Ѝ реков на ќерка ми дека Дедо Мраз не постои

31.12.2016 18:06
Ѝ реков на ќерка ми дека Дедо Мраз не постои

Еден ден пред Божиќната вечер, на 23 декември 1951, во организација на бискупијата во францускиот град Дижон е одржан голем собир на кој се доведени деца од училиштата и сиропиталиштата во овој округ. Покажана им е голема кукла на Дедо Мраз и одржана сериозна лекција дека дедото во црвено не постои. Потоа калуѓерите и поповите предупредиле дека станува збор за узурпатор и ерес, а куклата е обесена и запалена.

Подоцна од црквата е соопштено дека „лагите не можат да побудат религиозни чувства кај децата и дека не се никаков образовен метод“.

На тоа можам само да кажам - амин! Конечно католичките бискупи да ја зборуваат вистината и да се борат за неа!

Никогаш не сум верувал во Дедо Мраз, зашто родителите никогаш не ми рекле дека е вистински - делумно поради нивните верски чувства, но делумно и поради тоа што, едноставно, верувале дека е погрешно да се лажат децата.

Поради тоа немав никакви проблеми, иако памтам една релативна незгода. Бев кај еден другар од комшии, имавме пет-шест години, и додека заедно игравме некоја игра, ме праша што сум побарал од Дедо Мраз. Природно, одговорив: „Што? Па Дедо Мраз не постои.“

Јасно се сеќавам на сè што се случи потоа, како во забавена филмска сцена. Неговата мајка, која нè слушаше од другата соба, почна да мавта лево-десно со рацете и со устата да ми покажува „НЕ!“, со зеници раширени како летечки чинии.

Продолжив: „Всушност, мислам дека навистина постои.“ Мислам дека другар ми сфати за што станува збор.

Ќерка ми, која сега има исто толку години, исто така не верува во Дедо Мраз, зашто од мали нозе ѝ објаснував дека тој чичко е лага. За да избегнеме искуства какви што имав јас, ѝ реков дека приказната за Дедо Мраз е ист вид бајка која луѓето сакаат да ја повторуваат, како Црвенкапа или Пепелашка, и дека како во тие приказни, некогаш сакаат да се преправаат дека тие се вистински. И тоа е во ред. Изненадувачки лесно е да не се лажат децата.

Не знам дали сум дел од движењето чија цел е убивање на Дедо Мраз, ама нè има уште. Мојата пријателка В. ѝ рече на петгодишната ќерка дека подароците ги носат луѓе облечени како Дедо Мраз и постојано прашува како луѓето облечени во дедомразовска облека можат да се спуштат низ оџакот.

Многу луѓе делуваат шокирано кога им го кажувам ова. Што се однесува до мене, јас сум шокиран што луѓето се спремни да ги лажат децата. А тоа, дефинитивно, би требало да биде забрането. Не треба да се лаже. А лажењето ранливи мали луѓе е уште полошо..

Но, бидејќи ова нема никого да убеди - само погледнете една вест за да сфатите дека луѓето се однесуваат кон лажењето како кон нешто нормално - морам да продолжам. Верувајте ми, сум го водел овој разговор барем пет милиони пати, така што го знам секој збор што сакате да го кажете.

Не ги лажете децата? А што е со СЕКСОТ? Дали на тригодишник му кажувате баш сè за СЕКСОТ?, со приказните за сексот и образованието врзано за сексот и онака треба рано да се почне, а секогаш можете за некои работи да зборувате вистинито и во склад со возраста. (Кога имаше три години, ќерка ми ме праша како се прават бебиња. Не ѝ зборував за штркови или пчели, туку ѝ реков дека мажот и жената треба да направат нешто посебно заедно, што значи љубов.) Исто така, дури и ако правите исклучоци од правилот „не ги лажете децата“, што можам да го разберам, ги правите за некои навистина сериозни теми, а не да измислувате волшебен чичко кој живее на врвот на светот.

Мене родителите ми ја сервираа лагата за дедо мраз, па што ми фали. О, па не можам да го дочекам вашиот нов бестселер за родителство, Како веројатно да не ги трауматизирате сопствените деца. Всушност, знам луѓе за кои откривањето на вистината за Дедо Мраз имало трауматични последици, зашто дознавањето на фактот дека родителите ги лажеле ја уништила довербата кои ја имале во нив. Секако, ова не се однесува на повеќето луѓе, но има и такви. Спремни сте да ризикувате? Зошто?

Но толку се слатки додека веруваат во Дедо Мраз! Знаете, тоа е исклучително глупав и, искрено, загрижувачки аргумент. Зошто децата ви се слатки ако ги учите на лаги? Зашто тоа ви овозможува да ги гледате како инфериорни и под ваша контрола, што во тој момент и се. А вие ја злоуопотребувате контролата лажејќи ги. Во суштина се работи за еден вид измама.

Но што ќе биде со магијата? Нема да ја развијат фантазијата! Една група луѓе постојано се враќа на ова, и најзбунувачка е. Верувајте ми, како дете никогаш не ми недостигаа фантазија и магичност, а ниту на ќерка ми. Децата можат сосема добро да ја препознаат разликата меѓу фактите и фантазијата. Си играат преправање, секако, но кога го прават тоа се многу свесни дека се преправаат. А тоа е она што ќе им ја поттикне фантазјата, така ја развиваат љубопитноста, измислувајќи приказни од приказните што им се кажуваат. Сте виделе ли некогаш деца како спотано си играат преправање и глумат Дедо Мраз или ирваси? Не. Никој никогаш не си играл тоа. Зашто приказната за Дедо Мраз не им е предочена како приказна за Дедо Мраз, туку како Дедо Мраз да е вистинско суштество. Значи, Дедо Мраз не е камен темелник кој децата го користат за да ја развијат фантазијата и разиграноста. Ако воопшто прави нешто, тоа е сосема спротивното, помрачување на вистината и доброто и убавото во магијата на Божиќ, нешто што е бесмислена лага.

Придружете му се на движењето. Заедно можеме да го убиеме Дедо Мраз.

Извор: Vice