На што сте алергичен, господине Груевски?

05.01.2017 02:10
На што сте алергичен, господине Груевски?

Не сум и никогаш нема да бидам новинар, што не значи дека како секој просечен човек кој за случувањата околу себе се информира од медиумите, не се разбирам во некои основни правила во журналистиката. На пример, во жанрот интервју и во основите на техниката на водење разговор со гостинот. Сум гледала и сум читала безброј интервјуа, некои повеќе, некои помалку успешни, ама она што во форма на разговор, пардон „мега интервју“ со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го објави магазинот Република на трети јануари, го гледам прв пат во животот. Вакво чудо, вакво „интранално потпикнување“ немам досега видено и не сум сигурна дека таква ерупција на додворување со соговорникот ќе најдете во Северна Кореја или Белорусија.

На пример, анонимниот новинар на Република (глеј чудо, текстот не е потпишан) го започнува интервјуто со естрадните прашања од типот – каде бевте за Нова година, дали малку се одморивте, која книга ја читавте и што најмногу ви се допадна во неа? Потоа следат прашања од доменот на здравствениот билтен - како со кашлањето, намаливте ли, секоја есен/зима ве слушаме како многу кашлате и дали ви открија на што сте алергичен, а крешчендото е еколошка тема – можно ли е да е тоа од загадениот воздух?(!!!)

И така, од „мега интервјуто“ ние, простите читатели, дознавме и осознавме дека Груевски за Нова година со семејството ја дочекал дома, а потоа скокнал на ден-два до Маврово, дека малку се одморил читајќи ја книгата „Повторно величествена“ од Доналд Трамп која била многу интересна и предизвикувачка, дека кашла поради некаква алергија иако на стандардните тестови за алергија бил негативен, но и дека е можно да кашла и искашлува поради загадениот воздух во Скопје.

Во натамошниот дел од „мега интервјуто“, кое според најавите ќе оди во неколку продолженија (???), дознавме дека Груевски, всушност најалергичен бил на вирусот наречен „Сорос“. Поточно на невладините организации, кои според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ сите до една се под контрола на соросовите фондации и, како што вели, „претставуваат модерна армија на корумпирани медиуми, новинари и политичари кои се во спрега со моќни странски медиуми и моќни странски влади кои работат за негови цели“ (мисли на Џ.Сорос м.з.). Верувале или не, тој Сорос да ти бил толку моќен што под своја команда имал дури и „моќни странски влади“ кои се намерачени да уриваат демократски режими. Како што е македонскиот под палката на ВМРО-ДПМНЕ, претпоставувам.

 

И тоа не е сè. Доскорешниот премиер алергичен на скопскиот загаден воздух, ширејќи ја тезата за опасниот вирус „Сорос“, на читателите на Република им ја открива најтајната тајна дека деструктивната машинерија на познатиот милијардер ’ршум правела и во Америка, од што јас како просечно информиран граѓанин, основано заклучувам дека 35-темина неодамна протерани руски дипломати од САД, всушност не биле руски, туку најверојатно Соросови кртови.

Кога ги споменав „кртовите“, не смеам да ја прескокнам ниту непрескокливата Мирка Велиновска, која истиот ден, на трети јануари, објави колумна која на некој начин ја доживеав како продолжение, толкување, интерпретација или превод на она што сакал да го каже Груевски, ама не го кажал, најверојатно од „пристојност“. Во текстот насловен како „Паднаа западните митови за црпнати спасители на глупи народи“, Велиновска на едно место дури и директно ги соопштува наредните чекори на ВМРО-ДПМНЕ (се разбира, доколку мало-морген формира влада). Повикувајќи се на предновогодишното обраќање на Ѓорге Иванов (кое нема да го коментирам од хигиенски причини), таа предлага итна акција на чистење на целиот безбедносен сегмент од „кртови, агенти, кариеристи партиски војници, дилери, заслужни криминалци и безрбетници“. А неколку реченици потоа, партиската пропагандистка на Груевски, директно ја соопштува стратегијата на партијата на Груевски, срочена во следнава реченица: „... МВР по налог на Обвинителството треба да поапси или да отвори истрага за оние за кои постои сомнеж дека работат на рушење на уставниот поредок и ја загрозуваат стабилноста и мирот на Македонија.“

И така, двете страни на истата паричка олицетворени во дуетот Груевски-Велиновска, синхронизирано, договорено, фингирано и испланирано, нам – предавниците од студентските и професорските пленуми, нам – соросоидите и хомосексуалците од Шарената револуција, нам – петтоколонашите и платениците од опозицијата, нам, кои во мнозинство се изјаснивме против владеењето на криминално-тоталитаристичката банда, ни ја соопштија нашата судбина. Ќе бидеме испоапсени и против нас ќе бидат отворени истраги.

Тука ќе застанам и нема да коментирам понатаму. Освен Tussis nervosa, невротична кашлица предизвикана од сите нас – на што друго сте алергичен, г-не Груевски?

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото