1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Облакот е меѓуконтинентална поштенска пратка
буквар на прогонството што Океаните, во борба запенета,
во која Пеколот ги осудил да маткаат,
нема да го сричат врз плочката на вселената.
Црниот врв на планините заспива над терасите.
Господ ископал бразди за да скрие нешто од човекот ненаситен
кој, за да го прочита облаот, го нема вистинскиот клуч.
А облакот и самиот не знае што во рацете носи додека вјаса.
Но кога напати ветрот-непријател ќе го стаса
тој ќе се сврти, ќе рикне, ќе клоцне со нога од туч.
Бев надарен како дете. Одблесоците на небото ги поземаа
чинките на моите сништа
и правеа знамето на реалноста да го снема.
Опкружен со пријатели, што од ангелите учеа тогаш,
не знаев кој сум и пишував по малку.
Еден ден, место жена, јас го сретнав Бога
тој придружник што моето битие го ткае
без да можам навистина да дознам за него нешто.
Кон радоста и спокојот тој буди порив,
прави од нас смиреност да сјае.
И, за да ги славем мислите негови скришни,
секретар негов ме стори.
Така, ноќно време, одгатнувам со мака и не многу вешто
една хартија исполнета со бројки вишни
што ги напишал самиот со раката вечна
и во мојот дух ги ставил под печат.
Во воздушниот аквариум љубопитни демони бродат
што го соборуваат облакот за до нашата тајна да дојдат.
Препев од француски: Влада Урошевиќ
Слика: Амедео Модилјани (Портрет на Макс Жакоб, 1916)