Битното е едноставно и прифатливо за сите

17.01.2017 00:23
Битното е едноставно и прифатливо за сите

- Битно е да се победат алчноста и агресивноста. Тие се клучните негативности и главни непријатели на сите граѓани во оваа земја, без разлика на нивната припадност.

- Битно е тоа што сите граѓани и граѓанки се еднакви под Сонцето. Тоа свети за сите исто, и не само за луѓето, туку и за целокупниот биодиверзитет и воопшто за целата планета. Затоа битно е Животот да се почитува, да се чува и унапредува животната средина и сè што ќе се гради понатаму да биде во таа насока.

- Затоа Сонцето е најубав симбол за која било Земја, а уште повеќе за една земја како Македонија.

- Битно е да не се дозволи небитните работи да ги поклопат битните во шумата на заблуди, поматена свест, страв, гнев, бес, алчност, агресивност, омраза, неукост, глупост, националшовинизам.

- Сите луѓе се битни, сите култури се битни, сите народи се битни и сите јазици се битни. Затоа во оваа Земја треба да се проучуваат сите јазици, а културата, обичаите на сите луѓе без разлика на нивната припадност или посебност да се унапредуваат. Не смее да постојат супериорни култури наспроти инфериорни култури, супериорни јазици наспроти инфериорни јазици. Сите луѓе, народи, култури, јазици и обичаи кои постојат во оваа земја се подеднакво битни, убави и вредни.

- Бидејќи градот Скопје е во катастрофална состојба по проектот Скопје 2014 и потребно се барем пет до десет години да се размислува како да се поправат грешките, битно е да се дислоцира местото во кое ќе се случуваат битни нешта за оваа земја и нација.

- Ете, може да се предложи Струга да биде привремен главен (уметнички) град на Македонија.

- Струга се предлага за нов главен град затоа што тоа е град на поезијата! А, зарем има нешто побитно на овој свет од поезијата? Сите уметници, дизајнери, поети, режисери, писатели, музичари, сите креативни потенцијали да се преселат во тој град и да го дадат најдоброто од себе овој град да се преобрази во интернационален град на поезијата. Од таму да се шири ново уметничко чувство за нацијата. Значи, поезијата, креацијата, убавината и светлината се темелите на кои треба да се гради македонската нација.

- Во таа смисла, битно е манифестацијата Струшките денови
на поезијата да се реорганизира, редизајнира, значи да се третира како проект во кој ќе се случува фузија на сите уметнички стремежи и универзални дострели во оваа земја. Битно е да се негува Духот на Струшките вечери на поезијата, но и формата на оваа манифестација треба да биде и израз на духот на времето (во визуелна смисла, како перформанс, како инсталација, дизајн, музика, култура на живеење итн.). Верувам дека Г-дин Села со задоволство ќе го прифати овој предлог! Како Струга нема друга! Па нема, белки, кич-реториката на Платформата на албанските партии да ја преферира во однос на еден ваков сеуметнички проект.

- Најбитно е за тој струшки проект или за кој било уметнички проект што ќе се реализира понатаму да не смеат да одлучуваат политичари, па и една мала група теоретичари, туку пред сè уметниците. Значи, битно е чувствата на уметниците да се почитуваат, тие да бидат напред и да водат во сите акции.

- Битно е да се знае дека сè додека себичните потреби, личните приоритети се побитни од заедничкото, општото добро, нема да се напредува. Сè додека универзалните принципи како мирот, слободата, хармонијата, рамноправноста и универзалните квалитети - разбирањето, топлината, соработката, љубовта сочувството, емпатијата не завладеат, нема да има напредок. Со други заборови, сè додека не се победи алчноста и агресивноста, нема да се напредува во оваа земја. Затоа во овој момент битно е да се открие едноставната идеја и универзална доблест која ќе ги спои сите во Идеал за една земја и нација.

- Битно е да не се дозволи комплицираните чувства и идеи да нè
поклопат и дефокусираат со својата тривијалност, баналност и небитност во овој момент. Исто така, битно е стравот да се победи. Човекот е во страв кога е роб на лажни авторитети, а тоа е така затоа што универзалните вредности не ги прифатил вистински да владеат во и со неговиот живот. Лажните авторитети (одредени структури на моќ) владеат преку неукоста; наметнувањето страв е нивен длабински метод во спроведувањето на власта, главниот мотив секогаш е алчноста, а стилот е агресивноста.

- Битното радува, едно-ставно е, чисто и нерасипано.

- Битно е да се најде едно-ставна Форма и формулација прифатлива за сите, во која ќе бидат сплотени универзални вредности и кавлитети за да се надмине кризата. Односно, токму кризата да се искористи, Моментот, да се влезе во повисок статус.

- Од сè најбитна е Земјата. Под „Земја“ се подразбира Визија за Живот во кој се остваруваат стремежите и идеалите за убавото, доброто и вредното од сите луѓе кои живеат во неа.

- Најголем број граѓани и граѓанки во оваа Земја веќе многу добро ги знаат овие работи, политичарите мораат да ги спроведат. Политичарите мораат да го препознаат Моментот и да бидат инструмент во реализацијата на стремежите за унапредување на Животот во секоја смисла во ова земја.

Слики: Татјана Миљовска

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото