Дали сте плашливец?

07.01.2017 13:20
Дали сте плашливец?

Уште една успешна револуција ... околу Сонцето. Честитки за сите кои сме тука, не беше лесно. Минатата година беше навистина динамична, полна со политички пресврти, нови конфликти и обновување на старите судири. Сирија, Путин, Трамп, Брегзит го мачеа остатокот од светот, а нас нè загрижуваа обвиненија, блокади, затворање на границите, шпиони, вооружување и чоколади. Но, овој текст не е за минатата година, туку за новата.

Дали сте плашливец?

Сериозно ве прашувам, можете да си одговорите во себе, знам дека за ова не зборуваме јавно. Дали сте плашливец? Не мислам дали ви е страв, или дали се плашите од иднината, карактерно ве прашувам:

Дали сте плашливец?

Јас сум. За многу работи. За работи што не сум ги правел порано. Се плашам од височини и од змии, иако тоа може да се нарече фобија, чувствувам кукавичлук. Но, тоа се неважни работи. Едно нешто што вистински ме плаши е конфликтот. Колку е поголем, толку повеќе се плашам. А ако се работи за физички конфликт, мојот хипоталамус едноставно подига бело знаме.

Триумфални победи

Тоа би можело да се оправда со тоа што цивилизираното општество е изградено врз основа на толерантни размени на мислења и агресијата е секогаш лошо решение, но факт е дека конфликтите се составен дел од нашата планета и да се бега од нив, всушност значи да се бега од светот.

Ве прашувам, затоа што ако имате чувство дека минатата година беше исполнета со катастрофални политички настани, мора да знаете дека за другата страна, годината беше полна со триумфални победи. Додека вие бевте згрозени, одмавнувавте со рака или бевте само нихилистички апатични, некој славеше. Некој почувствува дека дојде неговото време. Или, дека се враќа неговото време. Иако маса луѓе беа шокирани од невозможното, победниците возвратија: „Ви покажавме!“

Терористите покажаа дека можат да напаѓаат каде и кога сакаат. ИСИС покажа како може да се биде одметната криминална држава без никаква меѓународна поддршка и притоа да се одбегне каква било меѓународна интервенција. Русија покажа дека може територијално да се шири и во 21-от век. Америка покажа дека и на Кју Клукс Клан може да има свој претседател. Обединетото Кралство покажа дека не сака заедно со ЕУ да ги сноси последиците од своето колонијално минато и неодамнешните воени интервенции. Исто така, воведе најмасовно прислушување на граѓаните во историјата на светот. Полска покажа дека жените кои абортираат треба да бидат испратени во затвор.

Хрватска покажа дека „за Дом спремни“ не е навреда, ако целта не е да се провоцира. Исто така покажавме дека „антифашизмот е флоскула“. Србија покажа дека е нормално мафијата да ја води државата, дека полицијата никогаш ништо не знае. Македонија покажа како со фејслифтинг може да се промени целата историја на нацијата, а Босна и Херцеговина покажа како ништо не се покажува.

И не постои причина тука да престанат да покажуваат. Зошто би престанале? Ако ти оди добро, продолжуваш така да правиш. Не гледам ниту една причина 2017 да биде помалку проблематична од 2016 година.

Вулканска ерупција

И забележав нешто заедничко за сите овие луѓе кои ни „покажаа“. Тие се борат. Тие не се плашат да кажат што мислат, не се плашат да ги напаѓаат другите, не се плашат приватно и јавно да се организираат. Тие не се плашат да ги инвестираат своите време и пари во тоа за кое се борат.

Тие не бегаат од конфликт.

Тоа не значи дека тие се храбри, дека се во право или дека треба да им се восхитуваме. Тоа не значи дека нешто треба да научиме од нив, или да ги копираме. Тоа само значи дека постои конфликт во кој ние не влегуваме. Не само еден, туку и илјадници. Милиони секојдневни конфликти на улица, во автобус, во училиште, на работа, во медиумите. Конфликти со пријателите, колегите или семејството, од кои бегаме и се повлекуваме, мислејќи дека тоа се конфликти од минатите војни, во кои одамна сме победиле. Некои рудименти, слепи црева што само понекогаш се воспалуваат.

Не. Тие војни не се завршени. И можеме само да сме благодарни што денес повеќе се водат со зборови и избори, а помалку со оружје. Затоа луѓето беа толку шокирани од „Трамп“ и од „Брегзит“.

„Па, како е тоа воопшто возможно?!“

„Па тоа е отворен расизам?!“

Но, како можеме да бидеме шокирани? Се работи само за вулкански ерупции што вријат во нашето политичко секојдневие.

Се возите во автобус. Еден млад човек му вели на еден Ром: „Сите Цигани треба да се убијат. Вие не сте луѓе, вие сте животни.“ Што се случува следно? Возачот го застанува автобусот и го исфрла младиот човек? Една госпоѓа вика полиција заради нарушување на јавниот ред и мир? Останатите патници почнуваат да го напаѓаат момчето. Мора да смирувате еден крупен постар господин кој затнато шишти: „Зарем јас крварев во војната, за нашиот Устав, за ова мало гомно да шири расна омраза, забите ќе му ги искршам!“? Полицијата го пријавува младиот човек кај психијатар поради очигледна пореметеност?

Сите молчат. Не сакаат да влезат во конфликт. Го вртат погледот на другата страна.

А момчето да им кажеше:„Сите жени се курви. Сите црнци се мајмуни. Сите геј луѓе се болни. Сите Хрвати се стока“?

Не е важно, пушти ja будалата

Истото молчење. Молк насекаде. Молк на училиште, на работа, молк на улица. Бидејќи треба да се избегнуваат конфликти, особено овие баналните кога луѓето само зборуваат глупости. Па, во тоа нкогаш нема нешто сериозно.

И кога некој ќе одлучи да не молчи и да влезе во конфликт, тогаш на другите им е непријатно.

„Немој, пушти ја будалата.“

„Ма не е важно.“

Сакам да го да номинирам за слоган на 2016 година – „Ма, не е важно, пушти ја будалата.“

И ги пуштивме. „Будалите“ ги освоија автобусите, потоа и улиците, медиумите и изборите. Затоа што тие се бореа. Не затоа што се храбри или се во право, туку затоа што не бегаа од конфликт. Оној истиот што ние лесно им го препуштивме и предадовме. Гледавме на друга страна. И тогаш нè удрија. Sucker Punch.

И на почетокот на новата година, јас ве прашувам: „Дали сте плашливец?“

Јас сум. Но, се плашам дека веќе тоа не можам да си го дозволам.

Извор: balkans.aljazeera.net
Слики: Скот Брандиџ