За Грујо лажот

05.01.2017 00:51
За Грујо лажот

Македонија не смее да остане приватен и приватизиран посед на Груевски и неговата клика. За злосторствата на овој деспот Македонија знае доволно.

За неговото разобличување и јас лично имам значаен придонес и тоа веројатно е објаснение за неговата фиксација која навлегува во подрачјето на психопатологијата. Тоа дека Груевски лаже не е никаква тајна, но сега веќе не знам дали ги лаже другите или се лаже самиот себеси за да си го објасни она што му се случи:

Ја изгуби апсолутната власт врз граѓаните на Македонија, а ја изгуби и поддршката од најважните задгранични пријатели. Од ден на ден Груевски е сè поосамен. Премногу војни отвори и дома и во странство.

Што излажа тој во последното интервју во кое му објави војна на Сорос? Излажа дека Сорос само еднаш бил во Македонија, само во Скопје и тоа 1991 година!

Во таа година ниту Сорос ја видел Македонија, ниту имал фондација овде! Фондацијата е основана во септември 1992 година и тогаш Сорос прв пат дојде во Скопје. Во текот на деведесеттите години тој неколку пати беше во Скопје, Охрид и Тетово. Вториот човек на Соросовите фондации, Арија Наер, исто така. Немаше македонски политичар со кого Сорос немаше средби. Киро Глигоров, Крсте Црвенковски, Стојан Андов, Абдурахман Алити, Арбен Џафери, Васил Тупурковски, Петар Гошев, Љубчо Георгиевски… Имаше средба и со премиерот Груевски, но во Прага.

Груевски и неговите пропагандисти постојано лажат за парите, односно годишните буџети што Фондацијата ги добива од Сорос, но Груевски ептен ја прекардашил со тврдењето дека Сорос годишно давал по 8 милиони евра! Не прекардашил, туку дуплирал!

Лаже Груевски и кога тврди дека јас седам во Централниот одбор на СДСМ, иако знае дека јас гласав против составот на владата што ја предложи Бучковски и два дни потоа си поднесов оставка. Тоа беше 2005 година! Зар Груевски, новопечениот лидер на ВМРО, ќе ме поканеше на ручек во четири очи во ресторанот „Томче Софка“ ако не знаеше за мојата оставка, за која известија и некои медиуми?

Кога Груевски прв пат стана премиер, јас му испратив писмо во името на Фондацијата и му понудив соработка во европеизирањето на Македонија. Одговор не добив. Набргу ми стана јасно и зошто: Тој имаше намера да ја грујовизира, а не да ја европеизира Македонија! Токму тоа беше причината за отпорот кој се јави и незадржливо растеше во граѓанското општество, тоа беше причината за брановите од граѓански протести кои беа предизвикани не од соросовите пари, туку од криминалите на злосторничкото здружение предводено од Груевски. Кога граѓаните се кренаа, СДСМ сè уште беше во нокдаун. А потоа дојдоа „бомбите“ на Заев и гнасотилакот на режимот на Груевски веќе не можеше да се крие.

Да, јас бев еден од говорниците на величествениот митинг на Граѓаните за Македонија на 17 мај 2015 година. И не говорев тогаш прв пат против режимот кој ми се закануваше и ме клеветеше во континуитет, почнувајќи од 2007 година. И не ми беше потребен СДСМ за да сфатам какво зло ја најавнало Македонија и ја дотерало до работ на бездната.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар Дојранлиев