Птицата Чинг Веј го затрупува морето

09.01.2017 01:14
Птицата Чинг Веј го затрупува морето

Некогаш одамна живеел еден човек по име Шенг Нонгшр. Велат дека ја пробал секоја тревка и така ги пронашол лековитите билки. Луѓето ги научил да одгледуваат житарки, па го сметале за бог на Сонцето и му го дале името Јан Ди (Жаркиот цар).

Јан Ди имал ќерка која сакала да плива и затоа често одела на Источното кинеско море. Се викала Ну Ва.

Еден ден кога отпливала далеку од брегот, морето наеднаш се разбранувало и бесни бранови засекогаш ја однеле Ну Ва. Од морето излетала една мала птица, велат, нејзината душа.

Птицата била црна. На главата имала бело перје налик на круна, имала бел клун и црвени ноџиња. Само тажно довикувала: „Чинг Веј, чинг Веј“.*

Слушајќи ја како болно довикува, луѓето ја нарекле „птицата Чинг Веј“. Ја гледале како секој ден по безброј пати лета до Западната планина, зема во клунчето едно гранче или камче, ги носи и ги фрла во големото море.
И така ден по ден, месец по месец, година по година, сакала да му се одмазди на морето и да го затрупа.

***

Митолошкава приказна потекнува од збирката Приказни на планините и морињата.

За луѓето кои по секоја цена сакаат да ја довршат започнатата работа или да ги исполнат своите желби, дури и кога тоа е невозможно, се вели Чинг Веј тјен хај.

Исто така и за оние кои по секоја цена сакаат некому да се одмаздат.

*Чинг веј ‒ ономатопеја за цвркот на птица.

Слика: Zhou Shaofeng

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото