Демократијата е сериозна работа

09.01.2017 01:43
Демократијата е сериозна работа

ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците денес усвоија заедничка платформа која ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање нова влада.

Според мене, ова многу тешко може да се нарече  платформа за делување на сериозни политички партии кои имаат за цел градење демократски односи и создавање услови за владеење на правото.

Според мене, ова е неконзистентна и хаотична листа од замисли (од типот на мали Ѓокица),  желби и провокации ставени во обланда на социјално посакувани ставови која би требало да ја замени вистинската програмска понуда која овие конкретни партии треба да им ја дадат на граѓаните согласно реалните состојби и барањата и очекувањата на граѓаните.

Во листата наречена платформа, нема ни збор за одговорноста (било за минатите дејствија кои довеле до назадување во економијата, во здравството, во образованието, во правната сигурност, во општата безбедност, во чистата животна средина, во стандардот на живеење, кои довеле до масовно иселувањето од државата… кои се резултат на 10-годишното злоупотребување на власта, корумпирање на судството и администрацијата, неказнивост за криминалните активности на високи функционери во власта, било како одговорност која би се прифатила за идните дејствија).

Во листата наречена платформа нема ниту збор за партиципацијата на граѓаните. Нема ни збор за тоа дека ќе се слушнат барањата на граѓаните, дека ќе се бара мислење од граѓаните, дека граѓаните ќе бидат тие кои ќе го определуваат идното делување. Листата наречена платформа е октроиран документ кој им се наметнува на граѓаните и ги лишува од основното демократско право да влијаат врз процесите на одлучување.

Во листата наречена платформа нема ниту збор за зајакнување на контролните механизми врз власта. Оние независните, кои однадвор ќе ги проценуваат постапките на тие кои се на власт и кои ќе ги штитат правата и слободите на граѓаните.

Во листата наречена платформа, нема граѓани, туку има групи, нации, колективитети. Индивидуата е сместена во однапред поставена шема од која не смее да излезе.

Затоа пак во листата наречена платформа има многу недоследности, нелогичности, апсурди, контрадикторности.

На пример, под насовот „Постигнување на целосна рамноправност во согласност со Охридскиот Договор и Уставот“, се нудат решенија кои се потполно спротивни на одредбите на договорот и на Уставот.

* Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде Албанците се сметаат како државотворна нација, Поддржување на секаква правна и уставна иницијатива која ja зајакнува националната рамноправност за албанското население.

Мултиетничноста не е биетничност. Доколку само етничките Албанци се прогласат за државотворен народ наспроти сите други малцински етнички заедници, тогаш станува збор за биетничност, а не за мултиетничност.

Прогласувањето на етничките Албанци за државнотворна нација е спротивно на Охридскиот рамковен договор кој Македонија ја дефинира како унитарна држава (Основни принципи 1.2 Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат). Или се залагаат за оживотворување на Охридскиот рамковен договор или за некој нов договор.

Според Рамковниот договор и Уставот сите сме граѓани на Македонија и како граѓани, а не како различни нации.

* Постигнување на целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“.

Според Рамковниот договор „6.4. Низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик“. Значи, ако се бара спроведување на Рамковниот договор не може да се бара воспоставување на нов службен јазик.

* Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.

Ова е според мене апсолутно легитимно барање, меѓутоа, испуштена е обврската по направената промена на симболите на државата, да не се употребуваат симболи на други држави.

* Усвојување на Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956.

Овој став е едноставна провокација која може единствено да предизвика серија од меѓусебни обвинувања, вадење на приказните и легендите кои се шират во секоја етничка заедница, закрвување на луѓето и поттикнување на омраза врз национална основа.

Во една сериозна платформа би се побарало формирање на мешовити стручни и научни тела кои ќе направат истражување на минатото и ќе пристапат кон поставување основи за заедничко пишување на историјата.

Постигнување на економска рамноправност и на општествена благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој

* Создавање на нов механизам, во форма на една Државна Комисија за Финансирање на Општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.

