Контраспин: Груевски одново спинува за суштината за СЈО

12.01.2017 02:59
Контраспин: Груевски одново спинува за суштината за СЈО

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во подолго интервју за весникот „Дневник“ на 09.01.2017 ја даде следнава изјава што ја сметаме за спин:

 

Спин: Имав­ме пре­го­во­ри ле­то­то 2015 го­ди­на. Си­те 4 пар­тии се до­го­во­рив­ме и пот­пи­шав­ме од­ред­ба со ко­ја СЈО ќе има 18 ме­се­ци за ис­тра­жу­ва­ње и евен­ту­ал­но по­ве­ду­ва­ње об­ви­не­ние ако про­тив не­кој обез­бе­дат до­ка­зи. Ние ис­по­чи­ту­вав­ме сè од тој до­го­вор…

…Се­то ова го ка­жу­вам за да об­јас­нам де­ка не­ма прав­ни или суш­тин­ски пот­ре­би за про­дол­жува­ње на 18-те ме­се­ци на СЈО, ту­ку има по­ли­тич­ки пот­ре­би на над­во­реш­ни фак­то­ри за­ра­ди ос­тва­ру­ва­ње не­кои дру­ги нив­ни це­ли и ин­те­ре­си. Иде­ја­та за про­лон­ги­ра­ње на 18-те ме­се­ци не по­тек­ну­ва од СЈО. Тоа го знам, не го прет­пос­та­ву­вам.

 

Контраспин: Никола Груевски, како поранешен премиер, лидер на партијата што освои 51 пратеничко место и мандатар за состав на новата Влада на РМ, преку извртување на вистината уште еднаш потврди дека тој бега од правна разрешница на политичката криза во која се наоѓа земјата.

Од почетокот на последната криза, во јануари 2015 година досега, недвосмислено е утврдено дека кризата ќе се разреши на два начина на дејствување – политички и правен, кои мора да бидат синхронизирани.

Политичкиот предвидува договор и добра волја на четирите најголеми партии во претходниот состав на Собранието (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), за спроведување на договореното од Пржино и на т.н. итни реформски приоритети произлезени од Препораките од Извештајот на Рајнхард Прибе и спроведување на избори. Во еден дел од овие точки од политичките договори (од Пржино) и од препораките, беше и правно расчистување на аферата со прислушувањето и криминалните дела што ќе произлезат од огромниот број прислушувани телефонски разговори и стенограми од СМС пораки. Токму затоа беше формирано и Специјалното јавно обвинителство. И тоа требаше да ја има поддршката за цело време на своето постоење од главните политчки партии.

Но, таа љубов брзо заврши, уште на крајот од декември 2015 година, кога СЈО најави дека ќе ги ослободи од притвор оние обвинети од случајот „Пуч“ кои сè уште беа притворени, меѓу кои и првообвинетиот Зоран Верушевски. Оттогаш па до денес, критиките и нападите врз СЈО од страна на ВМРО-ДПМНЕ растеа и беа нотирани и во Стразбур и само се зголемуваа, за да стигнеме до точка кога лидерот на таа партија вели дека СЈО е експонент на странски интереси за спроведување на некаков план за продлабочување на политичка криза во Македонија, со само нему (Груевски), познати крајни цели.

НАМЕСТО СОРАБОТКА – ОПСТРУКЦИИ

Точно е како што вели Груевски, дека сите партии се договориле за рок од 18 месеци – во еден текст на „Вистиномер“, тогашниот посредник Питер Ванхојте сведочи како дошло до тој рок и за улогата на СДСМ во тоа – и тоа е сè. Целосен спин е дека тие, ВМРО-ДПМНЕ, го испочитувале целосно договорот и дека не биле вистина тврдењата за несоработката на институциите со СЈО.

Јавноста во земјава сигурно е подложна на пропаганда и заборав, но не дотолку за да заборави работи кои, така речено, вчера се случија.

