Каков газда - такви шапшали

18.06.2010 16:41
naslovna-kakov-gazda-takvi-sapsali-02.jpg

Колку е полош газдата толку се поголеми шапшалите околу него.
Дашиел Хемет, Малтешкиот сокол

Некни во Основниот суд Скопје I судијката Љубинка Башеска ме осуди по наредба на Драган Павловиќ Латас. Фигурата, инаку, е општо позната; познато е и дека, дури и според стандардите на нашиот општествен хербариум, станува збор за многу отровен примерок кому треба да се приоѓа со пластични ракавици и гумени чизми. Нејсе - налетав како што се налетува на змија во камењарник. И ми спакуваа пресуда, по нарачка. Нарачката-наредба јавно беше изречена еден месец пред тоа во весникот „Вечер“. Еве како среде судење обвинителот Латас, како главен уредник на „Вечер“, со закани, манипулации, демагогии, извртени тези, дава налози како треба да се суди:

„Судијата Љубинка Башевска го прифаќа овој доказ како прилог на одбраната. Не ни дозволува да се утврди дека провокацијата ја нема (...) Башевска не згрешила туку-така. И лично, и по своето семејно потекло, таа е судија од комунизмот. Идеологија, на којашто пред Судот се повикува тужениот и вели дека го мотивирала Гелевски да пишува против Латас. (...) Судијката Башевска ги одбива сите забелешки на тужителот за доставените докази и наложува доказите да се изведат! За ваков превид, тројца судии последниве пет години се сменети од функцијата и завршиле на улица. Двајца од Основни и еден од Апелација. Можеби судијката Љубинка Башевска згрешила како последица на неискуство? Не, ни случајно, таа е судија подолго од деценија, а плус ваков очигледен превид забележува секој човек, а камоли судија. Судијката Љубинка Башевска е долгогодишен судија. Толку долгогодишен што е дел од екипата на идеолошки судии на СДСМ кои, по потреба, вршат работа кога се нивните интереси, и нивните луѓе во прашање. Како сега, со случајот Никола Гелевски. Таа потекнува од комунистичко судиско семејство, од времето на тврдиот комунизам, кое ни е добро познато, а чии опашки гледаме и денес.“

Што човек да каже на ова?! Која е нормалната реакција, освен стаписаноста?! Како да се именува ова злокобно заканување, кукавичките крикови од мрачната шума?!

„Притисок врз судот“ е благ израз. Но, последиците од ваквите шапшалски закани го осетив на суд: дури и правото на одбрана едвај ми беше дозволено! На суд Латас бурно и вулгарно го бојкотираше емитувањето на петминутниот инсерт од неговото гостување кај Јанко Јадибурек на 30 март 2009. Таа емисија, инаку, е казнено дело самата по себе, невиден говор на омраза и класичен пример на застрашувачко политичко-јавно манипулирање налик на медиумското произведување војна во бивша Југославија или Руанда. Петминутен дел од таа емисија беше приложен на судењето, во функција на одбраната, за да се оцрта профилот на „мегафонот од фиреровиот сокак“. Таа емисија не беше поттик да го напишам текстот за кој некни ме осудија, туку еден од безбројните прилози кои го разголуваат јавното дејствување на озлогласената тупаница на режимот.

Мојот текст, да појаснам и потсетам, беше политичка анализа заснована врз вредносни судови. Во тој текст ни со микроскоп не може да се пронајде намера за навредување или клеветање. Сосема обратно: текстот застана, пред сè и над сè, во одбрана на Уставот на Република Македонија! Дотолку е поневеројатна сегашната судска осуда на текст кој се залага за почитување на елементарниот уставен поредок на земјата, кој подразбира право на слободно собирање, слободно протестирање и слободен јавен говор. Текстот објавен на 31 март 2009 беше осврт на фамозното тепање на студентите на скопскиот плоштад и осуда на неконтролираниот говор на омраза кој тие денови го произведуваа режимските гласноговорници: Латас, Јадибурек, Бичиклиски и други.

Нејсе, пак велам. Се разбира дека не ме заплашуваат нарачаните пресуди од опскурните кругови кои од осамостојувањето работат на разбивањето на оваа држава преку нејзино претворање во мрачен пашалак на мрачни ликови од разузнавачко-политичко-новинарското подземје. Не се обесхрабрувам, иако сум свесен дека ние сеуште не успеавме да создадеме држава во модерна демократска смисла, т.е. систем на законодавство, политичко одлучување, судство и управување заснован врз еднаквоста пред законот и неутрален спрема „посебните“ општествени интереси. Не се обесхрабрувам, иако сум свесен дека во нашиот систем „посебните“ лични интереси и политичката моќ неразделно се испреплетени.

Не ме плашат ваквите закани и обиди за замолчување зашто верувам дека и мојата лична вистина и вистината за нашиот историски миг се наоѓаат токму во бескромпромисната борба со платениците, манипулантите, ловците во матно и злосторниците. Вистината за нивните злодела ќе остане, сеедно како суделе исплашените судии. Има една згодна анегдота за трајноста на она што некој сака да го уништи. Во италијанскиот затвор Сан Карло еден војник-социјалист во ѕидот со пишувалка врежал парола: „Да живее Ленин!“ Стражарите веднаш со свеж креч поминале преку секоја буква пооделно, но тогаш на валканиот ѕид добиле уште поистакнато, чисто бело „Да живее Ленин!“ Потоа еден ѕидар земал со нож, цел час, да ја гребе секоја буква од паролата - и така било добиено едно изрезбарено „Да живее Ленин!“ Авторот на паролата на цензорите им го дал најсоодветниот совет: во оваа фаза најдобро е ѕидот да се отстрани.

Со таа надеж и со таа волја, дека можеме да ги срушиме ѕидовите што нашата земја ја држат одвоена од цивилизираниот свет, продолжувам да се борам. Наспроти газдите и нивните шапшали.

линк до „инкриминираниот“ текст

Каде може да се вложи жалба

Каде може да се вложи жалба на пресудата?
Ај, тоа - каква казна е изречена?
Најважнo: што ќе се прави сега?

не само што ѕидовите не можеш

не само што ѕидовите не можеш никад да ги срушиш, се градат нови...поцврсти, подебели, појаки.
Може тебе ти изгледа ко борба...ама не...не можеш да се бориш...не сега и не тука

Јас (сиц!) викам дека мора да

Јас (сиц!) викам дека мора да се биде непокорлив.

 Ах Латас

 Ах Латас Латас...
 
Едноставно... Не "изедоа" сељаците... Едноставно е!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото