Звукот на кавалот го занесува и фениксот

16.01.2017 03:40
Звукот на кавалот го занесува и фениксот

Некогаш одамна живеел цар кој имал ќерка по име Нун И. Била убава и обожавала музика.

Една ноќ сонила чуден сон. Од југ по небото летал убав младич на Феникс* со најчудесни бои. Фениксот слетал на балконот од нејзината соба, а младичот извадил кавал, целиот од блескави рубини, и почнал да свири. Звукот бил толку пријатен што ја опил принцезата.

Утредента таа му раскажала на таткото сè што ноќта сонила. Царот веднаш ги испратил своите луѓе на југ, за да го пронајдат младичот кого неговата ќерка го видела в сон.

Во едно планинско село го пронашле младичот со кавалот. Се викал Сјао Шр. Веднаш го однеле на дворот. Царот многу се израдувал и го замолил да свири, а Нун И скриена слушала. Но овој звук бил уште помил и попријатен од оној што го слушнала на сон. Така го засакала младичот и набрзо се венчале.

Среќно живееле и секој ден до доцна во ноќта тој свирел подучувајќи ја нејзе на волшебната свирка. Една ноќ осветлена од месечината, додека Сјао Шр извлекувал чудесни звуци, на балконот слетале црвениот Феникс и Златниот змеј. Опиени од звукот долго слушале.

Тогаш Нун И седнала на црвениот Феникс, а Сјао Шр на златниот змеј. Занесени од љубовта и од прекрасната мелодија тие одлетале во далечен, среќен свет.

Кинеска бајка

Денес, Кинезите за големите и невидени љубови велат Џвеј ди јин фенг (Звукот на кавалот го занесува и фениксот)

*Во кинеската митологија птицата Феникс е симбол на среќата и мирот, а во некои митолошки приказни Феникс е жена на змејот.

Слика: Лу Је Гуанг

ОкоБоли главаВицФото