Сериозни партии би побарале анализа на состојбата, натамошно развивање на општините и децентрализацијата и деконцентрацијата на власта, заокружување на фискалната децентрализација, зајакнување на општините со нови даночни решенија и развивање на контролни механзими  врз собирањето на даноците, трошењето на парите на граѓаните  и спроведувањето на законските обврски во секоја општина.

* Создавање на едно Министерство за Политички Систем и Односи меѓу Заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја.

Со обврска прашањата кои се однесуваат на заедниците да се концентрираат во ова министерство, а да се ослободи граѓанската димензија во секое друго министерство.

* Остварување на правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.

Во сериозна платформа овде би била содржана гаранцијата дека во овие органи ќе се негува лојалноста кон државата, заштитата на интересите на државата и заштитата на сите граѓани на Република Македонија.

* Остварување на правична застапеност во сите нивоа на централната власт како и во јавните служби или претпријатија со јавни акции.

Во сериозна платформа овде би била формулирана обврска со ова на никаков начин да не биде загрозена професионалноста и стручноста во овие органи, што би се постигнало со однапред дефинирани правила, процедури и критериуми.

Зајакнување на владеењето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес

* Спроведувањето на реформите во согласност со Договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската Комисија како и Препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.

Во сериозна платформа овде би била содржана обврска да се преземе сè што е во моќ на партиите на етничките Албанци да зајакнат контролните механизми и да бидат санкционирани сите прекршувања на правото посебно оние направени од високи функционери во власта кои припаѓаат на овие партии.

* Поддршка за непристрасно вршење на работата на Специјалниот Обвинител, без етнички и политички предрасуди.

Во сериозна платформа, би била дадена  поддршка на целосна реформа во правсудството и полицијата кои ќе обезбедат постепено исчезнување на потребата од СЈО (или пак би се создале услови за негово трајно вклопување во правосудниот систем со прецизно функционално поставување во рамките на системот).

Во една сериозна платформа би се барало  јавно презентирање на разговорите на високите функционери од албанската етничка заедница и процесирање на сите случаи на злоупотреба на должноста од страна на функционери од албанската етничка заедница.

* Целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот“, „Бродец“, „Монструм“ и „Куманово“ преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.

Сериозна платформа би застанала зад ставот дека анкетните комисии треба да ја утврдат инволвираноста на високи функционери во власта во овие случаи и дека секој од овие случаи мора да добие судска завршница пред независен и непристрасен суд.

Создавање на дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата

* Преземање на афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и локално ниво.

Добрите меѓуетнички односи не се градат со финансирање на албански културни институции на централно и локално ниво, туку со систематска работа во образованието, културата, науката, насочена кон градење на основите на мултикултурноста како базичен принцип.

Финансирањето на културна институција на една етничка заедница никако не може да доведе до подобри меѓуетнички односи.

* Создавање на една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и предавачи.

Со обврска за ратификација на Повелбата за регионалните и малцински јазици и градење на модел заснован врз оваа повелба кога станува збор за употребата и заштитата на јазиците.

Решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право

* Усвојување Заедничка и Обврзувачка Резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот со името.

Со обврска да се води грижа и да не биде загрозен етничкиот или јазичниот интегритет на етничките Македонци.

* Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

Со обврска да ги застапуваат заеднички изградените ставови на државно ниво, а не партиски ставови.

Добри односи со соседите

* Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.

Со обврска да ги застапуваат заеднички изградените ставови на државно ниво.

* Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.

Косово и Албанија не се ниту една држава, ниту една територија, ниту еден ентитет. Крајно несериозно и тенденциозно е поврзувањето на овие две држави.

Со секоја од овие држави постојат различни историски багажи, различни потреби и интереси и на различен начин треба да бидат третирани.

Во една сериозна политичка платформа овде би била ставена и обврската не само да се застапуваат заеднички изградените ставови на државно ниво, туку да се штитат интересите на граѓаните и на државата.

* Отворање на нови гранични премини.

Со обврска ова да се направи врз основа на претходно направени анализи и трајно утврдена потреба.

Брза интеграција во НАТО и во Европската Унија

* Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија.

Според мене, ова е новогодишна  желба, а не платформска определба.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk