Кукавички крај на тиранинот од ССМ

29.12.2016 04:18
Кукавички крај на тиранинот од ССМ

Далеку од очите на јавноста во овие лимбо времиња кога погледите се вперени во мистеријата за мандаторот кој ќе ја состави идната влада, се случува вистинска драма во синдикалните редови на ССМ. Драма која истовремено буди тешка мачнина и грам надеж за работниците дека еднаш засекогаш ќе се стави крај на бескрајните игри за доминација и власт на лажните синдикалци тирани и нивните доброволни шутрак-подметачи. Како што велеше Грамши: „Стариот свет умира, новиот се бори да се роди; сега се времиња на монструми.“

Во времето пред изборите се случи една сосема здрава реакција на разбудената работничка свест дека потпис на меморандум за соработка со ВМРО-ДПМНЕ е тешко предавство за синдикалната политика зграпчена во канџите на алчниот лицемер – тиранин кој се одѕива на името Живко Митревски. За работниците, ова последно токмење за нова рунда гнасно подаништво значеше да се донесе конечен крај за челната синдикална кариера на Митревски и да се направи ред во синдикатот. Советот на ССМ, највисок орган меѓу два конгреса на ССМ, со две третини или мнозинството од сите синдикални членови, обични работници, решија да донесат одлука од официјален орган за да ги сменат состојбите и да донесат конечно синдикална пролет. Одлуката ги помина сите официјални процедури и се најде на масата на Централниот регистар кој има улога на регистратор на веќе легитимно извршена промена, базирана на работничката слободна волја. И, тука почнува голготата и гушењето на демократијата. Цврстите ланци на деспотската власт, која се милува со Митревски, преку директорот на Централниот регистер ја попречуваат, но не можат да ја спречат волјата на работниците, со тоа што не го издаваат пусолот за промената која се случи.

Од позиција на нелегитимен претседател на ССМ, разјарениот бик со поддршка на центрите на моќ, го одржуваат принципот на матнотото за да започе серија на одмазнички непресметани чекори со далекусежни последици. Деновиве, Митревски направи суспензија на гранкови синдикати од ССМ и отстранување од органите на ССМ на синдикални претседатели платени од работнички пари. Истовремено, отвори судски процеси против челници на гранковите синдикати, кои тој ги смета за одговорни за неговата смена. Но, никој не може да ја спречи синдикалната пролет, работниците јасно порачаа дека дојде крајот на синдикалните тирани.

Деновиве, лицето на Митревски видено од внатрешноста на работничкиот дом е лик на умислен моќник - политички апаратчик, со свита од најмени насилници кои треба да сеат страв во зградата на ССМ. Прашањето е од што се плаши Митревски па се шета со заштита? Од својата евтина совест продадена и закачена во шопинг молот на вождовскиот штаб?

Работниците сакаат промени, промените дојдоа, пристигна и цехот за предавството на Митревски, синдикалецот во залез. По што ќе го паметиме? По подривањето на Општиот колективен договор каде тој е директно е одговорен за релативизирањето на исплатата на К15, по прифаќањето на наложената од власта минимална плата за работничкиот труд, по времето на удоволување на странските инвеститори преку создавање фирми без синдикат, цицачи на народните пари, по тоа што саботата стана нормален работен ден, а прекувременото работење гозба за работодавачите, по тоа што од синдикатот наместо социјален партнер направи социјален сатар кој на работниците им вети и им испорача смрт во тешки маки.

Авторката е синдикална активистка

Слики: Џон Холкрофт