Каранфилова Пановска за НОВА ТВ: Груевски манипулира и лаже (ВИДЕО)

11.01.2017 02:31
Каранфилова Пановска за НОВА ТВ: Груевски манипулира и лаже (ВИДЕО)

Извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество Македонија (ФООМ), Фани Каранфилова Пановска во интервју за НоваТВ посочи дека пораките на екс премиерот Никола Груевски насочени против Фондацијата се лаги, манипулации и тешка злоупотреба на полувистини и дека Груевски покажува сериозна опседнатост со теориите на заговор.

- Очигледна е тенденција за долго најавуваната чиста со неистомислениците да се случи доколку на сегашниот мандатар Никола Груевски му се укаже можност да формира влада. Тоа ќе биде вовед во тоа што тој го нарекува десоросоизација, односно укинување на фондацијата и невладините организации- рече Каранфилова Пановска.

Извршната директорка на ФООМ рече дека како Фондација не се размислувало за поднесување тужби за изречените лаги, бидејќи како што рече институциите во земјава се заробени, а судството работи во прилог на владејачката партија. Таа информира дека одделни членови на Управниот одбор на ФООМ кои се атакувани размислуваат да поднесат тужби.

Каранфилова Пановска информира и дека Сорос веќе го добил преводот на интервјуто за Република на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Џорџ Сорос го доби целосниот превод на интервјуто направен од наша страна, превод на еден дел прилози објавени на Сител, превод на интервјуто на Груевски за „Дневник“ и сето тоа е испратено во Фондацијата во Њујорк од каде сега се очекува реакција - рече таа.

Извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество Македонија говори и за инскециските контроли на ЅЈП на невладини организации.

-Загрижува фактот што има нова постапка, како што информираа на прес конференција од опозицијата, која се спроведува по налог на Управата за финасиско разузнавање, не знаеме кој е сè на списокот на овие 22 невладини организации и 42 физички лица за периодот од 2011-2016 година, што е една сериозна акција која за да се спроведува на таков начин требаат да имаат сериозен основ за таква постапка. Не верувам дека имаат таков основ но тоа е показател дека притисокот се зголемува и оваа власт која сака да го ограничи просторот за граѓанскиот сектор. Што се однесува до УЈП, Фондацијата подлежи на три ревизии годишно, кои траат од март до мај, и кога се „чешла“ работењето по разни основи. Резултатите од тие ревизии редовно ги објавуваме во дневниот печат и тие се видливи - рече Каранфилова Пановска.

Таа изјави и дека ФООМ донирала над 32 милиони долари во образованието, 13,5 милиони долари во јавното здравство.

Извор: Плусинфо