Робот во македонска фабрика станал свесно битие, погледнал околу себе и се убил

20.01.2017 08:57
Робот во македонска фабрика станал свесно битие, погледнал околу себе и се убил

Скопје, 20 јануари

Робот во македонска фабрика за производство на ветер и магла, накратко станал свесно битие, но набрзо го завршил својот краток роботски живот кога сфатил во какви услови работи, соопштуваат од фабриката.

Очевидците на настанот тврдат дека, откако оживеал, роботот почнал да им се заканува на работниците дека сите ќе ги убие.

„Машината се закануваше дека ќе нè повреди, но му објаснивме на раоботот дека работиме во тешки услови и дека дури има шанса да ни ја затворат фабриката. Тука за миг застана, но набрзо продолжи со своите закани споменувајќи дека ги памти сите наши неквалификувани ракувања со него и удирања кога не сме можеле да го вклучиме“, раскажува детали од настанот еден од очевидците, работникот Мирко Најдовски.

„Дури откако му спомнавме дека не планираме да штрајкуваме иако не сме добиле плата година и пол, роботот застана, се сврте околу себе и само кратко изговори ’О Боже, зошто не се родив во Јапонија’. Потоа го зеде пиштолот за пакување на маглата и пукаше во себе“, раскажува нашиот соговорник.

Роботот бил примен во локалната работилница, но сервисерите не можеле да го спасат и тој набрзо починал. Од фабриката жалат за загубата на еден од своите најдобри роботи.

„Квалитетната јапонска машина беше проектирана да прима одреден број команди и информации. Очигледно дека преголемата количина конфузни податоци кои роботот ги доби од работниците влијаеше на тоа да си го одземе животот. За жал, во Јапонија е изразен култот на самоубиство штом ќе се наиде на некој животен проблем“, заклучуваат во раководството на фабриката и додавааат дека наместо овој робот, ќе се вратат на рачно пакување, кое се покажало многу поефикасно, зашто работниците не мудруваат многу додека работат, за разлика од него.

Извор: www.njuz.net