Џевад Карахасан: Десничарите се колнат во татковината за да ја ограбуваат подобро

04.01.2017 04:04
Џевад Карахасан: Десничарите се колнат во татковината за да ја ограбуваат подобро

Босанско-херцеговскиот книжевник, филозоф, академик и претседател на Друштвото на писатели на БиХ, Џевад Карахасан, е роден во Дувно 1953 година. Дипломирал компаративна книжевност и театрологија на Филозофскиот факултет во Сараево, а докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб.

Автор е на романите „Источен диван“, „Ноќно собрание“, „Сара и Серафина“ и многу други. Неодамна, во издание на Темплум, на македонски јазик излезе неговиот роман „Семе на смртта“. Во продолжение, пренесуваме интервју со Џевад Карахасан во кое зборува за книжевноста, ситуацијата во Босна и Херцеговина, сеќавањата на Југославија, бегалската криза и Еропската Унија...

 

Господине Карахасан, вие сте жесток противник на Дејтонскиот договор. Го нарекувате „расистичка свињарија и културен срам“. Дали е можно по сè што се случи изминативе дваесет години, да се вратиме на онаа - како што често сакате да кажете - вистинска Босна?

Да се нарече Дејтонскиот договор расистичка свињарија е најблаго што може да се каже за таа гадост. Тој ги разорува сите вредности на кои се повикува. Во име на индивидуализмот, граѓанската демократија и слободата - ги укинува граѓаните. БиХ е единствена држава на светот која нема граѓани: има само нации! Значи, мене Дејтонскиот договор ме сведува на обичен припадник на една етничка заедница.

Тој ги цементира, овековечува и официјално ги признава масовните колежи, етничките чистења и прогони. Дејтонскиот договор станува нужно расистички, а најглупаво е што нацијата - која тој ја воспоставува како врвен критериум - настанала во почетокот на XIX век. Секако дека може да се врати онаа Босна која постоеше. Културата не е моќна зашто не располага со оружје и капитал, но е ѓаволски жилава. Затоа дури ни онаа ужасна војна која, пред сè, ги разори материјалните факти на босанската култура, па ни повоената обнова на Босна која по културната супстанца на земјата беше полоша од војната, не успеаја да го уништат битот на Босна. Таа е творба на културата. Немало политичко движење кое ја создало, ниту војска.

Живеејќи постојано на работ на големи царства, жителите на Босна сфаќале: на далечната влада секоја чест, но таа е баш далеку. Комшијата е многу поважен и поблизок. Така се развил култот на комшилукот, еден од темелите на босанската култура. Комшијата е како брат. Тој култ во Босна не е разорен.

Кога го споменавте култот на комшилукот, мислите ли дека Мирко Ковач беше во право кога кон средината на осумдесеттите рече дека повикувањето на братство и единство всушност беше параван зад кој се сокриваа сите недостатоци на единството?

Памтам кога татко ми изговараше „братство и единство“. Целото негово срце и душа беа во тоа. Тој навистина веруваше во тоа. Луѓето од мојата генерација таа парола ја изговараа онака. Луѓето помлади од мене навистина изговараа „братство и единство“ како низа звуци кои не значат ништо. Се плашам дека Мирко Ковач беше во право. Ја изгубивме свеста дека другиот ни треба, дека е голема предност да се живее во една голема заедница која е компонирана како мозаик во кој ќе си помагаме едни со други да се освестиме. Не мораме да се сакаме, но корисни сме едни за други! Кога го заборавивме тоа, секако дека беше сосема јасно дека идејата за братство и единство се претвори во фраза.

Значи, вие сте југоносталгичар?

Да!

Како изгледа вашата слика на Титова Југославија по сите овие години?

