1026 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 06:59
Алкохолот се обвинува за бројни социјални проблеми, но му се оддава признание поради поттикнување на имагинацијата на уметниците и книжевниците.
А продавачите на алкохол се исто така креативни насекаде. И во германските пивници, и во белгиските пивари, и во кентакијските хотели.
Во Германија она што е под криглата е исто толку важно како она што е во криглата. Bierdeckels, подметачите од пресувана хартија кои се ставаат под секоја чаша се користат со столетија. Но, тоа не се само подметачи, известува Мелиса Еди од New Yorк Times.
Келнерите на нив ги бележат нарачките и пред затворање своите влажни подметачи му ги даваат на благајникот да им ја пресмета сметката.
Подметачите се толку застапени што се чини дека источната сојузна држава Саксонија одлучила да ги користи како политичка огласна табла, штампајќи подметачи кои ги апсорбираат гласините и стереотипите за бегалците „токму таму каде што тие најчесто и настануваат, со пиво, на шанкот“.
Во Германија подметачот е дел од историјата под кригла. Од другата страна на границата, пет векови старата белгиска пивара создава историја под улицата.
Halve Maan, односно „Полумесечина“, го создаде првиот легален пивовод во светот.
Пивоводот е отворен во септември и низ него поминуваат над 3.500 литри пиво на час, од пиварата во Бриж, до фабриката за полнење шишиња во периферијата на градот.
Овој цевковод бил решенија за неволјите на современиот сообраќај во Бриж, средновековниот град чии тесни улици годишно ги стопираат околу два милиони туристи. Гзавиј Ванест, директор на пиварата, изјавил за Тајмс дека превозот на пиво со цистерни станал прескап. Три километри долгиот пивовод вреден четири милиони евра би го решил проблемот, но пиварата немала пари, па се свртела кон друго досетливо решение – собирање мали прилози од голем број луѓе.
Повеќе од петстотини луѓе дале прилог привлечени од наградата. „Доживотно бесплатно пиво во складот со приложениот износ“ – вели Ванест. „Оној кој дал мала сума ќе добие можеби сандак пиво еднаш годишно за роденден, но секој кој дал максимален износ ќе добива бесплатно шише пиво дневно до крајот на животот“.
На Адам Сегер, бармен во еден хотел во Кентаки, му било лесно едноставно да ја измисли историјата.
Сегер е творец на коктелот „слибах“, наречен според хотелот во Лујвил кој се споменува во „Големиот Гетсби“. Сегер изјавил дека го пронашол заборавениот рецепт за некогаш прочуениот коктел на хотелот „Силбах“, мешавина од бурбон, кирасо, и пенливо вино.
Коктелот и замрсената приказна постигнале успех. Неволјата е само во тоа што приказната е невистинска.
„Ми се чинеше дека хотелот треба да има свој коктел“ – изјавил Адам Сегер за Тајмс. „Како може хотел во кој висел Скот Фицџералд да нема свој пијалок?“
Но, кога видел дека неговиот коктел се споменува во една книга, Сегер сфатил дека приказната отишла предалеку. По долгогодишно молчење ја признал вистината.
Кога Метју Вилингер, директор за односи со јавноста во хотелот „Силбах“, ја слушнал вистината од новинарите на Тајмс, одговорил дека „коктелот секако е дел од традицијата на хотелот, и дека тоа и ќе остане“.
Извор: New York Times