Месечниот егзил на жените во Непал

17.01.2017 04:24
Месечниот егзил на жените во Непал

Ранга Јоши (42) ја дели нејзината „чау“ (импровизирано рудиментирано засолниште во кое жените се заробени за време на менструалниот циклус) со Мину (14) Мину споделила со фотографката дека се чувствува малку посигурно, бидејќи постарата жена била сместен во истото засолниште. Непал, 2016 година

Во изолираниот западен Непал, каде што Хималаите го чешлаат небото, девојките своето детство го поминуваат како што тоа го правеле со генерации, плашејќи се да пораснат.

Пубертетот започнува со месечен егзил. Заостанатите суеверни практики поврзани со хиндуизмот, наречени Чаупади, го сметаат менструалниот циклус кај жените за нечист и период кој носи лоша среќа, правејќи ги недопирливи. Жените во менструален циклус се протерувани, често во шумите во кои спијат во сурови услови, колиби или пештери, пркосејќи им на екстремните временски услови додека ги демнат предатори, од змии до силувачи. Таму тие остануваат сè додека траат нивните цикуси, неколку дена во месецот, и тоа мораат да го прават до 35-40-годишна возраст.

Ретко, обично само кога смртта напаѓа, оваа пракса, забранета од страна на Врховниот суд на Непал во 2005 година, стигнува до јавноста. Минатиот месец, 15-годишно девојче се задушило од чад откако за време на нејзиниот менструален егзил во засолништето запалила оган за да се затопли. Овој трагичен настан се случил само неколку недели откако 21-годишна девојка починала на ист начин. Нивната смрт генерираше милион наслови во текот на само еден ден.

„Да, нешто лошо се случи кога се обидов да влезам дома додека крварев“ - ѝ рекла Маја на фотографката. „Ако останам дома, татко ми ќе се разболи и сите ние ќе се разболиме. Потоа додала: „Исплашена сум од странци кои доаѓаат овде и од змии. Исплашена сум и од момчињата кои доаѓаат да ме малтретираат. Тие не разбираат што е тоа, продолжуваат да нè малтретираат“. Непал, 2016 година.

Поуломи Басу, документарна фотографка и новинарка, сака да го претстави Чаупади на начин што ќе опстои, ќе се вреже во меморијата и историјата. Фотографката со денови престојувала во густата дивина каде што се случува практиката за да ги најде жените во егзил, да ги слушне нивните приказни и да ги сподели и рашири.

Г-ца Басу поминала три години, од 2013 година до 2016 година, документирајќи ги жените за време на нивниот месечен притвор, за да ги открие опасностите и тешкотиите кои Чаупади ги создава во сиромашните земјоделски села. Портретите, пејзажите и деталите во нејзиното портфолио од Непал насловени „Ритуал на присилно прогонство“ нудат нарација за Чаупади која го остава гледачот вчудоневиден и погоден од маките на жените.

„Моето семејство ми дава облека и храна кога сум во чау“ – раскажува четиринаесетгодишната Лакшми. „Тие не ме третираат премногу лошо, но ми велат да останам подалеку од куќата“. Басти, Ахам, Непал, 2016 година.

„Ритуал на прогонство“ ја прикажува суровата реалност на жените затворени во мали дупки во услови на дивата, бујна природа, пејзажи обично поврзувани со убавина, слобода и авантура. Портретите ја разголуваат болката која жените ја трпат, обично во тишина. Одгледани да ја прифатат својата состојба, без приговор, жените ѝ раскажувале на г-ца Басу за маките кои се повторуваат од година во година. Таа документирала приказни на жени и девојки киднапирани и силувани, каснати од змии, изгребани од чакал, жени кои гладувале со денови, ничкосани од температура, изгорени од огнот за затоплување. Тие ѝ раскажувале и за случаите на киднапирања и убиства.


Некои селани веруваат дека венчавањето со девојки пред тие да ја добијат првата менструација ќе му овозможи на потесното семејство да оди на небесниот рај по смртта. Aнџали Кумари Kанг (12) ѝ рекла на фотографката: „Не сум среќна. Не сакам да се омажам. Се надевам дека мојот сопруг ќе добие работа во странски град. Тогаш ќе можам да се враќам во домот на мајка ми и да останувам онолку долго колку што ќе сакам.“ Еинрева, Саптари, Непал.

Покрај средбите со жените во менструален циклус, г-ца Басу имала средби и со жените во затвор однесени таму веднаш по породувањето, кои исто така се сметале за нечисти и биле сместени во колиби со нивните бебиња. Басу била сведок на една млада девојка претепана од страна на исцелител откако побарала помош за треска и болка за време на менструацијата. (Присуството на девојчето во домот во тој период, како што ѝ било кажано на г-ца Басу, би можело да предизвика пожар во куќата, да привлече гладен тигар кај добитокот или да разболи некој кој се наоѓа во нејзина близина.)

„Бидејќи имаме само една соба во куќата, би било невозможно за нас да останеме дома, па затоа мора да одиме надвор“ – вели Танка Тапа (25) со нејзиното девојче доенче, која била болна во текот на периодот на прогонство. Басти, Ахам, Непал, 2016 година.

Г-ца Басу гледала како жените се борат за ракатка сув ориз фрлен кон нив од далеку. Запознала и жени кои биле принудени да работат тешки работи во затвор, како што се кршење на камења за употреба во изградба на патишта или сечење и превоз на дрва на долги растојанија преку лоши терени.

Практиката Чаупади, иако е екстремна, ѝ звучела малку познато на г-ѓа Басу, која пораснала со Хинду религијата во Калкута, Индија. По пубертетот, нејзе ѝ било забрането да присуствува на религиозните фестивсали или да влегува во кујна додека ѝ трае менструалниот циклус. Ниту пак, ѝ било дозволено да се занимава со креативни хобија или да патува низ светот. Сето тоа ѝ било забрането сè додека не починал нејзиниот татко кога таа имала 17 години. Дури тогаш можела да ја напушти својата ограничена, од работничката класа животната средина и да ги истражува можностите во животот.

Сарасвати на носилка, откако станала неспособна да се движи и се онесвестила. Имала висока температура по долги периоди на живеење во егзил по породувањето, а покрај тоа имала проблеми и со менталното здравје. Непал, 2016 година.

Конечно, откако се истакнала како самоука фотографка со помош на нејзиниот стар Nikon FM2 од нејзиниот татко, г-ца Басу стекнала магистратура за уметност во Лондонскиот колеџ за комуникација. Во 2012 година ѝ била доделена стипендија од Фондацијата за човекови права „Магнум“, во Њујоркшкиот Универзитет, на школата за уметност Tisch. Честа која ѝ била укажана ја потврдила нејзината љубов кон фотографијата и нејзината страст за социјална правда.

Проектот „Ритуал на прогонство“, кој го завршила со помош на наградата доделена од „Магнум“ и фондот Prince Claus, беше финалист на фондот В. Јуџин за хуманистичка фотографија во 2016 година. Г-ѓа Басу (33), го нарекува прво поглавје на еден проект кој спојува повеќе култури.

Ума (14) во нејзиното засолниште. Таа спие на купишта сено. Нејзината мајка ѝ раскажала на фотографката дека Ума не кажала никому кога почнал нејзиниот месечен циклус, од страв дека ќе биде протерана. Тие откриле по третиот ден, бидејќи истрчала по облека за да го прикрие крварењето, по што била испратена да спие на сено во плевната каде што семејството ги чува животните. Тој настан го одбележал нејзиното полнолетство. Басти, Ахам, Непал, 2016 година

„Сакам да ја раширам идејата за тоа како низ целиот свет жените се замолчени и подредени, користејќи ја религијата, традициите и обичаите“ – вели таа.

Раните слики од проектот „Ритуал на прогонство“ се искористени од страна на WaterAid, меѓународна непрофитна организација која помага во воспоставување на одржливо снабдување со вода и работи на безбедни хигиенски практики во земјите во развој, во својата кампања „To Be a Girl“. (Фотографиите помогнале да се соберат пари за подобрување на хигиената при менструалните хигиенски услови на жените во Непал и Индија.) Г-ца Басу разговарала за проектот на радио емисии и нејзините фотографии биле прикажани на неколку фестивали и изложби на фотографија. На крајот, таа се надева дека „Ритуалот на прогонството“ ќе стигне до младите луѓе кои можат да помогнат да се промени светот.

„Идеално би било да можам да соработувам со академци и да се создаде учебник каде што не само што ќе се зборува за родово насилство, туку учебник во кој всушност ќе може да се види како сето тоа навистина изгледа“ - вели таа. „Ние пораснавме во машки свет, борејќи се и страдајќи, и сакам младите жени да читаат за тоа. Сакам сите тие приказни да бидат дел од нашата историја“.


Шумски пожар во ноќта. Во текот на пеколната жештина на летото, пожарите во Ахам се многу чести. Тие понекогаш ги палат колибите чау, убивајќи ги нивните заспани станари. Суркет, Непал, 2016 година

Извор: lens.blogs.nytimes.com