1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
999 во Куманово, 996 во Битола, 885 во Гази Баба, 795 во Карпош и 763 кај Ректорат. Ова се највисоките измерени концентрации на штетните ПМ10 честички во воздухот синоќа низ Македонија, во најзагадениот период оваа зимска сезона.
Oбвинувања дека некој го крши Уставот се слушаат сè почесто. Но за еден член посебно, без посебна правна експетриза може да се утврди дека се крши веќе неколку години, секојдневно, дваесет и четири часа во денот.
Членот 43 од Уставот гарантира дека „секој човек има право на здрава животна средина“, а „Републиката обезбедува услови за остварување на ова право од граѓаните“. Не е потребна правна диплома да се поврзе дека овие норми брутално се газат од постојаното екстремно аерозагадување, кое понекогаш достига и до 20 пати над дозволениот максимум.
Правните повреди, повторно според Уставот, се заштитуваат на суд. Но граѓаните кои ги анкетиравме се скептични дека тужба против државата може некако да помогне во заштита на нивното здравје.
„Тоа право доаѓа некако на хартија, инаку за да го оствариш тоа право, ми се чини дека ќе треба да ти пораснат уши како на коза“, ни изјави еден граѓанин.
„Не функционира тоа кај нас. Тоа може во Шведска – таму и на лушпа од банана да се лизнеш ќе земеш отштета“, разочарано вели друг.
„Сум размислувала дали такво нешто кај нас постои. Доколку има нешто колективно би учествувала, зашто загадувањето навистина ми пречи на здравјето“.
„Која држава да ја тужиме? Има држава моментално?“, саркастично прашува жител на Скопје.
Еден од оние кои се обидоа преку судски процес да си го одбранат ова право е еколошкиот активист Игор Смилев. Во процесот „Велес против Македонија за историско загадување“, вкупно осум субјекти ја тужеа државата во првиот и единствен голем еколошки правен процес од независноста.
После многу потрошена енергија и пари, тужбата била одбиена на сите домашни инстанци, а на последната инстанца, во Стразбур, не ни дошло до судење – тужбата е отфрлена како некомплетна поради технички пропусти.
„Позитивното од целата приказна е што еколошката свест е на многу повисоко ниво од пред пет години. Ама сè уште не е доволно таквата свест да покрене еден цел судски механизам. Тука немаме проблем само со судиите туку и со државата, бидејќи никогаш не вложувала во екологија, ниту пак санирала последици од еколошко загадување, затоа што екологијата не е профитабилна“, објаснува Смилев.
Еколошки правни процеси не се новост во светот. Со помала или поголема успешност биле тужени институции и власти од Кина до Велика Британија. Смилев и покрај неуспехот посочува дека граѓаните не треба да се откажуваат од борбата за своите права, додавајќи дека прв би застанал со своето знаење и искуство во поддршка на еколошка тужба за енормното загадување.
„Апсолутно, Уставот ти го дава правото, со тоа што секој суд ќе бара докази и ќе направи сè материјално да го ограничи пристапот до правдата, но тоа не спречува да покренеме иницијатива зад која ќе застанат многу граѓани. Ако ништо друго, секој државен фактор со моќ на одлучување ќе може поуспешно да влијае врз еколошките процеси. Значи, апсолутно поддржувам да се бара судска разрешница во услови на најголемо и најбрутално загадување“, додава Смилев.
За судска одбрана на правото на чист воздух размислувале и во здружението Еко-свест. Ана Чоловиќ Лешоска вели дека минатата година поднеле тужби против повеќе општини кои не го имплементирале законот за квалитетен амбиентален воздух, но засега немаат добиено никаква разрешница.
„Правниот систем не е баш на наша страна. Оптужувањето го сметаме како последна точка, но ние сакаме да им подадеме рака на институциите бидејќи мора да постои координација – со граѓанскиот сектор, со експертите, граѓаните, институциите. Гледаме сите овие години дека ниту има координација, ниту има ефекти на терен. Така што во тоа треба да го инвестираме времето и напорот за да се променат работите, во спротивно гледам дека ова ќе се повторува и понатаму“, смета таа.
Правото на здрава животна средина е фундаментално право, вели Народниот Правобранител Иџет Мемети, додавајќи дека треба да се вложи труд тоа да се штити.
„Ние имаме проблем со менталитетот на граѓаните, имаме проблем со институциите кои треба да мониторираат и контролираат. Значи, државата мора многу повеќе да вложува во овој сегмент со цел добра заштита на животната средина“, смета Правобранителот.
Повеќе фактори, од граѓански организации преку опозициски политички партии, до здравствени експерти, во последниов период побараа итни и радикални чекори од надлежните државни институции за справување со загадувањето. Освен перопораките и понекоја локална мерка, институциите не наметнаа решение за поконкретно и долгорочно справување со аерозагадувањето.
Смилев вели дека секогаш е за притисок врз институциите и држење еколошка тензија, бидејќи тоа е единствен начин да почнат да се менуваат работите.
„Мораме да се бориме. Независно што битката е Давид против Голијат и што најверојатно однапред ќе биде изгубена. Преку правилно оформена тужба и притисок во однос на еколошките деликти, можеби нема да добиеме некој краен епилог, но тоа би се одразило во идното практицирање на власта во делот на еколошките политики“, порачува тој.
При вакво екстремно загадување, неколкукратно над максимално дозволените 50 микрограми ПМ10 честички на метар кубен, здравствените препораки се да не се напушта домот без посебна причина. А веќе дома, може да се прочита и членот 51 од Уставот во кој „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.
Извор: Радио МОФ