Жестокиот фронт на замрзнатиот конфликт

30.12.2016 10:52
Жестокиот фронт на замрзнатиот конфликт

Алепо, Палмира, Мосул – градовите во Сирија и Ирак кои оваа година најмногу беа споменувани во медиумите. Минатата и предминатата година војната во Сирија беше во сенка на случувањата во Украина. Сега е обратно. Вестите за борбите во Донбас речиси исчезнаа од светските медиуми.

Сепак таму и понатаму гинат луѓе речиси секојдневно. Договорот за примирјето редовно се крши. Набљудувачката мисија на ОБСЕ забележа сè детално: само оваа година има 300 000 случаи на непочитување на примирјето. Зад тие бројки се крие грозната реалност на Донбас: војната на сепаратистите и украинската војска поддржана од паравоени трупи. А, меѓу нив цивилното население осудено на хуманитарна помош, разрушени куќи, уништена електрична мрежа, водовод и гасовод.

Дипломатските неуспеси

За подобрување би требало да придонесат редовните состаноци на контакт-групата задолжена за примена на договорот од Минск. Но, ниеден од бројните повици за запирање на огнот досега не вроди со плод. Најновиот обид од 24 декември е повик за примирје за време на божиќните празници.

Се преговара и на највисоко меѓународно ниво, особено во рамки на таканаречениот Нормандиски формат. Кон средината на октомври во Берлин, Ангела Меркел, Франсоа Оланд, Петро Порошенко и Владимир Путин постигнаа договор за утврдување на насоките за примена на договорот од Минск. До денес, нема ништо од тоа.

Владата во Киев и понатаму се изјаснува за договорот од Минск. Пред генералното собрание на ОН, во септември 2016 година, Порошенко нагласи: „Украина останува приврзана за политичко-дипломатско решение во Донбас. Ние сме мирољубива нација.“ За домашната публика Порошенко избира други зборови: „Кога гледам во очите на нашите војници, кога гледам колку вешто ракуваат со оружје, тогаш сум сигурен. Украина секако ќе победи“, рече на 14 октомври на Денот на бранителите на Украина.

Премолчените офанзиви

Украина официјално соопштува дека нејзините сили не преземаат офанзиви. Но, очигледно е дека двете страни се обидуваат да воспостават контрола во одредени места. Ситуацијата ескалираше на 18 декември. Во Свитлодарската зона, северозападно од градот Дебаљцево се водат жестоки борби. За почетокот на конфликтот страните се обвинуваат меѓусебно. Убиени се пет украински војници.

„Во последните пет месеци имаше големи воени загуби“, вели Андриј Лисенко, портпарол на украинското министерство за одбрана. ОБСЕ само тој ден евидентирала 2 900 експлозии, најмногу во близина на Дебаљцев и Свитлодарск. Украинската страна призна дека преземала офанзиви. Лисенко за Дојче Веле вели дека војската напредувала километар до километар и половина. „Заземавме три ридови кои се на мошне добро место. Од нив се гледа Горловка. Според договорот од Минск, тоа е украинска територија“, рече портпаролот.

Двете страни постојано одново се приближуваат до таканаречените контактни линии, зона која според договорот од Минск всушност требаше да биде неутрална. Набљудувачите на ОБСЕ го потврдија тоа. „На тоа подрачје се поставуваат нови упоришта кои одат во правец на конкакт линиите“, изјави Александар Хуг, заменик на шефот на набљудувачката мисија во Украина.

На тој проблем укажува и Елмар Брок, претседател на надворешнополитичкиот одбор на Европскиот парламент. Тој за Дојче Веле наведува дека со повлекување на тешкото вооружување „се создаде сива зона во која сега влегуваат војниците“. Двете страни се активни, „така што со рачно вооружување доаѓа до престрелки и борби во кои има сè повеќе мртви“.

Во секојдневните извештаи на ОБСЕ може да се прочита дека двете страни настојуваат да воспостават контрола над новите територии. Да речеме, во извештајот од 15 јуни 2015 година пишува дека местото Коминтернове, во близина на Мариупол е под контрола на украинската влада. Потоа, на 16 јануари 2016 ОБСЕ заклучува дека местото е под контрола на сепаратистите. Од друга страна, украинската страна ја презема контролата над местото Водјане од сепаратистите.

Нема политичка волја

Крајот на војната не се гледа. Ни Русија, која ги поддржува сепаратистите, не презема ништо за да се реши конфликтот. „Дури би рекол дека руската страна е сосема задоволна од моменталната ситуација. Русија може да ја држи Украина во зависна положба“, смета Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика. Меѓутоа, експертот за Русија ни кај украинската страна не гледа политичка волја за примена на договорот од Минск. Порошенко нема интерес да го примени договорот, но нема ни политички капитал – секоја негова отстапка би предизвикала негодување кај политичките противници, медиумите и граѓаните.

Истото го мисли и Вадим Карасјов. Украинскиот експерт вели дека Порошенко има многу домашни непријатели. Тој не може да им попушта на сепаратистите зашто опозицијата ќе му забележи дека се однесува непатриотски. Киев нема стратегија. Тактиката е чекање: „Но, конфликтот не може да замрзне. Тоа го покажуваат борбите во појасот Свитлодарск“, додава Карасјов.

Извор: http://www.dw.com/