Изложба на фотографии „Глорија и Глорија“ од Зоран Шекеров

04.01.2017 12:57
Изложба на фотографии „Глорија и Глорија“ од Зоран Шекеров

Самостојна изложба на фотографот Зоран Шекеров ќе биде отворена на 10.01.2017 (вторник) во 19:30 часот во Националната галерија Мала Станица. Изложбата е со наслов: Глорија и Глорија. Изложбата се состои од 60 црно-бели фотографии - фотографски есеј - кои авторот ги фотографирал и пишувал додека бил на петмесечна посета во Чикаго (САД).

Глорија и Глорија се мајка и ќерка. Потекнуваат од мексиканска фамилија и живеат во Чикаго. Тие се идентични по своите имиња, но и двете боледуваат од рак. Живеат скромен живот и секојдневно се соочуваат со предизвикот кој го носи знаењето дека можеби утре веќе нема да сте меѓу живите. Авторот си задава задача да живее заедно со двете Глории во текот на неговиот престој во Чикаго. Покрај неговата помош, која е повеќе од морална, а не финансиска природа, тој се одлучува да остави своја трага токму преку фотографијата. Тој, всушност, вели дека фотографијата била најразбирливото средство преку кое секојдневно комуницирале.

Повеќе за фотографиите и фотографскиот есеј можете да прочитате на неговата веб страна: www.zoransekerov.com

Зоран Шекеров на Окно:

Милион долари
Скопска ситуација
Трамвај

За раскажувачот Зоран Шекеров
Јулијана Росоклија


Бескомпромисен и сурово искрен во секаквa смислa. Спротивност на клишето дека фотографите го гледаат светот преку објектив. Исклучително невообичаен дух. Еден од најинтересните карактери што ми се случиле во последниве две-три години. Неуморен извор на приказни што звучат речиси невистинито и пријател на најпотценетите ликови во драмата наречена општество.

Во моите очи, за него фотографијата не е само момент во вечноста, ниту само алат за себично зграпчување, зачувување и документирање на моментот. Она што го фотографира е без извинување она што го гледа со голо око - субјективно, непријатно вистинско, гротескно, убаво, грдо и извртено како животот. Во неговите очи, работејќи заедно и дружејќи се, се видов себеси во вистински и понекогаш, за мене непријатни светла. Бидејќи другарите се најдобрите огледала.

Дете на тензичниот 20-ти и премногу младиот 21-ви век, кој е љубопитен за она што било и за она што е, во својата работа ни кажува дека размислувале ние за иднината или не, таа ќе дојде. Затоа неговите моменти и неговите носталгични приказни живеат од ден за ден.

Овие неколку страници се негово видување на една обична животна приказна. Случајна приказна, многу вистинска во сржта, ослободена од секаква патетика. Приказна што не треба да даде голема порака, да утеши или растревожи. Приказна што сепак ненамерно и ненаметливо го прави тоа.
Раскажувачот на оваа приказна како да поставува едно многу доблесно прашање - дали некогаш кога помагаме некому, на крајот тој ни помага нам?