Зарем јавноста заборави зошто СЈО мораше со полициска асистенција да влезе во Централниот регистар? Зарем заборави јавноста како директорот на Катастарот ги упатувал обвинителите и истражителите на СЈО да пребараат на интернет тоа што им треба, оти таму имало сè и немало потреба тој официјално да им одговара? Дека Финансиската полиција не ги дава или ги одолговлекува бараните информации, како што сведочат самите обвинители од СЈО, или дека истото го прави и Управата за безбедност и контраразузнавање. Зарем јавноста заборави какви сè ноќни драми ѝ беа прикажани пред зградите на МВР, кога СЈО сакаше да влезе во УБК за да ја земе со судски налог документацијата и дел од помошните сервери каде што се чуваа логовите на прислушкуваните телефонски броеви…

Или зарем Груевски мисли дека јавноста заборави како се однесуваше Основниот суд во Скопје кон барањата на СЈО, Советот на јавни обвинители уште при формирањето на СЈО, Јавното обвинителство, претседателот на РМ Ѓорге Иванов кој прогласи амнестија за многу лица под истрага или обвинети од предмети на СЈО, итн… И сега, Груевски фрла толку очигледен „прав в очи“ дека сето тоа не постоело, туку напротив, институциите од страв некој да не погрешел, дури во рекорден рок им ги давале бараните информации.

СУШТИНАТА Е ВО ВИСТИНАТА ЗА ЛАГАТА

Вториот голем спин во врска со ова прашање изнесено во интервјуто за Дневник е дека „нема правни или суштински потреби за за про­дол­жу­ва­ње на 18-те ме­се­ци на СЈО, ту­ку има по­ли­тич­ки пот­ре­би на над­во­реш­ни фак­то­ри…“

Јавноста се разбира не може да го знае тоа што го знае Груевски, за некакви странски центри на моќ за разбивање на Македонија, за разговори на Сорос со два премиера на земји од кои едната била членка на ЕУ а другата не, за мрачните сценарија на заговори против земјата и против „најпатриотската партија“ што ја води…

Се разбира дека не може да го знае, оти ниту еден одговорен политичар, како Груевски на пример, или Иванов, кој во годишното обраќање повторно спинуваше на таа тема, не ја испочитувал јавноста и со аргументи и докази не им го предочил тоа, иако граѓаните на РМ имаат уставно и законско право да бидат целосно информирани за сè што е суштински важно од аспект на нивната лична и безбедноста на државата во која што живеат.

Но, јавноста, т.е. граѓаните на РМ, многу добро ја знаат суштинската потреба да се расчистат прашањата какви што се оние за тоа кој масовно и незаконски ги прислушкувал и со тоа им ги кршел основните човекови права, кој ги лажел и под форма на фер и демократски избори а правел изборни измами, кој им продавал патриотизам со античките и барокните споменици за нивни пари, а во позадина преку процес на корупција дополнително ги пљачкосувал, кој побарал и дали земал провизии за изградба на автопати, кој наредил рушење со динамит на инвестиции од повеќе десетици милиони евра, кои после ќе се надоместуваат како отштета повторно од буџетот, кој наредил удирање шамари и нереди пред Општина Центар, кој уредник и сопственик на медиум како известувал за политичката реалност во државата и зошто пласира(л) пропаганда наместо објективна новинарска вистина.. Но конечно, јавноста, исто така, заслужува да знае како се заташка скандалот со „Сопот“, што е вистината за „Монструм“, како се преговарало за името, итн., итн…

Ете, тоа е суштината на постоењето на СЈО и насушната потреба на оваа земја за правна разрешница на кризата, подеднакво или уште поважна од политичкатаа разрешница. При формирањето на СЈО, ниту луѓето во СЈО, ниту тие што го пишувале Законот можеле да знаат прецизно што сè ќе прозлезе од праксата. Впрочем, тоа е нормална процедура на секоја влада па и на последната „вмровска“.

Ако Законот за градба можеле да го сменат повеќе од 20 пати за 6 години, ако најголемиот дел од законите ги носат по скратена постапка, зашто „праксата и потребите го покажале тоа“, зошто тогаш законот за СЈО не би можел да биде продолжен или, пак, зошто не би можел да биде изменет Законот за заштита на сведоци или Законот за почитување на приватноста, како што тоа го бара и СЈО, но е и обврска на Владата пред Советот на Европа, да постапи по препораките на Венецијанската комисија…

Оттука, исказите на Груевски во интервјуто за Дневник, а кои се однесуваат на СЈО, ги сметаме за недвосмислен спин. Можеби некому ќе му се чини депласирано повторно пишување на оваа тема и проверка на изјавите на политичарите, но сè додека тие го повторуваат и го шират истиот спин, сè дотогаш има потреба од повторување на истите факти и аргументи кои го докажуваат спротивното.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Били Даркарт