Ултрамаратонците ги испитуваат границите на телото

03.01.2017 11:37
Ултрамаратонци ги испитуваат границите на телото

ултрамаратонецот Пит Костелник

Не бил потресен кога камион се забил во комбето на неговата придружба, ниту од грозницата од која му се треселе забите цела ноќ, дури ни од тешката изгореница од пустинското сонце што му ја ишарало розевата кожа. Но, кога воспалението на тетивата му го зафатила глуждот и се проширила на листот, Пит Костелник се посомневал дека ќе постигне рекорд во брзина на трчање низ Америка. Сè уште бил во Невада, околу 3 600 километри од целта.

„Болка и страдање“, зборува овој 29 годишник од Линколн, Небраска кој земал осум недели отсуство за да истрча околу 5 000 километри од Сан Франциско до Њујорк. „Не планирав да биде така. Натпреварувачки сум настроен, но сфатив дека е премногу да се трчаат 130 километри дневно.“

Затоа се ограничив на 110 километри дневно – 65 почнувајќи од 4 часот наутро и 45 по ручекот, секој ден. Енергијата ја надоместувал јадејќи 13 000 калории дневно. И го поставил рекордот во трчање низ САД – 42 дена, 6 часа и 30 минути.

Пит Костелник му припаѓа на сè поголемиот број американски тркачи на екстремно долги патеки кои рушат низа ултрамаратонски рекорди, а нивните трки се како записи во истражувачките дневници. Најбрзиот тркач околу Големиот кањон „од раб до раб“ – е Џим Валмисли, 67,5 километри за пет часа и 55 минути. Најбрзиот тркач на патека на Апалачките планини – Карл Мелцер, 3 525 километри за 45 дена.

„Ултрамаратонот е магија на невозможното, како што рече Џорџ Малори кој се искачува на Монт Еверест затоа што постои, но така ни изгледа нам што ги поминуваме деновите во канцеларии“, вели Дејвид Роч, ултратркач и тренер. Напоменува дека подвизите на ултрамаратонците не се баш строго чувана тајна. „160 километри се значајни, и во разговор и во главата на тркачот.“

Во време кога учеството во маратон стана нешто вообичаено, трките подолги од 42 километри се делумно примамливи зашто се егзотични – засега. Од 2005 година бројот на тркачи што ги завршуваат долгите трки расте за 14,6 проценти. (Таа бројка не ги опфаќа оние што ќе се пријават, но ќе бидат одбиени зашто не ги исполнуваат условите. Минатата година веројатноста за учество во Трката за издржливост во западните држави на 100 милји, еквивалент на Супербоулот, беше 4,7 проценти). Расте и бројот на трките: минатата година во Северна Америка се одржани 144 трки на 100 милји, односно 160 километри, а десет години претходно вкупно 34. Обично се одржуваат во дивина, може да се одржат каде било – најдолгата трка на официјална патека била Трката за себе-надминување, долга 5 000 километри, а опфаќала 5 649 кругови околу еден блок во Квинс.

Учеството обично подразбира тешкотии и страдање во размери од кои луѓето вообичаено се дистанцираат. Една трка ги води натпреварувачите на 217 километри низ Долината на смртта и Монт Витни среде јули (Пит Костелник победил двапати); втората ја следи патеката на Батанскиот марш на смртта од Втората светска војна. Тркачите добиваат отоци, мачнина, халуцинации, дијареа и бројни други нарушувања додека им се исклучуваат телата. Во Канада еден тркач го удрил гром и му ја изгорел капата во трката на 100 милји (тркачот станал, продолжил и стигнал трет). На ултрамаратонскиот шампион Дејв Меки неодамна морало да му биде ампутирана ногата откако на една трка го притиснала карпа. На трката „Ултра фјорд“ во чилеанската област Патагонија еден учесник умрел откако претрчал 60 километри по виулица.

победничката рута на Пит Костелник

За многумина се работи само за поместување на границите помеѓу возбудувањето и опасноста.

„Менталната тешкотија всушност е потешка од телесните напори“, вели Карл Хогленд, издавач на списанието Ултрамаратон. „Со секој грам енергија и со сето битие сакате да станете и да го спречите најлошото, на исконско ниво. Ние сме програмирани за опстанок, нашиот ум го исклучува телото кога сме на работ на опстанокот, и тоа мораме да го надминеме. Ултратркачите тренираат да го доведат своето тело до работ.“

Неупатените можеби се прашуваат дали е мудро да се занемаруваат менталните сигнали што го поттикнуваат опстанокот.

„Можеби навистина не е здраво, но јас сум љубопитен“, вели Хогленд. „Живеам само еднаш и сакам да видам како е да се отиде во мрачните места кои не треба да ги посетуваме. Ултратркачите мораат во себе да го надминат рационалното. Тоа е лудост, но такви сме.“

Американската олимписка маратонка од 2008 година, Магдалена Буле победи на својата прва Трка на издржливоста на западните држави и сè уште е на врвот.

Како што спортовите во сè поголема мера стануваат екстремни, на некои тркачи не им е доволно да трчаат подолго и побрзо, па почнуваат да трчаат и почесто. Оваа година Мајкл Вордијан, поранечен лакрос играч, ја истрча трката на 100 километри во Хонг Конг (беше на 30 место), потоа трката на 100 километри во Нов Зеланд (7 место) и маратонот во Токио за 2:28:14, а сето тоа за еден месец.

Рбетот на овој спорт и понатаму е заедница што ја формираа екстцентрици; тие сега се обидуваат да ја заштитат ексклузивноста пред бранот дојенци кои тврдат дека овој спорт е за сите.

Во маратонот е важно да се оствари што подобро време, но во ултрамаратонот, затоа што патеките се подолги, а целта голема, луѓето обично се фокусираат едноставно да ја завршат трката, па можат да учествуваат повеќе луѓе“, објаснува Скот Јурек, ултрамаратонски шампион. „Полот и староста се неважни. Младоста помага, но искуството, мудроста и упорноста се најважни. Сè се сведува на менталната сила. Јас верувам дека секој може да истрча ултрамаратон.“

Но, во овој спорт заснован на начелото дека нема граници, сите не бараат повеќе.

„Трките од двеста милји се нешто огромно и мислам дека тоа е лудост“, вели Хогленд кој истрчал девет трки на 100 милји. „Зошто некој би сакал да го направи тоа?“

Извор: The New York Times