„Германците малку се плашат од мене“

09.01.2017 03:50
„Германците малку се плашат од мене“

Краткиот филм на косовскиот режисер Албан Муја „Германците малку се плашат од мене“ е документарна приказна за најневозможниот лик – средовечен Албанец од Митровица со совршено наличје на Адолф Хитлер. Низ контактите со своето семејство, пријатели и соседи, гледачите дознаваат за најоткачената животна приказна што некој може да ја смисли – онаа на двојникот на нацистичкиот диктатор во 21-от век кој сега заработува фотографирајќи се со туристи и други странци кои поминуваат низ неговиот град. 

Во продолжение, пренесуваме кус разговор со режисерот на филмот.

 

Политичката коректност е стара, но сè уште валидна тема. Имаше ли проблеми да кажеш што сакаш со филмот, без притоа да ја преминеш границата на коректноста?

Многу размислував за тоа дека може да биде неразбрано, или дека нема лесно да се долови поентата и алузиите на филмот. Кога започнав со истражувањето, мислев дека ќе имам филм само заради тоа што тој го задржал фамозното име, што веднаш ме заинтригира, но кога го сретнав дознав многу повеќе од тоа. Низ неговата приказна сакав да прикажам нешто поважно од неговото лице и карактер, сакав да покажам друг вид преживување во град со големи економски и политички проблеми, после сите трансформации во политиката, економијата и општествениот живот. Сакав да го прикажам начинот на којшто тој се снашол да преживува. Неговиот имиџ му донел финансиска корист и тој приход не доаѓа главно од локалците.

 

Главниот лик во филмот во суштина е многу различен од неговиот славен двојник. Дали таа негова контрадикција ти беше позната пред да почнеш со снимањето, или веста пристигна подоцна?

Го сретнав неколку пати пред снимањето и секако дека бев свесен, затоа што во спротивно не би правел ништо со него. Ако ги поддржуваше делата на Хитлер, да речеме, немаше да го направам филмот, или во тој случај ќе направев од сосема различен ракурс. Мојата почетна идеја беше да ја испитам неговата одлука да го задржи своето име и зошто мисли дека е реинкарнација на вистинскиот Хитлер. Но, со овој филм најмногу сакав да го преиспитам системот, односно колку далеку сме подготвени да одиме заради економска корист.

Приказната за косовскиот Хитлер е многу впечатлива. Можно ли е ти да си првиот човек кој го препознал драмскиот потенцијал на човекот? Се чини дека е исклучително популарен меѓу пријателите, а и меѓу Митровичани... Можно ли е досега никој да не го препознае тоа?

Тој е дел од секојдневниот живот во неговиот град, но со оглед на тоа што луѓето го познаваат, тие знаат дека тој нема ништо заедничко со историскиот лик освен изгледот. Претпоставувам дека луѓето се помирени со тоа. Луѓето го препознаваат на улица, се поздравува со речиси секој кој ќе го види, од полиција до верници, па дури и ги поздравува малцинствата на нивниот јазик. И сево ова го прави и покрај неговото контроверзно лице, ужива голема почит во неговата Митровица, затоа што верува дека е добар човек. Тој дури кажува дека војниците од КФОР, мировната мисија на НАТО, му оддаваат почит со посети во неговиот дом од цело Косово само за да се фотографираат. Претпоставувам дека за овие луѓе, тој е само атракција од Митровица.

Секој град си крие вакви бисери од луѓе, иако некои се далеку посјајни од другите! Што го прави Емин најсјаен од сите?

Не мислам дека овој лик е најдобриот или најлошиот, таков е каков што е. Одлучив да ја следам неговата дневна рутина затоа што мислев дека има работи што може да ги сподели со мене и светот. Го следев со неговите пријатели и семејство и добив впечаток дека не се свесни кој е вистинскиот Хитлер, или само ќе кажеа дека знаат за многуте негови злодела, за разлика од оној Хитлер во Митровица. Дури и неговата куќа е станата знаменитост во Митровица и се користи како ориентациска точка на соседите и таксистите.