„Филмот е мртов“: Мартин Скорсезе вели - помладите генерации едноставно не разбираат

11.01.2017 05:05
„Филмот е мртов“: Мартин Скорсезе вели - помладите генерации едноставно не разбираат

Kанцеларијатa на Мартин Скорсезе на Менхетен, што се наоѓа на неколку блокови северозападно од силно обезбедуваната Трамп кула, најверојатно е најголемиот бастион на почитта за филмската уметност на лицето на Земјата.

Во неа има и мала соба за проекции, каде што Скорсезе на ќерка му и на пријателите им ги прикажува првичните снимки од неговите филмови и некои класици. Неговата лична библиотека се состои од илјадници филмови, многу од нив тој самиот ги има снимено пред неколку децении. На ѕидовите се наредени филмски постери. Полиците за книги се исполнети со филмска историја. А тука се и монтажните маси, вклучувајќи ја и онаа на која што Скорсезе и неговата долгогодишна монтажерка Телма Шунмејкер редовно напорно работат.

„Навистина, тоа е храм на обожување“, вели Шунмејкер.

Најновиот филм на Скорсезе, „Тишина“, ги спојува неговите две најголеми страсти: Господ и филмот. Скорсезе кратко време во животот сакаше да стане свештеник, но одлучи сесрдно да се посвети на правењето филмови, понекогаш мешајќи ги овиe две негови животни страсти.

„Тишина“ е искрен, автентичен, религиозен еп за језуитските свештеници (Ендру Гарфилд, Адам Драјвер) кој се случува во насилниот анти-католички 17-ти век во Јапонија.

Скорсезе планирал да го направи овој филм речиси 30 години. По една проекција на неговиот контроверзен филм „Последното Исусово искушение“ во 1988 година, еден бискуп му го подарил романот на Шусаку Ендо, издаден во 1966 година и сценариото за неговиот најнов филм се базира токму на оваа книга.

„Тишина“ ја истражува вербата и сомнежот, како и мистериозните дела на верата. Па и создавањето на овој филм беше едно такво дело по себе.

„Тоа дејствува надвор, можеби во тоа е и суштината на сето постоење“, вака Скорсезе говори за својата вера. „Во документарниот филм за Џорџ Харисон што го направив, „Живеејќи во материјалниот свет“, постои подобра дефиниција. Тој рече дека ако сакате да верувате дека Бог е еден стар човек со брада што живее на небото, тогаш тоа е ОК. Јас не би сакал да го релативизирам тоа мислење. Јас се чувствувам поудобно со христијанството. Но, што е христијанството? Тоа е прашањето и причината зошто го направив овој филм.“

„Тоа не беше лесна задача“. Вели 74-годишниот Скорсезе, кој веројатно е еден од најпочитуваните режисери во Холивуд, но „Тишина“ е речиси антитеза на денешните студиски филмови од Холивуд. За да го реализира овој филм, Скорсезе требаше да привлече повеќе странски пари во Кан, и на крајот го реализираше филмот со буџет од околу 46 милиони долари. Сите, вклучувајќи го и него, работеа во продуцирањето на филмот.

Денес постојат малку режисери кои прават филмови со обемот и амбицијата на „Тишина“. Тоа е факт, додава тој, што го прави да се чувствува како еден од последните од расата која е на одумирање во денешната филмската индустрија.

„Филмот е мртов“, вели Скорсезе. „Филмовите со кои јас пораснав, а потоа и создавав, умираат.“

„Кината секогаш ќе бидат тука за да го исполнат искуството на заедницата, во тоа не се сомневам. Но, каков вид искуство ќе биде тоа?“, продолжува тој. „Дали тоа секогаш ќе бидат луна парк филмови? Звучам како стар човек, што всушност и сум. На големите екрани, за нас, во 50-тите години беше важно искуството на гледањето филмови од разни жанрови. Гледавме од вестерни до „Лоренс од Арабија“, преку специјалното искуството со „Одисеја 2001“ во 1968 година. Искуство на гледањето на „Вртоглавица“ на Хичкок и „Трагачите“ на Џон Форд во „VistaVision“ формат.

Скорсезе говори и за пролиферацијата на слики и сè поголемото потпирање на површни техники како трендови кои ја намалуваат моќта на киното кај помладата публика. „Тоа треба да биде од животно значење за вас“, вели тој. „За жал, новите генерации не знаат и не разбираат зошто тоа е толку многу важно.“

Овие коментари на Скорсезе се како ехо на едно нежно писмо што тој го напиша до својата ќерка пред две години. Тој верува дека иднината на филмовите е во слободата со која технологија им овозможи на сите да направат филм.

Сметам дека телевизијата сè уште го нема преземено тоа место, додава Скорсезе, чија ТВ серија „Boardwalk Empire“ (Апсолутна власт) која тој ја продуцираше беше огромен хит од една страна, додека ТВ серијата „Винил“ беше откажана по една сезона. „Се обидов. Имав успех, до одреден степен. Во „Винил“ се обидовме за создадеме атмосфера за тој вид серија што сакавме да ја направиме - но поради природата на јазикот, дрогата, сексот, опишувајќи го светот на рокенролот на 70-тите години – како реакција, имавме многу отпор. Па, не знам за таква слобода.“

Со изборот на Доналд Трамп, некои изразија надеж за враќање на филмот од 70-тите чиј што синоним е и самиот Скорсезе.

„Ако младите луѓе имаат што да кажат и ако пронајдат начин да го кажат тоа преку визуелни средства, како и преку литературни, ете го новиот филм“, вели Скорсезе. Но, сегашната клима го потсетува повеќе на 50-тите години на неговата младост. „Загрижен сум за двојното или тројното размислување и комуникација, кое ве прави да поверувате дека имате слобода, но тоа може да ви одмогне да создадете филм, а потоа и да го прикажете и да ви ја уништи репутацијата. Тоа се случувало и претходно.“

Своето прво прикажување филмот„Тишина“ го имаше пред језуитските свештеници во Ватикан, пред средбата на Скорсезе со папата и овој гест е моќен исклучок од Холивуд.

„Тој сакаше да направи филм многу поразличен од кој било друг“, вели Шунмејкер, долгогодишната монтажерката на Скорсезе која работи со него уште од времето на „Разјарениот бик“. „Тој е едноставно преморен од оној бум- –трес-сплеш ефект и од тоа да ѝ кажува на публиката што да мисли. Скорсезе тоа навистина го мрази. Обидот и напорот да направи медитативен филм, во овој луд свет во кој што живееме во моментов, е неверојатно храбар чин. Тој сакаше да го означи филмот преку темпото и многу суптилното користење на музиката.“

„Колку филмови започнуваат без музика на самиот почеток од шпицата?“, додава таа. Скорсезе рече: „Тргни ги сите тие големи холивудски финти.“

Скорсезе, апостолот на филмот, ја продолжува борбата. Неговата филмска фондација ја помогна реставрацијата на повеќе од 750 филмови. Тој исто така редовно им пишува писма со поддршка на младите режисери чии филмови го восхитуваат.

Замислете си дека сте добиле такво писмо. Речиси како да сте добиле писмо од Бог.

Извор: National post