Знаат како

13.01.2017 03:20
Знаат како

Не знам дали нашион шутрак кој седи на претседателската фотелја веќе толку години ќе каже и нешто умно, колку за промена, кога ќе си заминува од функцијата. Не верувам, зашто имаше цели седум години да го направи тоа, и – ништо. Ни збор, паметен, се разбира. Од другите имаше едно чудо. Ова ми паѓа на памет читајќи го говорот на Обама на заминувањето од „Белата куќа“. Знам дека споредбите се парадоксални, ама, ако не повеќе, нели и нашиов шутрак е некаков професор по право?

Од целиот говор на претседателот во заминување Барак Обама, барем мене, парадигматична ми е реченицата: „Нашата демократија е под закана секогаш кога ја земаме здраво за готово“! И ако тоа го кажува претседател на држава во која што демократијата е светиња, мора да му се верува. А таа реченица веднаш се надоврзува на нашата ситуација, во која што ние, со скромно (некој ќе ме корегира во никакво, и ќе биде во право!) петнаесетгодишно искуство во практикувањето на демократијата помисливме дека таа е тука и тука и ќе остане. И дека никој не може да ја помести од основите на системот. И видовме што ни се случуваше од 2007 година наваму! Не само што ја зедовме демократијата здраво за готово, туку уште малку па ќе испаднеше дека ние сме ја измислиле. Не ни текна дека разноразни бараби чекаат во бусија, со кубурите и камите на готовс!

И уште една споредба за која што, исто така, знам дека е бласфемична, но морам да ја посочам зашто таа, на некој начин, е златната нишка на македонската „традиционална демократија“ (што и да значи тоа), на македонскиот „систем“ во изминатата деценија кога мислевме дека никој не може да ни ја украде демократијата. Веќе заминатиот екс-премиер кој сè уште бедно статира политички фактор во државава, во уште едно во низата негови многу „значајни“ интервјуа, овој пат за љубимиот му „Дневник“, на прашањето „Ка­ко ќе го спре­чите тоа ако нап­ра­ват ко­а­ли­ци­ја со СДСМ и си­те ал­бан­ски пар­тии?“, одговара: „Зна­ат во ДУИ ка­ко“!

Мислам дека овој валкан, перфиден, заканувачки одговор, тие четири збора срочени и искажани на тој начин, јавно, во интервју за дневен весник, е есенцијата на нашата десетгодишна голгота, на нашето целосно губење на демократијата и инсталирањето на тиранократскиот фашизоиден систем во македонска варијанта. Тие четири збора се самата суштина на начинот на функционирањето на оваа „држава“ во изминатата деценија, нејзино основно и единствено „вјерују“. Со тие „магични“ зборови беше држена во заложништво целата државна администрација, сите институции и поединци. Зашто, заканувачкиот (при)звук на тоа „знаат тие како“ порачува дека за секого има соодветен инструмент, точен „одговор“ доколку не се придржува до барањата / наредбите на врхушката. Само така, впрочем, и можел да функционира тој „систем“: врз мрежа на закани, уцени, присила, лага … токму како во мафијашките филмови за времето на триесеттите години во САД. И токму затоа во светот се прочувме како најсоодветен пример за сентенцата дека ако другите држави имаат свои мафии, нашата мафија си има своја држава!

Верувам дека овие зборови допрва ќе се земаат како основа за сите натамошни проучувања на инсталацијата на клиентелистичкиот систем кај нас и неговото одржување во живот токму на основите на уцената од типот „знаат тие како“. Зашто, ако газдата ви ги знае сите криминални дејанија, сите незаслужени привилегии што ви ги доделил, сите узурпирани функции и полнети банковни сметки, тогаш – што друго ви преостанува освен верно да служите „за вјек и вјеков“?!

Токму заради таквиот клиентелистички систем на владеење ни весникот каде било реализирано интервјуто со главниот газда не го прекинал истото и не му ја покажал вратата на интервјуираниот. Зашто, ако во еден таков дневен весник јавно пренесувате закани од тој тип кон една политичка партија, и тоа без соодветна реакција, тоа не е ништо друго туку кукавичко соучесништво. А ако на таквите отворени закани не реагира ниту политичката партија кон која што истата е упатена, тогаш тоа говори за тешка, длабока, первертирана логика на клиентелистичко однесување, сведочи за страв, но и за потенцијален криминал, говори за децениски купопродажни релации помеѓу коалициските партнери за кои што дури и не можеме да претпоставиме до каде, до кои нивоа задираат!

И, се разбира, клопчето на нереагирањето понатаму се одмотува по хоризонтала и вертикала, зашто никој не реагира на таквите отворени закани: ни обвинителството, ни разноразните агенции за борба против ова или она. Зашто сите се заплеткани во таа клиентелистичка мрежа, кој повеќе кој помалку, и за секого поединечно постои некој кој ќе ги каже зборовите „знае тој / таа / тие како“! И таквата констатација е ужасна и говори не само за степенот на узурпацијата односно поништувањето на демократијата во оваа држава, туку и за воспоставената мафијашка контрола на сите нејзини сегменти, од врвот – од оној шутракон кој го преспива и вториот мандат на Водно – до дното, до вратарот и хигиеничарката во која и да е државна институција! Зашто само така, по пат на уцени и заплашувања, може(ше) да се обезбеди целосната зависност на системот од една група криминалци.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото