10 најнеобични теории во науката

05.01.2017 15:07
10 најнеобични теории во науката

 

10. Дрогите кои предизвикуваат халуцинации можат да помогнат во лечење на душевни болести

 

Истражувачи неодамна открија досега непознато, корисно дејство на некои од најозлогласените дроги. Посебно ги интересира употребата на халуциногените дроги во лечење на душевните болести. На Империјалниот колеџ во Лондон, научници го испитувале влијанието на ЛСД на мозокот и заклучиле дека оваа дрога може да се користи за развој на „терапевтски пристапи за разбивање на образецот на негативни мисли и за лечење депресија“. На друго место е откриено дека псилоцибинот, состојка во халуциногените печурки, е делотворен во ублажување на стравот и потиштеност кај пациентите заболени од рак во текот на шест месеци по земањето на една доза. А во експериментите со глувци, еден хемиски нус-производ настанат кога телото го разложува кетаминот, го поништил однесувањето налик на депресија, без да предивика какви било непосакувани последици, обично поврзани со дрогата. Сево ова придонесува за можен пресврт во разбирањето на тоа како ваквите дроги влијаат на човековото тело. Можеби наскоро посетата на лекар ќе значи и добивање рецепт за нешто што во овој миг би нè одвело право во затвор.

 

9. Таинствена далечна ѕвезда е опкружена од вонземска мегаградба

Во соѕвездието Лебед 1480 светлосни години далеку од Земјата, се наоѓа многу необична ѕвезда. Од KIC 846285 (или „Табина ѕвезда“, наречена по нејзиниот пронаоѓач Табетa Бојаџијан), допира час пригушена, час засилена светлина по необичен образец, сосема поинаков од сè што може да се види на други места во вселената. Досега се предложени бројни објаснувања, како што се роеви комети или планетарни градивни блокови кои можеби кружат околу ѕвездата, но ниедно во целост не може да го објасни нејзиното однесување. И додека се разгледувани и отфрлани различни можности една по друга, некои истражувачи забележаа дека сигналот бил во склад со една многу смела претпоставка - дека огромна вонземска мегаградба ја опкружува ѕвездата, можеби за да ја собира нејзината енергија. Теоријата првобитно е предложена на полушега, но како што минува времето, а многу поверојатни објаснувања се отфрлени, луѓето почнаа да се прашуваат дали таа претпоставка навистина може да биде прифатлива. Астрономите тргнаа во лов на вонземски живот, но досега не открија никакви сигнали од околината на ѕвездата кои би можеле да го потврдат. Сепак, не се откажуваат. Веројатноста дека сме нашле вонземјани е астрономски мала. Но, којзнае?

 

8. Сите сме вампири

Крвта на младите може да го забави текот на стареењето, да го забрза зараснувањето, па дури и лечењето на мозочните пореметувања од стареењето. Тоа не е заплет од некој научно-фантастичен роман, туку резултат од новото истражување под водство на д-р Тони Вис-Кореј од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Сепак, да биде веднаш јасно, тој досега работел само со глувци.

„Откривме дека чинителите на крвотокот во крвта на младите глувци се доволни да се забави или пренасочи текот или другите знаци на стареењето на мозокот кај постарите глувци“, вели тој. Со други зборови, постарите глувци, кои имале исти залихи на крв како младите глувци, се подмладиле: нивните мозоци, мускулите, панкреасот, црните дробови и срца почнале да работат како да им припаѓаат на помлади глувци. Вис-Кореј го открил ова додека трагал по белковина, биомаркер на Алцхајмеровата болест.

„Забележавме дека најголемите промени кај десетици набљудувани белковини дојдоа од стареење, а не од болест“, вели тој. Неговиот колега д-р Том Рандо претходно покажа дека крвта на младите може да ги подмлади матичните клетки кај остарените глувци, така што Вис-Кореј одлучил да испита дали и мозокот ќе има корист од истата постапка. И имал. На испитувањата во лавиринт, постарите глувци на кои им била вбризгана крвна плазма од млади глувци биле успешни како да се двојно помлади. Кога е испитано нивното мозочно ткиво, стручњаците откриле дека изложеноста на младата крв ја зајакнала врската меѓу невроните кои обично слабеат со годините.

Но дали овие резултати можат да се повторат кај луѓето?

„Планираме да го испитаме тоа на 18 пациенти со благи до умерени облици на Алцхајмерова болест, а се надевам дека нивното регрутирање ќе го завршиме до крајот на годината“, вели Вис-Кореј.

„Кога испитувањата ќе завршат ќе ги проучиме податоците. Цврсто верувам во клиничките испитувања и мислам дека не би требало да има какво било лечење без позитивен резултат од третата фаза на клиничкото испитување. Дотогаш, сметам дека никој не би требало да плаќа за инфузија на плазма.“ Но, дури и ако оваа постапка се покаже како успешна кај луѓето, таа веројатно има свои ограничувања.

„Биолошките системи се премногу сложени за да се одржуваат и обновуваат до недоглед“, вели Вис-Кореј. „Мислам дека ќе имаме ограничено влијание на некои, но не и на сите облици на стареење.“

 

7. Живите и мислечки суштества можат одненадеж да се појават - од никаде

 

Според квантната механика, вселенскиот простор е сè, само не празен. Благодарение на квантното бранување во енергијата, полн е со честички кои постојано настануваат и веднаш исчезнуваат. Начелно, од овие квантни промени можат да настанат групи честички како што е атомот на водородот, но и микробрановата печка или живиот, мислечки мозок. Во што е „финтата“?

Вселената би морала да биде бескрајно голема и да постои бесконечно долго за да може да се случи такво нешто. Таа замисла наречена „Болцманови мозоци“ според австрискиот физичар од XIX век Лудвиг Болцман, оди отприлика вака: иако веројатноста таквите настани да се остварат е сосема мала, таа не е еднаква на нула, не е сосема исклучена. Значи, теориски е можно во бесконечно голема вселена и во бесконечен временски период да се случи такво нешто.

Болцмановите мозоци би можеле да постојат на планетите, да лебдат во вселенскиот простор, би можеле да бидат каде било. Според некои пресмети, веројатноста дека постојат некаде во вселената е дури и поголема од веројатноста дека постојат суштества кои постепено се развиле преку природна селекција. Неволјата е што сè уште никој не видел некој Болцманов мозок. За одредени стручњаци таа теорија е нешто срамно и помеѓу космолозите се води расправа за тоа како точно физиката би можела да се ослободи од таканаречениот „проблем на Болцмановиот мозок“ - еднаш засекогаш.

 

6. Луѓето имаат неразвиено шесто сетило

 

Звучи како нешто од „Икс-мен“, но геофизичарот Џо Киршвинк верува дека можеби имаме шесто сетило кое ни овозможува да го почувствуваме Земјиното магнетно поле - на ист начин како некои птици - само сме заборавиле да го користиме. Затоа Киршвинк одлучил да изврши низа испитувања за да го докаже тоа. Длабоко под земјата, на Калифорнискиот институт за технологија, имал 24 доброволци. Додека им ги бележеле мозочните бранови, седеле во целосен мрак во еден Фарадеев кафез кој го запира продорот на електромагнетен шум од околината. Киршвинк потоа околу кафезот вклучил подвижно магнетно поле, со слична сила како што е магнетното поле на Земјата. Кога полето се движело во насока спротивна од насоката на стрелките на часовникот, тој забележал кај доброволците пад во мозочните алфа-бранови.

Овој вид пад обично се поврзува со работата на мозокот, што би можело да значи дека невроните на доброволците давале одговор на подвижното магнетно поле и дека биле во состојба потсвесно да го почувствуваат. Тие резултати сè уште не се потврдени од други истражувачи, но две лаборатории веќе работат на слични експерименти.

 

5. И сеќавањата можат да се пренесуваат преку нашите гени

 

Прилично е јасно дека во своите гени организмите носат и некој вид сознанија. Штотуку излезените морски желки веднаш ќе тргнат кон морето, додека бебињата кенгури ќе се качуваат во торбите на своите мајки штом се родат. Изразот кој го користевме за таквото однесување е „инстинкт“, но некои истражувачи веруваат дека е можно преку генетиката да се пренесува и повеќе од тоа. Тие претпоставуваат дека знаењето, вклучувајќи ги научените способности и правила кои управуваат со нив, исто така може да се вгради во нашиот генетски код.

„Постои голем простор на ДНК за складирање огромни количини податоци“, вели психијатарот Даролд Треферт, стручњак за проучување лица кои не добиле никакво формално образование, но се гении во некои области (savant).

„Целата Конгресна библиотека, на пример, може да се собере во парченце ДНК.“ Саванти се луѓе со пореметувања во развојот, како што е аутизмот, кои, меѓутоа, покажуваат завидни способности во одредени области. Можат да бидат музички генијалци, исклучителни уметници, да имаат фотографско памтење или да извршуваат сложени математички пресметки напамет. Треферт вели дека нивната способност да прикажуваат чудесни знаења, а пред тоа да не ги учат, е доказ за постоењето на „генетско памтење“, способност запамтеното да се пренесе на гените.

„Ние не почнуваме со празен диск“, вели тој. „Почетокот на животот со многу наследен софтвер важи за сите нас.“

Таа замисла не е нова. Истакнатиот швајцарски психијатар Карл Густав Јунг предложил теорија дека некои луѓе можат да допрат до „космичка свст“. И замислата за реинкарнација се занимава со слични начела. Ваквите теории денес не се прифатени, а владејачкото мислење му дава предност на „природниот“ начин на стекнување знаења. Сепак, постојат некои експерименти кои го докажуваат спротивното.

Научници од Универзитетот Емори обучувале глувци да се плашат од мирисот на цвет од цреша, така што добивале слаб електричен удар секогаш кога ќе го помирисале. По неколку повторувања, глувците почнувале да се ежат кога ќе го почувствуваaт тој мирис, без оглед на тоа дали повторно добивале струен удар или не. Тоа е и очекувано, но истражувачите утврдиле дека и следните две генерации глодари, чии родители биле обучувани да се плашат од мирисот сличен на цвет од цреша, го избегнувале тој мирис, иако никогаш не доживеале и придружен струен удар.



4. Првиот човек кој ќе доживее 1000 години е веќе роден

 

Ширум светот, околку две третини од сите смртни случаи потекнуваат од причини поврзани со стареењето. Во развиените земји, бројката расте до 90 отсто. Да ги заборавиме тероризмот, гладот, војната и маларијата - кога ќе се погледнат статистичките податоци, најголемиот убиец на светот е - староста. Во текот на милениумите научивме многу начини како можеме да живееме подолго, од изработка на орудија и употреба на огнот, до пишувањето, земјоделството, трговијата, научните постапки и така натаму. Денес новата медицинска технологија ни го продолжува животниот век по стапка од околу две години по деценија.

Но што ако можеме да ја зголемиме таа стапка над онаа по која старееме?

Тоа е прашањето на кое работи истражувачката фондација „SENS“ која во 2009 година ја основаше стручњакот за стареење Обри де Греј, и се обидува да го одговори. „SENS“ смета дека во човековото тело настануваат седум главни видови „оштетувања“ кои доведуваат до стареење: губење на клетки; мутација во митохондриите („фабриките за енергија“ во клетките); натрупување на белковини со „ѓубре“ во клетките; надвор од клетките; рак предизвикан од мутации во ДНК јадрото; бескорисни или штетни клетки кои не умираат и неумерено поврзување на различни белковини, што ја слабее врската помеѓу клетките во ткивото. За секоја од овие области „SENS“ развил барем еден можен начин на лекување и сега работи на организирање проби на луѓе.

Отприлика пред една деценија, Де Греј предвидел дека многу луѓе кои се живи денес ќе го доживеат својот илјадити роденден. Сега вели дека сè уште верува во тоа, а дека основната пречка на тој пат е недостигот од пари кои се издвојуваат за наука. Признава дека не постојат лесни патишта за постигнување на опипливо продолжување на човековиот животен век.

„Повеќе различни видови оштетувања можат да нè убијат, натрупувајќи се до висина кога телото повеќе не може да го поднесе тоа, а се бараат различни постапки за поправка“, објаснува Де Греј. Во светло на развојот на сè поистенчените медицински технологии, смета дека нема горна граница за должината на траење на човечкиот живот. „Тоа е како кај старите автомобили“, вели тој. „Автомобилите кои се одржуваат само онолку колку што бара законот имаат многу предвидлива горна граница на животен век. Но, ако вложите трошка дополнителен напор во нивното одржување, види чудо, сте им го продолжиле животот на неодредено време. Мислам дека никој не може да тврди дека автомобилите кои сега имаат 100 години, не можат да траат до 200.“

 

3. Сонцето има скриен близнак

 

Вселената е исполнета со бинарни ѕвездени системи, во кои планетите кружат околу повеќе од една ѕвезда во исто време. Но Сончевиот систем има само една ѕвезда, Сонцето, зарем не? Па, можеби и не е така, ако теоријата „Немеза“ е точна. (Немеза во грчката митологија е ќерка на божицата на ноќта Никта и богот на темнината Ереб. Таа е божица на одмаздата и казнувањето по заслуга.) Оваа теорија гласи отприлика вака: во последните 250 милиони години, Земјата доживувала општи изумирања на приближно секои 26 милиони години. Сите биле последица на катастрофални удари на комети кои во внатрешниот сончев систем ги „испраќала“ друга, мала ѕвезда во него, наречена Немеза - близнак на Соцнето. Немеза никогаш не сме ја забележале затоа што има слаба светлина и мала големина во споредба со Сонцето, а од наша перспектива се движи многу бавно.

Големи делови од оваа теорија се отворени за оспорување. Научниот консензус гласи дека сеопштите изумирања на Земјата всушност не се случувале во предвидливи циклуси и дека во трагите на кратерите на планетата нема докази за периодичност во ударите во неа. А тука е и фактот дека сме во потрага по небото со децении, вооружени со сите видови инструменти и дека тие никогаш не забележале ни трага од таква ѕвезда. Сепак, теоријата продолжува да живее, најмногу благодарение на неодамнешните откритија за Седна, џуџеста планета заробена на својата необична орбита околу Сонцето, исклучително далечна и издолжена. Според постоечкото сфаќање на Сончевиот систем, Седна не би требало да биде таму каде што е. Нешто не се вклопува, само не се знае што.

 

2. Човечката интелигенција се појавила како каприц на генетска мутација

 

Пред двесте илјади години, човечките мозоци биле значително помали отколку денес. Полека растеле околу три милиони години, а потоа нагло дошло до нивно значително зголемување - за околу 30 отсто. Зошто? Професорот Колин Блекмор, невробиолог од Универзитетот Оксфорд, смета дека сè потекнува од единката наречена „митохондријална Ева“, која живеела пред околу 200.000 години. Неговата теорија гласи дека голема и спонтана мутација во мозокот на митохондријална Ева, или една од нејзините роднини, значително ја зголемила силата на нашиот мозок. Тоа нè довело до степенот кој ни овозможил да најдеме излези од неволјите како што се големите суши и климатските промеи, кои инаку би нè убиле. Оттаму продолжила природната селекција. Последица од оваа теорија е дека хомо сапиенсот е производ на генетска случајност. Веројатно не е изненадување тоа што сите стручњаци не се согласуваат со ваквата замисла, а повеќето истражувачи веруваат дека нашите интелектуални способности се стекнати со постепена еволуција, развој. Но, ако Блекмор е во право, тогаш можеби сме виделе само назнака за она за што човечкиот мозок е навистина способен.

 

1. Животот ја создал вселената, а не обратно

 

Физичарите тврдат дека нивното поле на изучување е најосновната наука. Впрочем, секоја друга наука - биологијата, инженерството, хемијата и така натаму - зависат од супстанците, енергијата и физичките меѓудејства. Но Роберт Ланца, американски лекар и научник, верува дека тоа гледиште е наопачно и дека биологијата е главна наука која „владее“ во вселената. Својата теорија ја нарекол „биоцентризам“.

Почнувајќи од 2007 година, Ланца во своите дела ја заговара замислата дека свеста ја создала вселената, а не обранто.

„Биоцентризмот е нова теорија на сè “, вели тој. „Во тој поглед, животот и свеста се клучни за секое вистинско разбирање на вселената.“ Да го земеме, на пример, класичниот експеримент на двоен прорез, една од загатките на квантната механика. Ако се исука сноп електрони на два паралелни прореза, електроните патуваат низ едниот прорез, стапуваат во меѓудејство со електроните кои произлегуваат низ другиот и на екранот произведуваат образец на интерференција. Меѓутоа, тој образец се произведува дури и ако електроните се испукуваат еден по еден. Тие, се чини, делуваат сами со себе. Но, тоа не е сè. Ако набљудуваме низ кој прорез поминала секоја честичка, тогаш образецот повеќе не се јавува. Како честичките да престануваат да дејствуваат една на друга, зашто „знаат“ дека се предмет на набљудување.

Физичарите можеби допрва треба да го разјаснат овој проблем, но Ланца смета дека има одговор на него. „Како честичката може да го промени своето однесување, во зависност од тоа дали се набљудува или не? Одговорот е едноставен - стварноста е процес кој ја вклучува свеста“, вели тој. Истата логика важи и за „заплетените“ честички: појавата одредени квантни состојби на честичката да останат поврзнаи, без оглед на оддалеченоста меѓу нив.

„Како пар честички може моментално да се поврзе, ако тие се наоѓаат на спротивни страни на галаксијата? Така што не се наоѓаат - просторот и времето се само производ на нашиот ум“, вели Ланца.

На каков прием наиде оваа теорија? Некои стручњаци се прашуваат дали биоцентризмот некогаш ќе понуди некои предвидувања кои би можеле да се проверат со експерименти, додека други сметаат дека тоа е повеќе филозофска отколку научна теорија. Ланца не се согласува со тоа:

„Дури и заплетеноста на живите суштества наскоро би можела да стане предмет на научно истражување.“

 

Приредил: Г. Воиновиќ

Извор: Политикин забавник бр. 3385, 23.12.2016