Не мислам дека Југославија беше идеална. Живеев во неа, на своја кожа ги чувствував нејзините недостатоци и ограничувања. Но, најискрено мислам дека тоа беше една од најдобрите држави кои сум ги запознал. Секој од нас имаше своја Југославија, а тоа истовремено е и предност и недостаток. За мене таа беше прекрасен мозаик во кој се собрани елементи од различни етноси, религии, јазици, култури... Јас го сфаќав своето југословенство толку сериозно, што научив словенечки и македонски, за да можам да читам и разбирам, зашто мислев дека Југославија ме обврзува на тоа.

Денес слушате дека тоа било диктатура. Можеби. Еден човек имаше многу власт. Владееше една единствена партија, и веројатно беше диктатура. Меѓутоа, таа диктатура навистина не се чувствуваше во секојдневниот живот.

Никогаш не бев член на Сојузот на комунисти. Кога еднаш ми понудија да станам член, им реков: „Не можам, јас сум левичар, а левичарот не може да биде член на владејачката партија“. Бев муслиман кој слави Бајрам и никој никогаш не ми приговори поради тоа. Бев гимназијалец кога го добив првиот пасош, така што заработував џепарлак работејќи на црно во Германија, Австрија, Италија, Швајцарија...

Беше огромна привилегија да се живее во земја која ви овозможува тесно да комуницирате со луѓе од неколку религии, кои зборуваат неколку јазици и со луѓе кои меѓусебно се толку далеку што можеби никогаш нема навистина да се запознаат. Еден мој колега во некоја јавна дискусија рече: „Тито беше хохштаплер“. Јас му одговарам: „Можеби беше. Се согласувам. Но признајте дека беше хохштаплер од формат“. Сè е прашање на формат (се смее).

Тогаш, на што ви личат нашиве држави по распадот на СФРЈ?

Разликите се огромни. Словенија и Хрватска, гледано однадвор, делуваат како сериозни, солидни држави. Црна Гора е на најдобар пат да се конституира како сериозна држава. БиХ е во својата лудачка кошула на Дејтонскиот договор и не гледам како ќе се ослободи од тоа. Македонија се соочува со гадни проблеми. Србија, се плашам, сè уште живее во сопственото минато.

Не сакам да кажам ништо лошо за која било држава настаната со распадот на Југославија, но морам да признаам дека ниту една од тие држави не ми делува онолку добро колку што делуваше Југославија. Не верувам дека која било од тие држави има да му понуди толку можности на својот граѓанин колку што нудеше Југославија. Да не се лажеме: не можете да се осознаете себеси без погледот на другиот. Сè додека не ја освестите сликата која некој друг ја има за вас, вие ја имате само својата слика за себе која никогаш не е точна.

Го напуштивте Сараево поради војната во 1993 и заминавте во Салцбург. Направете паралела помеѓу тогашниот однос на Запад кон луѓето кои бегаат од војната и денешниот, кога во Европа стигнуваат блискоисточните народи.

Добро прашање. Во почетокот на деведесеттите на луѓето од Босна навистина им беа отворени многу врати. Но, во 1993 година на Запад сè уште не постоеше систематско производство на страв кое трае уште од почетокот на XXI век. Во тоа време луѓето во Западна Европа живееја слободно, мислеа со своја глава, беа способни да ги земат фактите предвид. Шокантниот и запрепастувачки пресврт во однос на бегалците од Блискиот исток денес покажува колку е моќно, длабоко и страшно производството на страв кое владее на Запад. Кога тргнаа првите бегалци, луѓето во Австрија, Германија и Италија ги дочекаа како пријатели. Првпат во животот бев радосен што сум човек.

А потоа почна производството на хистерија и лаги во медиумите. Се појавија анализи полни со грижа и страв. Тие ќе го доведат во прашање нашиот висок стандард! Меѓу десетте најбогати земји во светот, осум се од ЕУ. Можат ли два милиони сиромашни да го загрозат стандардот на осум пребогати држави? Секако дека не. Се јавуваат длабоки анализи од стручњаци кои велат дека тие би можеле да го загрозат нашиот културен идентитет. Брат, ако два милиони несреќници можат да го загрозат идентитетот на заедница од 550 милиони членови, богами со таа заедница и идентитет нешто не е во ред.

Значи, одеднаш гледате како круговите на радикалната десница, фашистите и некакви бизарни типови кои глумат лудаци ја консолидираат и освојуваат јавноста. Секако, следите и како медиумите, кои до вчера беа симбол на умерено и сериозно новинарство, се претвораат во погани пропагандни, идеолошки памфлетчиња кои произведуваат страв, бес и омраза.

Па, верувате ли тогаш во иднината на ЕУ? Да бидам попрецизен: верувате ли во идејата на ЕУ?

Во идејата на ЕУ верувам непоколебливо, зашто живеев во земја - Босна - која во голема мера ја остваруваше таа идеја. Меѓутоа, колку е можно да се оствари идејата на ЕУ во амбиент во кој владеат десничари, фашисти, ксенофоби, лажговци...? Тоа, за жал, не е можно. Не заборавајте дека десничарите отсекогаш се колнеа во татковината за подобро да ја ограбуваат. Радикално десните партии го славеа својот народ за да го свртат против другите народи. Радикалните десничари се колнат во традицијата за да ја разорат подобро.

Таа приказна, се чини, ни е добро позната. Туку, кажате ми како тие општествени девијации нè доведоа до тоа денес сите избори да ни се сведат на бирање на „помалото зло“? Тоа е, впрочем, случај и на претседателските избори во САД.

Она што ни го претставуваат како слободни избри, секогаш, всушност, беше еден ограничен избор. Убава илузија е дека слободно бираме луѓе кои ќе ја водат нашата заедница. Бираме помеѓу луѓе кои ни ги понудиле другите. Марк Твен многу духовито рекол: „Не е важно за кого гласаат луѓето, важно е кој ги брои гласовите“.

Додека имавте можност да бирате меѓу двајца сјајни кандидати, да речеме, Хелмут Кол и Герхард Шредер, тоа сè уште имаше смисла и дигнитет. Со години сме присилени да се надеваме дека гласаме за помалото зло и многу се плашам дека тоа ќе оди сè подалеку. Дивиот капитализам ги разори темелите на граѓанската демократија. Луѓето станаа производствена сила: повеќе не се луѓе. Целта на животот повеќе не е самиот живот туку производство на богатства. Мајката ве хранела девет месеци од својот живот за некој богат гад да оствари профит, а не за да живеете. Тоа ве учи либералниот капитализам.

За да се прикрие дека се прогласуваат за неважечки самите темели на граѓанската демократија, од политичката култура постепено се отстранува потрагата по општествена рамнотежа помеѓу различните интересни групи и сè се претвора во обична статистика. Наместо потрага по рамнотежа се јавува популизам. Јас ќе го претворам општеството во толпа и потоа ќе владеам со неа. Зошто се произведува стравот? За луѓето да престанат да мислат со своја глава. Уплашените луѓе не градат општество, зашто не мислат слободно.

Се плашите ли од нови војни? Ако добро прочитав, вашата теза е слична на тврдењето на Гинтер Грас кој во едно од своите последни интервјуа рече дека живееме во Трета светска војна, а дека историчарите ќе имаат проблем да го утврдат нејзиниот точен почеток.

Токму така. Само фрлете поглед на картата на светот и обојте ги со црвено териториите на кои се лее крв. Јемен, Либија, Сирија, Ирак, Авганистан, делови од Турција, Пакистан, Украина... Човеку, па тоа се територии кои далеку ја надминуваат Европа по површина! Тоа е половина свет! Ние самољубиво и евроцентрично, чисто европската војна - Првата светска - ја прогласуваме за светска. А ова што зафати милијарда луѓе и што носи секојдневна смрт на илјадници луѓе, не го сметаме за светска, зашто - боже мој - Европа не е вовлечена во неа. Европа е вовлечена во војната. Таа ја разори Либија и сега се чуди што оние луди Либијци сакаат да дојдат кај нас. Па, мајка му стара, ние ја завршивме својата работа: им ги срушивме куќите, им ги уништивме градовите, им ја разоривме инфраструктурата, им ја уништивме егзистенцијата... Па што сакаат повеќе? Сакаат во име на европските вредности и морал да подигнат високи ѕидови против тие луѓе.

Која е улогата на писателот во вакви времиња? Што може да промени книжевноста? Дали се писателите сè уште - како што гласи старата фраза - совест на човештвото?

Мислам дека тоа е погрешна фраза. Книжевноста никогаш не била совест на човештвото. Не би требало да биде тоа. Тврдам дека книжевноста е онаа човечка дејност која упорно нè потсетува дека сме луѓе. Дека во сферата на животот не можат да владеат идеолошки форми и формули кои ги сведуваат нашите избори на „да“ или „не“, „плус-минус“... Два плус два се секогаш четири во вештачки конструираните светови - во аритметиката. Во светот на животот во кој имате конкретност, поединечност и неповторливост, два и два ретко се четири. Понекогаш пет, а главно три.

Книжевноста никогаш не била совест на човештвото, но секогаш била величествена школа на етиката.

Улогата на писателот денес може да биде во тоа да ги потсетува луѓето дека тие се разговор. Немојте, ве молам, да му поверувате на некој кој ви се обраќа како на заедница. Верувајте му на оној кој ви се обраќа како на човек, поединец. Има еден чудесен стих на Хелдерлин: „Откако сме разговор“. Ние сме луѓе по тоа што ни треба разговор.

Книгата не ве сведува на конзумент. Како читател, вие сте секогаш соговорник, коавтор. Пишувате заедно со мене. Таа може да ве ослободи од диктатурата на конзумеризмот.

Книжевноста не може да ви помогне да го бомбардирате Багдад, но може да ве наведе да се запрашате што барате во Багдад? Тоа го можат писателите, а тоа е многу.

Вие денес сте еден од ретките книжевници од нашите простори чии дела се подеднакво добро прифатени и кај домашните читатели и кај оние кои не зборуваат на вашиот јазик. Како?

Многу едноставно. Јас, ако можам да речам така, ги артикулирав своите стравови. Многу се занимавав со нив. Ја напишав книгата „За јазикот и стравот“ и мислам дека со артикулацијата на стравот успеав во голема мера да се ослободам од своите стравови. Навистина не се плашам. Имам храброст да се отворам. Ви пристапувам онаков каков што навистина сум. Сосема се ослободив од потребата да продадам некаква слика за себе: да произведам слика каква што мене би ми одговарала. Не ми паѓа на памет да ве импресионирам, зашто мене ми требаат соговорници, а не следбеници. Мислам дека тоа е она што им годи на моите читатели.

Ќе го преживее ли книгата модерното време?

Како не! Воопшто не сакам разговарам за тоа! Внимавајте, книгата е навидум ужасно загрозена од електронските книги, интернетот, конзумеризмот... Прашав еден студент во Берлин: „Колега, сакате ли да станете интелектуалец или интернетуалец?“. Сè ја загрозува книгата. Меѓутоа, постојат нешта кои првпат се случиле во својот конечен облик. Ножиците, на пример. Не можете да ги усовршите, тие се веќе совршени. Така и книгата: не може да постои подобар медиум за чување на сеќавањето на поединецот и заедницата. Иако не поднесувам статистики, тие велат дека на Запад се продаваат сè повеќе печатени книги. Книгата никогаш не била статистички супериорна во останатите формати на културата, зашто книгата смета на поединецот, а не на масата. Книгата нема моќ, но има сила. Таа не владее, но обликува.

Извор: www.portalanalitika.me

ОкоБоли главаВицФото