пред една година Шпанецот Оскар Кампс, спасувач, отпатувал со еден колега на грчкиот остров Лезбос за да види како може да им помогне на илјадниците сириски бегалци кои пристигнувале од Турција.

Се обидел да се пријави како доброволец во европските организации и амбасади, но го одбивале, па стигнал до островот само со пераи за пливање.

Два часа по доаѓањето Оскар и неговиот пријател ги соблекле маиците, се собуле и скокнале во водата да ги спасуваат луѓето чиј чамец потонал близу каменестиот северен брег.

Лезбос му го „променил ставот речиси за сè“, се сеќавал Оскар Кампс неодамна.

„Сфатив дека Европа е неактивна намерно, дека Европската унија одлучила да ги користи Средоземното и Егејското море како средство за одвраќање, како порака до луѓето да не се обидуваат да дојдат зашто ќе се удават“.

Кампс одлучил да основа сопствена група за помош, Проактива, собирајќи доброволни прилози.

На почетокот користел несигурни чамци кои ги оставале бегалците на бреговите на Лезбос, а самиот вложил 15 000 евра во опрема и доведување два водени скутери од Шпанија на Лезбос.

Но, големиот исчекор се случил во мај кога Италијанецот Ливио ло Монако сопственик на една шпанска компанија за производство на душеци, ја донирал својата јахта Астрал.

Откако почнала да крстари по Средоземјето, проценува Оскар Кампс, преправената луксузна јахта помогнала во спасување на околу 15 000 главно либиски бегалци кои се обидувале да стигнат до Европа со чамци.

Денес, организацијата на Кампс има годишен буџет од околу 1,1 милион долари.

Јахтата Астрал ја направил Филип Роудс (дизајнер на јахти) 1970 година, и првобитно ја купил Корнелиус Вандерстар, сопственик на алуминиумска компанија. Кампс и неговата екипа ја преправиле и ги извадиле сите луксузни делови.

На неа пловат екипа доброволци, спасувачи и лекари, а два чамци се користат за трагање и спасување.

Може да прифати шеесетина бегалци, но носи 600 појаси за спасување.

Само за еден ден минатото лето посадата на јахтата помогнала да се спасат околу 6 000 луѓе на Средоземното море, вели Кампс.

Пред да скокне во водата околу Лезбос, овој 52 годишен човек веќе создал успешна компанија за крајбрежни спасувачи која ги набљудувала плажите во четири области од Шпанија. Одлучил да ја основа компанијата кога во 1993 година стоел во групата беспомошни спасувачи на една плажа во Барселона и гледал како се дави тинејџер.

„Тој страшен ден сфатив дека спасувачката работа во Шпанија мора да стане попрофесионална“, истакнува Кампс.

Сакал да го следи американскиот модел и се потпирал на советите од спасувачите од Лос Анџелес. Сега повторно стапил во контакт со нив и нивните колеги од Хаваите за да види дали можат да му помогнат со бегалците.

„Сакам Астрал да биде адмиралски брод за човековите права на море, но потребите се огромни“, вели тој.

Напорите за спасување ги истакнуваат не само размерите на катастрофата туку и фактот дека европските влади не одговориле соодветно, тврди Кампс.

Се проценува дека оваа година повеќе од 3 500 луѓе од арапските и блискоисточните земји се удавиле обидувајќи се да стигнат до југот од Европа иако сите платиле стотици долари за безбеден премин.

Оскар Кампс тврди дека европските влади „постојано лажат за бројот на мртвите“, пред сè не вклучувајќи ги во проценката и оние за кои се верува дека исчезнале на отворено море. Кога се зборува за потонат чамец, „мошне е бесмислено да се употреби само бројката на пронајдени тела“, смета тој.

Неколку фоторепортери неодамна пловеа на Астрал со желба да ја подигнат свеста за трагедиите на море.

Оскар Кампс вели дека понекогаш е вџашен од „медиумскиот циркуз“ кој го создава европската бегалска криза, но признава и дека и оние како него првпат дознаваат за метежот на Лезбос преку медиумите.

Нагласувајќи ја парадоксалната ситуација, се присетува дека еднаш „девет луѓе со фотоапарати стоеја околу еден мој човек кој спасуваше дете, а никој не му помогна, само фотографираа.“

Ако Европската унија не продолжи со државните програми за спасување каква што беше Mare Nostrum, програма осмислена и финансирана во Италија, бројот на давениците веројатно драматично ќе порасне, смета Кампс, особено ако европските копнени граници останат затворени и принудат уште повеќе бегалци да доаѓаат преку морето.

„Морето е претворено во центар за истребување, умираат многу луѓе, а никој не знае колку“, вели Кампс. „Морето е тепих што го подигнуваат владите за под него да го стават валканото.“

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото