Генерацијата Икс зaгуби премногу идоли во 2016 година

04.01.2017 02:56
Генерацијата Икс изгуби премногу идоли во 2016 година

Изминатата година постојано беше карактеризирана како најлошата во скорешното сеќавање за загубените важни културни икони и има добра причина за тоа: навистина имаше зголемен број на загуби од големо значење, според авторот на некролози на Легаси кој ги следи овие нешта. Дури и ако не се занимавате со математика, можете да направите листа на познати кои нè напуштија годинава – Харпер Ли, Дејдив Боуви, Алан Рикман, Принс, Едвард Алби, Арнолд Палмер, Леонард Коен, Ели Визел, Гвен Ифил, Џон Глен, Џорџ Мајкл, Кери Фишер, листата е нецелосна – и веднаш да сфатите колку клучни фигури, од разни полиња, заминаа од нашиот свет. Многу беа неочекувани и токму заради тоа беше тешко.

Како што истакнува Инверс, овие загуби беа веднаш забележани и објавени преку социјалните медиуми, како што беше случајот со смртта на познатите во последните неколку години. Тоа го зголемува нивниот импакт. Но, за претставниците од Генерацијата Икс, фановите родени помеѓу 1965 и 1980, овие загуби беа двојно потешки дури и без таквиот импакт. Ние, припадниците на Генерацијата Икс, сме луѓе од седумдесеттите, осумдесеттите и раните деведесетти и за нас, 2016 не беше само парадирање со трагичните загуби. Беше освестување за идолите од нашето детство.

Загубивме револуционерни музичари – Боуви, Принс, Морис Вајт од Earth, Wind & Fire, Малик Телјор (Pife Dawg, A Tribe Called Quest), Џорџ Мајкл. Загубивме луѓе како Џин Вајлдер, Гери Шендлинг кои ни помогнаа да сфатиме како изгледа и звучи да се биде забавен. Како генерација која во основа израсна со телевизијата, ги загубивме луѓето кои нас, децата од старата школа, ни овозможија да се идентификуваме со семејствата од ситуациските комедии, како Гери Маршал, креаторот на Happy Days, и ТВ мајките и татковците како Флоренс Хендерсон и Алан Тик. Загубивме спортист чие насилно однесување беше дел од поп културата од седумсесеттите: Мухамед Али. И загубивме дури две личности поврзани со филмот кој во најголема мера го дефинираше детството од седумдесеттите и осумдесеттите: Star Wars. Им кажавме збогум на R2-D2, односно Кени Бејкер, и подоцна на Принцезата Леа, Кери Фишер. Гледајќи ја фотографијава помислуваме: Двајцата заминаа.

Ги загубивме сите овие луѓе на начини кои беа речиси поетични во нивната суровост и синхронизираност. Ја почнавме годината жалејќи над загубата на White Duke кој пееше „Rebel, Rebel“, а потоа жалевме за принцезата во бело која ја играше клучната улога во Rebel Alliance. Двајцата, Кери Фишер, принцезата, и човекот што го нарекувавме Принцот, имаа страв од авиони и токму кога изгледаше дека го надминале, и покрај предзнаците, ненадејно починаа. Срцето на човекот што ја пееше „Last Christmas“ престана да чука на Божиќ. Тоа е премногу.

Уште полошо е што повеќето од овие луѓе беа млади според модерните стандарди. Боуви, Принс, Мајкл, Шендлинг, Фишер: беа во своите педесетти или шеесетти и сè уште беа креативно активни кога починаа. Беше тажно да им се каже збогум зашто тие внесоа нешто ново во забавниот свет пред три или четири децении, кога јас и моите врсници созревавме. Но, беше трагично зашто тие сè уште придонесуваа. Беа постари од нас, но не многу. Ако сте во доцните триесетти или четириесеттите, имајќи ја предвид нивната возраст – Мајкл 53, Принс 57, Фишер 60 – ќе се сетите дека како до вчера да изгледаа бесмртни. Потоа, помислувате: наскоро ќе бидам колку нив.

Сфаќам дека овие глумци, музичари, писатели и спортисти не ѝ припаѓаат само на Генерацијата Икс. Нивната смрт беше универзално поразителна затоа што нивните достигнувања беа огромни, им припаѓаа на сите. Не е потребно да сте живееле во 1983 година за да ја сакате „Let's Dance“. Смртта на Фишер ќе беше шокантна дури и ако прикажувањето на Star Wars било 15 години пред да се родите.

Но, мислам дека смртта на познатите е полична за оние кои можат да се сетат кога ги откриле овие уметници во времето кога се појавиле. Бевме присутни кога рефлекторите за првпат го осветлија потенцијалот на овие ѕвезди, и бевме присутни кога тие изгаснаа. Не сакам да бидам премногу вулгарен – но, како и да е, предоцна е – ме потсетува на репликата на Сели Филд во Steel Magnolias за ќерка ѝ, Џулија Робертс, која ја загубила: „Сфаќам колку сум среќна. Бев таму кога тоа прекрасно суштество се појави во мојот живот, и бев таму кога ме напушти.“ Сите бевме присутни кога годинава овие прекрасни луѓе – и многумина што не ги споменав – си заминаа. Но, како дете од седумдесеттите и осумдесеттите, сфаќам колку сум среќен што бев присутен кога Боуви, Принс, Мајкл, Вајлдер и Фишер, меѓу другите, за првпат се појавија во нашата поп-културна свест.

Ова не е првпат мојата генерација да загуби некој од своите идоли. Мајкл Џексон си замина пред речиси една деценија. Витни Хјустон повеќе не е со нас а не се ни Адам Јок, Џем Мастер Џеј и Џон Хјуз. Ќе загубиме уште многумина во годините што доаѓаат затоа што стареат, како и нашите хеори. Буквално, секој возрасен човек ќе се освести. Годинава нè принуди да се освестиме на најлошиот начин, правејќи ја оваа поента погласна и појасна за децата кои растеа со акционите херои и Purple Rain: „You better live now/ Before the grim reaper come knocking on your door“.

Извор: http://www.slate.com