Писмо до германскиот преведувач

19.01.2017 03:22
Писмо до германскиот преведувач

...И така завршивме: се радувам поради тоа, задоволен сум од исходот, и благодарен сум ви, а воедно и малку тажен. Сфаќате, тоа е единствената книга која сум ја напишал, а сега кога завршивме со преведувањето на германски, се чувствувам како татко чијшто син станал полнолетен и си заминува, па тој повеќе не може да се грижи за него.

Но, не станува збор за тоа. Вие сигурно воочивте дека Логорот за мене, и фактот дека пишував за Логорот, беше важна авантура која длабоко ме промени, ми подари зрелост и причина за живот. Можеби тоа е претприемчивост: но ете, денес јас, затвореникот број 174 517, благодарение на вас, можам да им зборувам на Германците, да ги потсетувам на она што го направиле, и да им кажам „жив сум и би сакал да ве разберам, за да можам да ви судам“.

Не верувам дека човечкиот живот нужно поседува некоја конечна цел; но ако мислам на својот живот и на целите кои до сега си ги поставував, само една препознавам јасно и свесно, и тоа е токму таа да донесам сведоштво, да го направам мојот глас достапен на германскиот народ, да му „одговорам“ на Капо кој ја бришеше својата рака од мојот грб, на доктор Панвиц, на оние кои го обесија Последниот (станува збор за ликови од романот „Дали е ова човек“) и нивните наследници.

Сигурен сум дека не сте ме разбрале погрешно. Никогаш не сум негувал омраза кон германскиот народ, а ако тоа се случеше - ќе оздравев од неа откако ве запознав вас. Не сфаќам, не поднесувам на човек да му се суди не според она што е, туку според групата на која случајно ѝ припаѓа.

Но не можам да кажам дека ги разбирам Германците: имено, нештото што не може да се сфати претставува болна празнина, убод, трајно чувство кое бара да биде смирено. Се надевам дека оваа книга ќе има некаков одек во Германија: не само поради честољубие, туку и затоа што природата на тој одек можеби ќе ми помогне подобро да ги разберам Германците, да го ублажам чувството.

13 мај 1960

Извор: I sommersi e i salvati, Torino: Giulio Einaudi, 1991

Примо Леви (Торино, 1919-1987). Зема активно учество во Втората светска војна како антифашистички партизан. Во 1943 година е фатен од фашистите и, бидејќи е Евреин, депортиран е во Аушвиц. Искуствата кои ги има преживеано во нацистичкиот логор ги преточил во низа дела од кои најпознато е „Дали е ова човек“ (1947, на македонски го објави Сигма прес во 2012), кое почнува да го обмислува уште додека се наоѓа во логорот. Меѓу најзначајните дела на Леви се вбројуваат: „Примирје“ (1963), „Периодичен систем“ (1975), „Клуч во форма на ѕвезда“ (1978) „Ако не сега, кога?“ (1982), „Потонатите и спасените“ (1986).

ОкоБоли главаВицФото