Човек кој сè уште не фатил грип се плаши дека проблемот е во него

10.01.2017 15:30
Човек кој сè уште не фатил грип се плаши дека проблемот е во него

Скопје, 9 јануари 2016

Марјан Михајловски, 37-годишен жител на скопската населба Лисиче, се пожалил дека воопшто не му е јасно зошто вирусот на грип во последните дваесетина денови упорно го заобиколува. Според неговите зборови, сите членови на неговото потесно и пошироко семејство биле погодени од епидемијата, како и голем број пријатели и колеги, само тој поминал дури и без обична настинка.

„Се плашам дека проблемот е во мене. Немам пологично објаснување. Сите од моето опкружување ги закачи оваа епидемија, освен мене, иако со нив поминував доста време. Помладата ќерка е последна во низата заразени, оздраве пред четири дена, а мене сè уште не ми е ништо, иако периодот на инкубација помина. Почнав да се грижам дека нешто не е во ред со моето здравје“, изјави Марјан за Пара вести.

„Отидов и на лекар, ги направив сите можни анализи и според сите резултати не постои ниту една причина и јас да не се разболам. Лекарите само одмавнуваат со главата, зашто и тие не сфаќаат зошто сум здрав, и ми велат да се стрпам, дека епидемијата ќе потрае и дека сигурно ќе добијам грип. Се надевав дека ќе ми дојде редот кога постарата ќерка ќе тргне на училиште, меѓутоа распустот сè уште трае и не знам што да правам. Навистина сум очаен“, вели 37-годишниот скопјанец.

Редакцијата на Пара вести консултираше повеќе лекари, кои му порачуваат на Марјан да не ги слуша докторските совети околу количината на течности што треба да се пие, како и начинот на облекување на ова студено време, па прашање на време е кога ќе добие грип.

Извор: Njuz

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото